Дванаесет е многу важен број. Годината има дванаесет месеци, часовникот брои по дванаесет часови, човекот има 12 мозочни нерви и исто толку прешлени. Компјутерската тастатура располага со 12 функциски копчиња. Суштински се и дванаесетте Aпостоли, дванаесетте денови од Божик до Водици, дванаесетте големи пости. Постојат и дванаесет имами, дванаесет родови во Стариот завет. Секако, дванаесет се на број и астролошките знаци. Тоа навистина е супер број, затоа што може да се дели со 2, со 3, со 4 и со 6. Речиси волшебен број. Дванаесет се поврзува директно и со новата Opel Astra, со Astra L.
Ова е дванаесетти пат, Opel на светот да му дава семеен автомобил од компактната класа. Дванаесетпати во овие близу деведесет години, светот им се радувал на нов Kadett или на нова Astra. Исто како што љубителите на марката и општо на автомобилизмот, и луѓето што решаваат околу изборот на својот нов автомобил, сакаат да дознаат сé за новата Astra и се одушевуваат од тоа што го гледаат, така светот се чувствувал и со првиот Kadett во 1936 година, со Kadett E во 1984 година, со првата Astra во 1991 година.
Со оваа Astra сепак се случува нешто посебно. Тоа веројатно е магијата на бројот дванаесет. Благословена Astra, ете нека биде така. Меѓутоа, колку и да е лесно да се поверува, дека на оваа Astra навистина ѝ се случува нешто волшебно, реално станува збор за стратегија. Овој Opel со фабрички код F, претставува достигнување на крајната цел, што менаџерите на германската марка си ја поставиле уште пред долги години. Тоа што сцената го има видено од таа стратегија е одличната Corsa, што се продава одлично и се цени, можеби слично како Corsa B. Меѓуфаза, но многу важна меѓуфаза во оставарувањето на стратегијата, беше стартот на кросоверот Mokka, којшто воведе целосна пресвртница во изгледот на Opel. Таа силна Mokka е како Urus во својот сегмент. Дури и „постарите“ модели Crossland и Grandland, мораше да добијат Opel Vizor по примерот од Mokka. Наскоро тоа ќе ѝ се случи и на Corsa. А, Astra?
Сé е погодено кај Astra. Тајмингот, изгледот, цената. Нема да нé чуди ако шефот на Volkswagen пред неколку денови доби отказ, токму поради тоа колку е погодена новата Astra. Со 21.760 евра за основниот модел со 110 КС и специјално ниво на опрема Edition, таа е еден од ретките модели во класата, што денес може да се рекламира со цената. Претходничката потекнува од времето кога Opel уште беше „американска“ марка во General Motors. Кога ќе се спореди опременоста на Astra L и K, цената практично им е иста. Ниту евро повеќе. Како е можно тоа? Во времето кога гигантот од Детроит тонеше, се случуваа чудни нешта, како што е примерот со Saab 9-3 со техника од Opel Vectra, по цена на BMW од серија 3. Тие чудни холивудски-логики го доведоа Saab до пропаѓање и исчезнување од сцената. На Opel, пак, не само што бизнисот му врви одлично под Peugeot и Stellantis, туку денес е повеќе „опел“ отколку што помни светот дека некогаш било поинаку.
На најновиов Opel му е доволен и изгледот. Дури и под хаубата да има дизел со 54 КС како Kadett D, луѓе ќе ја сакаат оваа Astra и ќе сакаат да биде нивна. Какви сé дизајнерски егзибиции се случуваат во дизајнот, претставивме во серијата приказни на нашиот профил на инстаграм https://www.instagram.com/stories/highlights/17844519881806965/. Изгледот на Astra L е сензација и тоа е заокружена приказна.
