Јапонскиот производител и за новите генерација на Land Cruiser ветува подобрена издржливост и надежност, иако оваа теренска легенда и досега се издвојуваше во тие критериуми. Секако дека Toyota нема да зборува за нови бои и материјали во својот имиџ-болид. Сепак се сменети многу работи во новиот Land Cruiser од серијата 300.

Новиот Land Cruiser од генерацијата J300 изненади со изгледот, со силно нагласените стилски елементи и генерално со храбрата појава. Вревата околу дизајнот брзо спласна. Како и да изгледа Land Cruiser, светот пак ќе го воздигнува и почитува, како еден од ретките и еден од најспособните теренци во автомобилската историја.

Јапонскиот производител ги направи овие промени во дизајнот на теренската икона, имајќи предвид дека тој ќе продолжи да ја живее својата слава и во ерата на електромобилноста. Овој изглед е верно да се нарече модерна класика.

Промените во новиот Land Cruiser од серијата 300 се обемни и сеопфатни. Затоа, во овие летни услови, значајниот модел на сцената ќе го опишеме само со наведување на фактите и на основните податоци.

Новиот модел се продава во Јапонија од 2-ри август, во моделска изведби ZX и во GR Sport, со бензински мотор.

https://photos.app.goo.gl/rJz3xWsLbKT37Axa8

Од првата Toyota BJ од 1951 година, досега се испорачани 10,6 милиони возила од оваа моделска серија. Годишно се продаваат по 300.000 нови примероци (вклучувајќи ги Lexus LX и GX), во 170 држави ширум светот.

Серијата 300 е комплетно нов модел, во замена за претходничката „200“, што својата премиера ја имаше во 2007 година.

Водечката цел беше да се создаде возило што лесно ќе се движи по најразличен вид патишта и теренска конфигурација. LC 300 е спој на „наследство и еволуција“ и „едноставно возење и тешко заморување“.

LC 300 и натаму користи носечка рамка и каросерија поставена врз неа, со таа разлика што конструкцијата на рамката е приспособена за платформата GA-F, како дел од TNGA-архитектурата што во различни варијанти ја користат сите модели на Toyota.

Со користење нова технологија за заварување е зголемена цврстината на рамката (+20%), додека тежината на каросеријата е намалена за 200 килограми.

Хаубата, покривот и вратите се изработени од алуминиум; Погонската спрега е поместена 70 mm наназад и 28 mm надолу.

Со овие зафати е спуштено тежиштето и постигната е одлична распределба на тежината меѓу двете оски. Подобрени се возните својства и перформансите, намалена е потрошувачката на гориво.

Предната оска користи две триаголни водилки, назад работи класична крута оска со надолжни водилки. Сменета е положбата на задните амортизери заради подобар комфор и стабилност.

Новиот модел поседува приспособлива амортизација (Linear Solenoid Adaptive Variable Suspension AVS), со можност секој амортизер да се контролира различно (стандардно во ZX и GR Sport)

https://photos.app.goo.gl/DxL5LjSzPWNHxeZE9

Управувањето користи комбинација од хидраулична и електрична сервоподдршка. Додавањето електрика е со цел да се овозможи работа на систем за следење лента, односно полу-автопилотирано возење.

Електронско пренесување на притискањето на педалата за соипирање врз сопирачките.

Во нивото ZX (за Јапонија) стандардно се вградува торсен – заден диференцијал со блокада.

Преку Multi Terrain Select може да се избира меѓу шест програми за возење: Auto, Dirt, Sand, Mud, Deep Snow и Rock.

Multi Terrain Monitor – четири камери, напред, назад и отстрана, му овозможуваат на возачот да добие преглед за просторот околу возилото

Новина е Underfloor View – за прикажување на просторот под возилото, со тоа што сега каросеријата станува „невидлива“ и возачот директно ги гледа предните тркала.

Нов бензинец 3,5 V6 твин-турбо со 415 КС и 650 Nm, со директно впрскување, прскалки со повеќе отвори, долгооден, оптимизиран за брзо согорување и висок вртежен момент уште при најниски вртежи.

Дизел 3,3 V6 со преправки во комората за согорување во челото на клипот, во вшмукувачките канали и во инјекторите, твин-турбо, со 309 КС и 700 Nm.

Автоматски менувач со 10 степени за двата мотори.

Должината на возилото и меѓуоскиното растојание се непроменети, исто и аголот на пристап и на излегување, како и аголот на рампа.

Предните седишта се поместени поназад и соодветно е сменета позицијата на двата реда седишта назад

Горниот дел од арматурната табла е рамен за возачот да може да има целосен преглед на просторот околу и на евентуално сменетите услови на теренот. Шест инструменти: Брзиномер, бројач на вртежи, гориво, температура на вода, притисок на масло и напон.

За пријатен воздух во кабината се грижи nanoe X, стандард во секој LC.

Во повисоките нивоа се вградува средишен дисплеј од 12,3 инчи.

Вратата на багажникот може да се отвори со замавнување со стопало под браникот.

Копче за старт на моторот со скенер за отпечаток на прстот, може да се меморираат отпечатоци на повеќе возачи.

По пример на „цивилните“ модели е достапна изведба GR Sport, усовршувана и развиена на Дакар Рели, според препораките од возачите на Toyota на релито. По 2023 година, тимот Land Cruiser TOYOTA AUTO BODY планира да учествува на релито со болид врз основа на GR Sport.

Рамката се изработува во Хонша, додека завршната монтажа се одвива во Јошивара, во Toyota Auto Body Co., Ltd.

https://photos.app.goo.gl/ebUn6BDAe4E3btZcA

https://photos.app.goo.gl/E8EdEanb2fD2hrEs8

https://photos.app.goo.gl/RkrXTzLHrNmRx5Qh6

https://photos.app.goo.gl/6TN7wbripfpGU1FKA