Тоа е фраза со којашто почнуваат важни заплети во холивудски филмови и таа гласи приближно вака: Не се добива втора можност да се остави прв впечаток. Првото што човек ќе го искуси по седнувањето зад воланот на Skoda Karoq е мошне познато чувство во возење. А, тоа чувство се нарекува – германски автомобил.

Добрата вест во овие времиња кога се менуваат многу нешта во автомобилизмот, почнувајќи од најсуштинското, од збогувањето со моторите со внатрешно согорување, па завршувајќи со системите за автономно возење, тоа е веста дека германските автомобили уште постојат. „Германското“ секако не значи дека тоа мора да бидат автомобили произведени некаде на потегот од Хамбург до Минхен и не мора секогаш да биде Mercedes, AMG, Audi, BMW, Porsche, туку значи првенствено дека тоа се автомобили што се развиени и изработени според германската школа.

Постои нешто во начинот на којшто автомобилите од оваа школа го пренесуваат до возачот тоа што се случува меѓу гумите и асфалтот, постои нешто уште помоќно во начинот на којшто каросеријата останува „непотресена“ од дејството на силите на странично забрзување, во начинот на којшто подвозјето некако ги апсорбира силите на инерција и дозволува слаломските маневри да бидат уживање, како танго да се танцува со колaва. Значи, сепак не е сé до коњските сили и до тоа дали било подобро климата да има физички контроли или да се ракува преку дисплеј. Има нешто и во автомобилот.

По малку е „проблем“ тоа што Skoda не е германска марка и Karoq не е германски автомобил, туку е 100% чешко создание – или е барем блиску до сто. Но, пак нешто влече кон германската страна. И покрај тоа што Skoda е чешка марка, историска и тоа, и покрај тоа што Karoq се произведува во Квасини од 2017 година, тој сепак е прв модел на Skoda што се произведувал дополнително и во Германија, во Оснабрик, поради високата побарувачка.

Сцени од турата што ја извозевме до Голак, Делчевско

Колку што во Skoda има германска техника, толку има уште повеќе чешка душа. Таа душа ја прави смислата на постоењето на марката. Нештата во Skoda добиваат екстра вредност и смисла. Името на пример, Karoq, носи посебна приказна, исто како што е случај со Kodiaq или со Kamiq. Тоа влече потекло од Алутитите, староседелци на Аљаска, кои на својот јазик, за автомобилите велат дека тоа се Каа‘raq. Стрелата, пак, којашто е главен елемент во логото на Skoda, на истиот тој јазик се нарекува Ruq. Овие два збора, споени го даваат името на Karoq, наследник на Yeti, модел од компакт класа, поставен меѓу големиот Kodiaq и малечкиот Kamiq. Во Млада Болеслав си ги сакаат автомобилите.

Sportline, којашто се води како посебна варијанта, не како ниво на опрема, учествува со 16 проценти во вкупната продажба на Skoda Karoq

Во овие пет години, Karoq го познаваме како просторен автомобил, со шампионски багажник, модел што во Skoda ги воведе дигиталните инструменти, којшто се докажуваше со бројни практични детали, меѓу другото и со приспособливата задна клупа Varioflex. За на имиџот на моделот да му дадат дополнителен профил, менаџерите на Skoda кон крајот на 2018 година ги пуштија двете посебни моделски изведби, динамичната Sportline и повеќе теренски ориентираната Scout.

Karoq за малку подолго од две години донесе 250.000 купувачи во Skoda. Низ годините постојано се случуваа моделски освежувања, главно во системите за асистенција и во конективноста, а првото големо моделско освежување се случи кон крајот на минатата година. Млада Болеслав го гледа Karoq како „носечки столб на понудата од модели“ и јасна е причината за тоа. Во 2020 година и во првата половина лани, Karoq беше најпродаван СУВ на Чесите. Вкупно половина милион примероци дотогаш. До март 22, бројката порасна на 566.000 примероци. Подобро од Karoq минува само Octavia. Тоа е уште еден факт во прилог на Octavia, којашто е редок исклучок, лимузина денес да се продава подобро од СУВ.

Денешниов Karoq се разликува од моделот пред освежувањето во прилично многу подрачја. Маската е поширока е повисока, со шестаголна форма и со остри агли, врамена подебело и во целина е многу повпечатлива и попретставителна. Светлата се потенки и долниот раб е изведен скалесто, а соодветно на тоа и дневното светло сега е дводелно. „Вторите“ светла се поголеми од претходно и се свртени, со шпицот долу, место горе. Големиот отвор за воздух долу сега завршува со аеро-елементи.