Врвното ниво Ultimate, во коешто е изведено тестираната Astra, дополнително додава театралност во појавата. Тркалата од 18 инчи, лакирани црно, се стандард во ова ниво и имаат еден инч екстра во споредба со спортското ниво GS Line. Култ-жолтата металик боја е заштитен знак на Astra и за неа не се доплаќа ниту евро. Ефектен е црниот покрив, заедно со големиот стаклен покрив со електрично отворање, чијашто црна нијанса е мајсторски изведена да не отстапува ниту најмалку од покривот. Фино светка хромираната лајсна по целата должина на долниот раб на прозорците. Плочката со натпис Ultimate во дното на предните врати е токму во стилот на историските легенди на Opel, блиску до местото на коешто триото крстосувачи Kapitän, Admiral и Diplomat, го прикажуваше своето благородништво. Може да се стави печат и со ставката „High Gloss Black Austtattung“, којашто со доплата од 200 евра, прави амблемите на Opel напред и назад, натписот Astra назад и лајсните под прозорците да бидат лакирани во сјајна црна боја.
Во духот на мотото на „демократизација“, широкоград и чесен е потегот на проект менаџерите, основната моделска изведба да не се разликува и да не изгледа евтино во споредба со најпрестижната и најскапа моделска изведба. Тоа значи дека меѓу Edition и Ultimate има разлика само во детали – ако и црниот покрив и тркалата со дизајн како на салонски шоу-автомобил се сметаат како детали.
Оваа отстапка од правилото, колку пари – толку музика, пренесено во изгледот на автомобилите, веројатно се објаснува со фактот, што половината од тимот од 25 клучни личности во развојот на новата Astra, се дами. Некој и некаде во белетристиката има кажано, дека дамите не ги погодува посебно кога некоја друга дама ужива во големо богатство, но затоа се повеќе чувствителни кога друга дама е поубава. Затоа секоја Astra изгледа прекрасно, како дама на променада. Мариела Фоглер е главната инженерка за Opel Astra, Илка Хеберман е заслужна за изборот на боите и материјалите во внатрешноста, Хајан Ју раководеше со развојот на дигиталниот кокпит, а Зузана Мајорова им постави најстроги мерила за квалитет на добавувачите.
Astra поседува и внатрешни вредности. Поточно, внатрешноста го оправдува изгледот на каросеријата. Кога ќе се седне во кокпитот, зад воланот, сé е средено и сé e дотерано. Дамите што ги спомнавме во претходниот параграф, испраќаат поздрави. Пример е средишната конзола, во делот меѓу седиштата. Кога тој дел го дизајнираат мажи, тогаш околу конзолата има дебела рамка што одзема многу простор, а во самата конзола има големи прегради во коишто брзо и без многу мислење се остава тоа што се има во рака.
Во средишната кознола во Astra е пренесено искуството на женска чанта. Значи, колку ние мажите и да се чудиме, што сé собира во тие чанти и како е можно внатре од прва да се најде точно тоа што се бара без гледање, еве го практичниот пример. Напред во конзолата има попречна преграда, што е длабока колку цела дланка. Таму се оставаат телефонот и паричникот, и остануваат каде што ќе се остават, за лесно да се најдат. Колку што има простор, таму веројатно ќе собере и половина дузина собрани дела од Перл Бак.
Зарем е можно ракувањето да биде толку лесно? Огромна е таа преграда, а во Ultimate дополнително има и безжичен полнач за телефон. Нормално, постои ролетна за преградата да се затвори, што оди мазно и лесно. Зад неа има надолжна преграда, со отвори за чаша, што пак е некако попрактична од тие на коишто светот има навикнато. Секако, ролетна не недостига. На тоа следи и трета преграда, за клучеви, картичка, ситни пари. Таа е отворена, да не се заборави тоа што ќе се остави. Просторот под потпирачот за лакт, дури е непотребен, покрај сите прегради напред. Тој се отвора практично, со два поклопци што ротираат странично, во мерцедес-стил, и располага со џиновска зафатнина. Постои и тајна преграда, што никој не ја забележува, а се наоѓа буквално пред нос и има огромно копче за отворање. Секој ќе помисли прво дека тоа е дел од конзолата, што не се отвора и служи само за украс. Дури има и лежиште за пенкало. Дамите во Opel ja средија Astra. Во споредба со овој автомобил, другите отсега ќе ни личат како куќа без жена, растурени и несредени.
