Броењето на продажбите на нови автомобили на македонскиот пазар уште е во минатата година. Според првичните податоци за продажбата на автомобили до ноември, извесно е дека Македонија ја заврши 2023 со повеќе од 5.000 продадени нови автомобили. По надминувањето на светската криза со микрочипови, Шкoда сé почесто се појавува со свој модел на врвот на македонскиот пазар. Во ноември, тоа беше Скала.

Најпродаван модел на македонскиот пазар на еден месец пред завршувањето на минатата година била Шкода Скала. Чешката марка регистрирала 25 продадени нови автомобили. Кога таа бројка ќе се додаде на претходно продадените возила, се доаѓа до вкупно 149 примероци од моделот што е голем колку Голф, а чини колку Поло, за периодот од јануари до ноември.

На Киа во ноември ѝ успеа „стинт“, да притисне врз гасот на Спортаж и повторно да го издвои во трката за најпродавани модели на македонскиот пазар во ’23. Од бестселерот на Киа до ноември се продадени 184 примероци од Спортаж, вклучувајќи ги ноемвриските 20 примероци. Лани моделот за малку ја пропушти шампионската титула, откако Корола се избори за првото место.

Годинава не е различно, со тоа што Тојота Корола е со три возила пред Киа. Во ноември сепак биле продадени само 5 примероци, што е далеку од динамиката својствена за јапонската лимузина. Доколку Спортаж го задржи ноемврискиот залет, извесно е дека годината уште еднаш ќе му припадне на моделот за кого менаџерите во македонската Киа велат дека прераснал во своевиден подбренд на Киа.

На третото место, повторно Шкода. Името на моделот е далеку од непознато, Камик во октомври изби на првото место. Вкупно 160 возила до ноември, заедно со 17-те возила во претпоследниот месец од минатата година.

Хјундаи Тусон има четиркратен раст во ноември, со 16 возила што веројатно се од тендер. Поинтересно е враќањето на Ситроен на високите места во продажбата на македонскиот пазар, каде што Ц3, Ц4, во генерациите пред воведувањето на „вонредната состојба“ со бугарскиот увоз на стари автомобили, редовно ги пријавуваа симпатите што нашиот пазар традиционално ги негува кон француската марка.

Пет најпродавани модели на македонскиот пазар до ноември, во трка за најпродаван модел во 2023 година

Тојота Корола 187
Киа Спортаж 184
Шкода Камик 160
Ситроен Ц3 158
Фолксваген Поло 157

На Ц4 му припаѓаат 14 возила во ноември, и вкупно 106 возила за единаесет месеци. Фиат Дукато го дели петтото место со Цитроен. Шести е уште еден модел на Хјундаи, и10, кој го дели местото со Тојота Ц-ХР.

Пријатно изненадување е тоа што статистиката конечно реши да ги води и продажбите за Пежо. Станува збор за неофицијална статистика, што Аутомедиа мора да ја обезбедува од надворешни извори, во отсуство на сериозно водење на продажбата на македонскиот пазар на рамниште на иституција. Французите за ноември пријавуваат 12 примероци од СУВ-моделот 2008.

Сите добри нешта доаѓаат во тројка, па така и кај Шкода. Трет модел на чешката марка во Топ 10 е „историската“ Фабиа – ако се има предвид низата што влече корени уште од некогашната Фелициа и тоа што моделот во сите фази на развој на македонскиот пазар беше на врвот. Ноември 12 возила, годината со ноември 74 возила.

Сузуки Витара е уште едно освежување во статистиката. Јапонската марка редовно постигнува продажби за во Топ 10, но неофицијалната статистика постојано пропушташе да го пријави тоа. Витара во ноември ја зголемила продажбата за една третина и со 12 продадени возила е на 9-то место, заедно со РАВ4 и Фолксваген Поло.

Ситроен Ц3 си зеде малку починка во ноември и со 8 продадени возила во ноември го заокружува македонскиот топ 10. Затоа, пак, францускиот модел што годинава ќе добие наследничка, се трка за третото место за цела 2023 година, со Камик и Поло.

Најпродавани модели на македонскиот пазар во ноември 2023

Марка и модел

Возила

Шкода Скала 25
Киа Спортаж 20
Шкода Камик 17
Хјундаи Тусон 16
Ситроен Ц4 14
Фиат Дукато 14
Хјундаи и10 13
Тојота Ц-ХР 13
Пежо 2008 12
Шкода Фабиа 12
Сузуки Витара 12
Тојота РАВ4 12
Фолксваген Поло 12
Ситроен Ц3 8
МГ ЗС 6
Тојота Корола 5
Рено Клио 0

Објава на Аутомедиа · https://automedia.mk/objavi/mk-noemvri-23-modeli/