Целосен приказ на внатрешноста на спортската варијанта на Skoda Karoq

Голема промена има и назад, со мошне воочлива разлика: Додека порано назад имаше лого, сега таму стои напишано името на марката со раздалечени букви. Името на моделот е префрлено лево. Светлата се многу поелегантни, со сменета графика што ги издолжува и со значително смален продолжеток надолу. Браникот е сменет, има и додадени крилца во горниот раб на задното стакло, веднаш под кровниот спојлер, којшто исто така е издолжен. Во комбинација со целосно обложен под и со тркала со аеро-елементи, освежениот Karoq го сече воздухот за 9% полесно од порано.

Верзијата Sportline е како посебен свет од нивоата Ambition и Style. Тука целата маска е лакирана во сјајна црна боја, матричните диодни светла се стандард, завршетокот на предниот браник е лакиран во бојата на каросеријата, тркалата од 19 инчи со нов дизајн Sagitarius се во антрацит боја и се полирани, со аеро-додатоци, на предните крила мошне ефектно стои плочка Sportline, капите на ретровизорите, рамките на прозорците и кровните шини се лакирани во сјајна црна боја.

Чешките дизајнери успеаја додавајќи му спортска нота на Karoq да направат СУВ-моделот да биде уште попретставителен

Задните стакла се затемнети, целосно диодните задни светла имаат динамични трепкачи, задниот дифузор е црн, исто како и буквите што го испишуваат името на марката, браникот е лакиран во боја на каросерија и има различен дизајн. Во споредба со Style, арките на крилата се лакирани место црни, исто како и проширувањата на страничните прагови. Тоа создава многу поразлична и попретставителна појава на Sportline. На оваа варијанта би ѝ прилегало и име Premium или Luxury.

Внатрешноста на Sportline е во „мотоспорт“ црн тон, вклучувајќи го таванот и облогите на кровните столбови. Седиштата се спортски, со интегриран потпирач за глава, и материјалот им е посебен. Skoda вели дека тоа е ThermoFlux, материјал што има 4,5 пати повисока пропустливост на воздух во споредба со обичните, придонесувајќи за попријатно чувство при долго возење. Штеповите на сите страни се изведени во сребрена боја. Истото важи и за спортскиот волан со натпис Sportline. Доза благородност внесуваат панелите во сјајна црна боја, како и панелите во вратите со изглед на карбон. Плочки на праговите со натпис секако дека не смее да недостигаат, а педалите имаат алу-плочки. Амбиенталното осветлување прави разлика.

Порше Македонија ја испорачува Skoda Sportline на македонскиот пазар во три погонски изведби. Бензинецот со 190 КС останува специјалитет за спортската варијанта на Karoq, заедно со менувач DSG7 и погон на сите тркала. Тоа е новото правило во гамата на компактниот СУВ, кој сака погон 4х4 или менувач DSG, ги добива двете во пакет. Дизелот во тест-возилото е 2.0 TDI со 150 КС и единствено тој се нуди во комбинација со мануелен менувач и погон напред.

Дизелот сé уште звучи убаво и ја има предноста што не ја зголемува потрошувачката премногу при побрза динамика на возење

До кабината доаѓаат само најпријатните тонови од дизелот, убаво оркестрирано и точно темперирано. Тоа што дополнително учествува во создавањето на впечатокот за германски автомобил е моќното повлекување на моторот, дури и во последната третина од работното подрачје, кога дизелите неретко почнуваат да губат здив. Целата таа германска школа се заокружува со вешто парирање на подвозјето при силно забрзување. На волан се стекнува чувство, како масивната сила на моторот се пренесува целосно врз подлогата и Karoq забрзува како да се движи по шини. Сето тоа се резимира: Ова подвозје и оваа каросерија можат да издржат уште поголема моќност и подржуваат подинамично возење.