Во новиов Opel многу добро се забележува колку е сменета формата на кокпитот денес. Порано дизајнерите ќе се инспирираа и ќе нацртаа арматурна табла што има елегантна форма, со линии што меко се втопуваат една во друга. Во таа основна форма потоа се додаваа инструментите, прекинувачите, командите. Во Astra, тоа пак е различно. Тука пристапот очигледно бил прво големите дисплеи и прекинувачите и командите да се постават на местото на коешто се најпрегледни и најлесни за ракување, па потоа да се оформи арматурна табла што ќе ги соедини сите тие елементи во една целина.
Кокпитот практично нема форма. Единствената форма е џиновскиот и заоблен Pure Panel, со двата дисплеи, што досега речиси до половина од просторот пред совозачот. Кога ќе се разбере причината за различниот пристап при оформувањето на кокпитот, полесно се живее во Astra. Одлично се живее во Astra. Уште една суштинска промена е просторот околу рачката за вратата. Промената е во тоа што таму нема ништо, освен обична дупка во којашто е впуштена рачката за вратата. Како е можно да се направи таква кардинална грешка во делот по којшто се посегнува при секое излегување? Тоа повторно е поздрав од дамите на Opel. Просторот е исчистен. Кога ќе се погледне како изгледа тој простор кај останатите автомобили, човек не може да реагира поинаку, освен тоа да го гледа исто како кривоградба на водњанска Козара. Со едноставното и неамбициозно изведување на рачката, добиено е изобилство простор, во подрачјето коешто е решавачко за просторното чувство во еден автомобил.
Промена се гледа и во отворот за воздух со рустикален шарм, што дува странично кон прозорецот. Прво, отворот е огромен, а следно е тоа што има два регулатори, по еден за секоја „оска“ на дување. Така може најпрецизно да се дотера правецот во којшто ќе струи климатизираниот или загреаниот воздух. Слична „иновација“ е отворот за воздух што е изведен под гребенот со прекинувачи под дисплејот. Тоа е уште еден ретро-шармерски елемент, но и мошне е корисен. Кога ќе се пушти студениот воздух да струи оттаму, се открива дека тоа било вистинското место. Во жештиниве е многу едноставно, кога ќе се седне во автомбоилот, воздухот да се насочи право кон главата, од отворите што кај другите автомобили се поставени многу повисоко. Место интензивниот третман за ладење да трае минута или две, се остава тој да дејствува долго, за потоа цел да да нé боли глава. Во Astra, и тоа функционира различно и подобро. Вистина е и тоа, дека за да се постигне дувањето од средишниот отвор да биде вистински делотворно, автоматиката мора да се откаже и соодветно да се нагоди дувањето.
Следна посебност на Opel Astra во кокпитот е гребенот со прекинувачи директно под средишниот дисплеј. Таму прекинувачите се поставени во два реда. Во горниот ред се трите главни функции при ракувањето со менито, односно „дома“, пристап до климата и пристап до функциите на возилото. Во вториот ред е клавијатурата со сите команди за климатизацијата, со тоа што дел од прекинувачите се двонасочни, на пример, за температурата рачно да се намести на потопло или постудено. Повеќето основни функции се изведени двојно, значи до нив може да се пристапи и преку физички копчиња, и преку дисплејот. Просторот меѓу двата реда прекинувачи е замислен веројатно како подлога за дланката при ракување со дисплејот да се потпре со прст, меѓутоа таа нова вештина, за време на тестот не успеавме да ја совладаме. При одреден агол, сонцето може да направи, прекинувачите на тој гребен што практично е легнат, да станат непрегледни. Како меѓузаклучок, кокпитот е различен, и добро што е таков. Шармот на Astra се заокружува токму со кокпитот.
Во поглед на материјалите, дамите на Opel пак брилјираат. Кога чисто поради интерес, ќе се пушти рака да се провери, дали пластиката со којашто странично е обложена средишната конзола меѓу седиштата е вообичаено „евтина“, тука следи пријатно откровение. Дури и таа површина е направена да биде пријатна на допир.
Во компакт класата не се подразбираше секогаш дека има доволно простор на задната клупа. Во Opel Astra L, седењето назад сигурно нема да биде казнена експедиција. Просторот е како во лимузина од средна класа, седењето е правилно, пријатно искуство во секој случај. Во Ultimate се вградуваат седишта од врвна класа и тие во голема мера ја оправдуваат разликата во цената на топ-нивото на опрема, што е за повеќе од 6.000 евра над цената на основниот модел. Предните седишта со печат од германските ортопеди AGR се дел од специјалитетите што Opel ги донесе во Stellantis. Електрично местење на предните седишта во 10 правци, со меморија за возачкото седиште и продолжеток на седечката основа, обложени со алкантара – тоа се седиштата во Astra Ultimate.
Споредбата на димензиите со претходната генерација, укажува и на важен напредок во багажникот. Додека Astra K нудеше багажник од само 370 литри, новата Astra додава уште 52 литри и нуди вкупно 422 литри. Разликата е уште повпечатлива кога ќе се спореди зафатнината со соборена клупа: 1.210 литри наспроти 1.339 литри. Толку е повеќе просторна задната половина од кабината. Сето тоа му успева на новиот модел, иако е само 4 mm подолг. За споредбата да биде комплетна: Ширина (K → L) 1809 → 1860 mm, висина 1485 → 1441 mm, меѓуоскино растојание 2662 → 2675 mm, круг на вртење 11,1 → 10,5 m.
При отворањето на задниот поклопец ќе се почувствува колку лесно се движи истиот. Причината е во тоа што поклопецот е изработен од термопластика. Тоа им овозможи на дизајнерите да изведат оригинални форми, но и да постигнат светлата да бидат исклучлително тенки и слеани во иста линија со каросеријата. Логото служи за отворање и заштитено е од валкање. Багажникот има правилна форма, солидно е изработен, подот се мести на две висини, нема што да се забележи таму.
Дизел моторот е голем напредок во споредба со претходникот: Три цилиндри кај Astra K наспроти четири цилиндри кај новата Astra L. Сите параметри одат во корист на новиот мотор. Зафатнина од 1,5 литар имаат двата мотори, но тоа се две наполно различни конструкции. Моќноста порасна од 122 на 130 КС, вртежниот момент од 285 на 300 Nm. Со тежина повисока за 43 килограми, новиот модел спринтува за три десетинки подобро и постигнува 4 km/h повисока брзина. Разликата во потрошувачката е половина литар, според WLTP, а исто и емисијата на СО2 е смалена од 130 на 117 грами. Осумстепениот автоматик на PSA подобро ги завршува задачите од стариот автоматик во Astra L, којшто има 9 степени на пренос.
Звучната изолација е одлична, толку што е лесно да се заборави дека напред работи дизел. Моќноста е повеќе од доволна и солидната испорака на њутнметри прави искачувањето на Ветерско да се одвива со 1.900 вртежи, во осмиот степен. Тоа е мотор што примерно си ја врши работата и останува незабележлив во сите ситуации во возењето, точно како што се бара од добар мотор. За пријатното искуство во возење во голема мера учествува и одличниот 8-степен менувач. Тоа е класичен менувач со класичен претворач на вртежен момент, значи не станува збор за менувач со двојна спојка. Префрлувањето од еден во друг степен се одвива целосно неосетно, нечујно, без најмал потрес, менувачот создава чувство како да се вози електричен автомобил.
Кусо двоумење се случува кога на отворен пат нагло ќе се притисне педалот за гас до крај и минува веројатно околу една секунда додека се „најде“ вистинскиот степен на пренос, за Astra да почне да влече со сета сила. Притоа не прави многу разлика дали е вклучена спортската програма. Тоа веројатно е интелигентна резерва оставена од инженерите, заради поштедување на техниката, но и за потрошувачката да остане во разумни граници.