Динамиката исто така спаѓа во категоријата на германски автомобил. Karoq Sportline не е автомобил со којшто се јури на право и пред свијоци се забавува до почетничко темпо, туку е машина што го совладува патот со манир на гран-туризмо. Дизелот и натаму се докажува како способен двигател. Вистина е дека бензинците денес можат да постигнат примерно ниска потрошувачка на гориво, на ниво на дизел, но за тоа да се постигне, сепак треба возачот да биде расположен за малку порезервирано возење. При нешто повисока динамика на возење, дизелот сепак ќе потроши помалку од бензинец, и тоа се должи на самиот принцип на работа, односно на повисоката ефикасност што произлегува од тоа. Јасно е како ден.

Овој 2.0 TDI Evo не е од оние дизели што чадат и што се примерни со емисијата само на мерна рампа. Тука работи двојна каталитичка реакција, главно за намалување на емисијата на азотни оксиди. Дволитарскиов дизел на VW ќе ги одушеви љубителите на дизелот, не само поради потрошувачката, што реално се движи во целиот дијапазон на потрошувачка со шестка пред запирката, туку и поради култивираноста, поради карактерот.

Графиката на дисплеите и брзината на реакцијата се мошне примерни

Дигиталните инструменти одамна се одомаќени во марките во групацијата VW и тоа се познава. Графиката е кристална, со одлични контрасти, а меѓу бројните начини на прикажување на податоците во дисплејот спаѓа и можноста за мапата на навигацијата да се прикаже по целата ширина од 10,25 инчи. Истото важи и за средишниот дисплеј од 8 инчи, со графика и со начин на ракување познат уште од актуелната Octavia.

Прочуената вештина и визуелниот печат на чешкото занаетчиство се препознаваат во бројни детали, меѓу другото и во ефектното додавање украсни елементи во сребрена боја, што прават контраст со сјајните црни површини. Таа доследност досега буквално до праговите, до плочките на коишто пишува Karoq.

Внатрешниот ретровизор е без рамка и тоа секако дека придонесува за прегледноста. Уште една силна страна на Skoda е практичноста. Просторот за одлагање врз самиот кокпит е класика, толку блиску на дофат што многумина забораваат дека тој простор постои. Пред рачката на менувачот се наоѓа затворен простор, којшто меѓу другото служи за безжично полнење телефон.

Сé што се подразбира во багажник на премиум комби од виша класа, од ковот на Audi A6 Avant, чешката марка го вградува во својот Karoq

Багажникот е „вториот автомобил“ во Skoda Karoq. Клупата се ослободува за соборување со практични брави место со врвки, потпирачите за глава не мора да се вовлекуваат, па дури има и рачки за клупата да се собори од самиот багажник. На тоа следат уште веројатно две дузини Clever-решенија, вклучувајќи ги и генијалните „брани“, коишто се состојат од две преклопливи обични пластични плочки, што соп долната страна се лепат за подот на багажникот и може да се постават каде било и како било.

Од опремата, покрај спомнатите ставки, во Skoda Karoq Sportline доаѓаат стандардно уште автоматски клима уред, навигација, 8 звучници, грејачи во предните седишта и во воланот, алу-тркала од 18 инчи, паркинг сензори назад, собирање на ретровизорите, темпомат, сензор за дожд, пристап и старт без клуч, патосници, заштита на подвозјето, потпирач за раце напред. Цената на 2.0 TDI Sportline изнесува 34.710 евра. Истата погонска комбинација, во основното ниво Ambition чини 30.080 евра, односно во повисокото ниво Style чини 34.520 евра.

Со опциите за панорамски сончев покрив (996 евра), тркала од 19 инчи со дизајн Sagitarius (268 евра), плус паркинг сензори напред и камера (545 евра) и дополнителни држачи, мрежи и прегради (89 евра), тестираниот автомобил доаѓа до 37.270 евра.

Skoda Karoq Sportline е како автомобил-трофеј

Karoq, средниот модел во СУВ-понудата на Skoda, претставува буквално златна средина. Со габаритите не изгледа нападно како тенк на улица, туку секогаш се вклопува некако во сликата, со стилот води во спортска насока без да навлегува неумесно во ресорот на Lambo & Co. Во поглед на моќноста, перформансите и со опременоста, во сите подрачја има одредена надградба, како солидна основа за човек да биде горд на својот автомобил. Затоа и стои во насловите, Skoda Karoq е автомобил-трофеј, исто како што трофеј од лов се закачува на ѕид, затоа што човек е горд на тоа свое достигнување. Стрелата во логото, исто така сугерира на лов. Значи, сé e погодено тука.

Тест: Skoda Octavia 2.0 TDI DSG Style