Потрошувачката е уште едно пријатно изненадување кај Astra. Четворка пред вредноста на потрошувачката ќе биде мошне лесна да се постигне при возење на отворено, додека во град може да се смета на 5,5 литри. Фантастични вредности, коишто се постигнуваат без жртвување на динамиката и без многу внимавање каков исход ќе има возењето врз резервоарот. Режимот на економично возење сигурно ќе биде меѓу најмалку користените функции на новата Astra.
Тоа што се покажа уште при тестот на Corsa, сега се докажува и во Astra. Техничарите на Opel владеат совршено со подвозјето. Или појасно, Opel има одлично подвозје. Тоа што остава најубедлив впечаток е погодениот баланс меѓу меко и тивко придушување на погрубите нерамнини во подлогата, со доволно стегнато подвозје да им се спротивставува на силите при поамбициозно влегување во свијок. Тоа ѝ дава универзален карактер на Astra. Исто колку што овој автомобил повеќе од пристојно ќе одвезе до работа секое утро и попладне ќе врати од работа, така со Astra може комотно да се патува илјадници километри, без најмало измачување. Подвозјето е тоа што го потцртува заклучокот дека поголем автомобил од овој, не е потребен. Освен можеби СУВ, Grandland.
Во поглед на динамиката, сега на тестот се покажа дека сé е исто како што Андреас Хол, главниот инженер за возна динамика во Opel, најави уште додека Astra беше под маски: „Посебно динамичното дотерување се грижи патниците во новата Astra да се чувствуваат безбедно во секое време, вклучувајќи и возење со висока брзина по автопат. Во исто време, Astra нуди максимален возен комфор, дури и на патишта со лош квалитет.“ Тука се покажува и управувањето. Попрецизно управување и подиректно чувство за тоа што во моментот се случува меѓу гумите и асфалтот, ретко дека постои во друг автомобил од оваа, па и од повисока класа. Развојот напредува, и управувањето е одличен доказ за тоа.
За најважното и решавачко поглавје, пријатно изненадување е цената на основниот модел. Тоа што нашата неекономија со децении наназад прави платите да мируваат, каматите да растат и производите што ни доаѓаат од светот да стануваат сé поскапи, треба да се адресира на вистинското место. Реално, цената од 21.760 евра за основниот модел на Opel Astra е вистински успех на увозникот Еуроимпекс. За таа цена се добиваат 110 КС и ниво на опрема Edition со коешто човек може да биде сосем среќен. Неколку од најважните ставки: Клима уред, систем за задржување во лента, самостојно запирање при пешак или велосипедист на пат, камера за знаци, диодни предни и задни светла, диодни магленки, автоматско долго светло, паркинг сензори напред и назад, електрична паркирна сопирачка, кожа на воланот, сензор за дожд, алу-тркала, стартување на мотор на копче, сето тоа е стандард. Врвот следи со двата дисплеи од по 10 инчи, што се вградуваат уште во основниот модел.
Чувството во нивото Ultimate може да се опише најверно како летен одмор. Само два мотори се комбинираат со највисокото и најпрестижно ниво во Astra, бензинец со 130 КС и дизел со 130 КС, двата со автоматски менувач. Разликата меѓу основниот модел и Ultimate изнесува околу 6.300 евра, но само седиштата, покривот и приспособливите матрични диодни светла IntelliLux Pixel Light ја покриваат таа разлика. Сé останато во ова ниво, практично е гратис.
Astra како да се претвора во друг автомобил со сите овие ставки во Ultimate: Стаклен покрив, предни светла со по 84 модули по светлом што се вклучуваат самостојно и зависно од условите на возење, 3D-навигација, гласовни команди, проекциски дисплеј со јасна слика и богат обем на информации, систем за следење лента, темпомат што е практично на ниво на полуавтопилот, алкантара на седиштата, посебна филтрација на воздухот во кабината, безжичен полнач за телефон, алу-тркала од 18 инчи, посебен финиш на украсните елементи во кокпитот и посебни надворешни детали. Составот на целата моделска гама на Opel Astra, со сите нивоа на опрема и со цените и достапноста на дополнителната опрема ќе ја објавиме наскоро.
За работата на системите за асистенција, само кусо. Напредокот се случува и тука, односно особено тука. Пример за тоа како се одвива возењето на оваа Astra, моделско годиште 2022. Со повлекување на копчето лево на воланот се активира адаптивниот темпомат. Astra подзабавува кога напред има побавно возило и забрзува самостојно по префрлувањето во лентата за престигнување. Кога камерата ќе прочита ослободување од брзинското ограничување и дозволено темпо 130, тоа се прикажува јасно на проекцискиот дисплеј. За Astra да ја преземе прикажаната брзина, доволно е само да се притисне копчето странично во левата рачка на воланот, и возилото забрзува самостојно, точно до темпо 130. Понатаму се одржува темпото, вклучувајќи и самостојно следење на лентата, дури и во свијоци на автопат. Најрелаксирачки. Така може да се извози до Хамбург, без човек да го осети патот.
Светлата се уште еден врв во Astra. Риселсхајм долго ѝ порачува на автомобилската дека се залага за демократизација на технологијата. Тоа значи дека Opel настојува корисните и во почетокот скапи технологии, да ги направи достапни за широк круг купувачи. Пример дека тоа и реално се случува, се токму светлата. IntelliLux Pixel Light се стандард во Ultimate. Тоа е ексклузивност на врвното ниво на опрема, но затоа напредни диодни светла се стандард за останатите модели. Опција за светла, не постои, сé што треба е вградено. При првото возење со овие светла, со вклучено долго светло, човек прво ќе си помисли дека автоматското соборување на светлата е исклучено. Кога со обични светла со автоматско соборување наидува возило отспротива, возачот забележува кога светлата се префрлуваат на соборена функција. Во Astra со матрични диодни светла, долгото светло продолжува да го осветлува патот, а изгаснати се само оние модули што инаку осветлуваат во делот на возилото што доаѓа отспротива. Веќе е издржано кога ќе се каже интелигентна техника.
Класичното возење, тоа беше некогаш
Како автомобилскиот свет ќе живее во времето кога грижата за животната средина прави семејните автомобили со обичен мотор, без асистенција од електромотор, да достигнат моќност од најмногу 130, 140 или 150 КС? По стариот терк на развој, денес требаше основниот модел на Opel Astra да има трилитарски мотор со шест цилиндри, мануелен менувач со единаесет степени и 250 КС. Место тоа, денес имаме Astra што вреди над 30.000 евра, а за таа цена се добива само 1,5-литарски мотор со 130 КС и автоматски менувач со 8 степени. Светот во меѓувреме се смени и се освести дека тоа што Opel Astra има да го понуди со 1,5-литарски дизел со 130 КС е сосем доволно. За повеќе, ете ги приклучните хибриди, а од година и чисто електрична e-Astra.
Коњските сили се заменија со MOps/sec, со мегаоперации во секунда. Тоа што голем напредок се постигнува во „механичките“ нешта, во управуваењто, во амортизацијата, во динамиката и во комфорот, исто така се заснова врз процесорска моќ. Компјутерите направија механиката денес да се доведе до совршенство. Тоа што е ново и исто така импресионира, тоа се системите за асистенција. Не станува збор за системи што се вклучуваат по желба и се забораваат по некое време, туку за системи што се клучни за возачкото искуство. Работата на темпоматот со интелигентно следење на брзинското ограничување е пример колку нештата во секојдневието се сменети и надградени. Интелигентните светла се уште еден од низата примери. Сите овие смени сепак не влијаеја врз суштинското. Во оваа Opel Astra има многу Astra. Голем автомобил, по важноста.