Peugeot порачува дека неговата понуда од модели моментно се заснова врз мотото „Power of Choice“. Моделите на Французите се достапни во изведби со бензински, дизел, хибриден или чисто електричен погон. Тоа е слободата на изборот. Ние најдовме уште едно толкување на мотото. Peugeot 3008 Hybrid4 го возевме чисто на струја во еден од најодушевувачките предели во Македонија, по висорамнината Тони Вода на Бистра.

Електромобилноста ги стави во втор план сите трендови на автомобилската сцена. Не е важно тоа што автомобилите денес се способни да возат самостојно, да реагираат на опасност уште пред возачот да ја препознае истата, ниту е важно тоа што во текот на возењето може да се вклучат најразлични онлајн-услуги, што автомобилот го претвораат во канцеларија или диско на тркала, зависно од расположението и од друштвото. Најважно е автомобилот да користи електромотор за движење. Сé останато е споредно.

Но, зошто светот му посветува толку многу внимание на електричниот погон? Автомобилите денес се мошне штедливи. За илјада километри за еден месец со пристоен компакт, што во просек би трошел седум литри бензин, потребни се 5.250 денари за гориво во Македонија. Тоа секако дека не е мал трошок. Тоа е уште помал трошок за некоја убавица Вивиен во Франција или за некој тркач Матијас во Германија.

Меѓутоа, луѓето пак со нешто се привлечени кон тоа да имаат погон на струја во својот автомобил. Секако, во светот постојат строги норми што го земаат предвид и факторот заштита на животната средина – кусо, тоа се дополнителни давачки што прават возењето автомобил со обичен погон и со висока емисија на штетни материи да биде скапо, па дури и невозможно во одредени случаи. Најмалку уште една и пол до две децении, во Европа и по светот ќе може да се регистрира нов автомобил што под хаубата има единствено бензински или дизел мотор. И пак, во историскиот септември 2021 година, се случи Tesla Model 3 да биде најпродаван автомобил воопшто во Европа, пред Golf и компанија.

Тоа „нешто“ што ги привлекува луѓето кон електромобилноста е можноста да направат нешто различно, да доживеат нешто ново, да излезат од рамката, да бидат посебни. Без разлика дали се живее во Скопје и Македонија, со воздух што е испоганет од најразлични влијанија и со грижа кон животната средина што се сведува најмногу на држење предавања за екологија на дечиња од претшколска возраст, или дали се живее во Шведска и во шведската престолнина Стокхолм, со нејзините 1,6 милион жители и со шампионски 5,0 микрограми PM-честички на метар кубен, во човечката душа е вградено тоа чувство на возвишеност, кога човек е свесен дека со своето однесување не ѝ наштетува на животната средина, на средината во којашто самиот живее.

Системската моќност на трите погонски единици на Peugeot 3008 HYbrid4 изнесува 300 КС и во тоа нема сомнежи, покрај спринтот за нешто повеќе од шест секунди до темпо сто

И така доаѓаме до овој Peugeot 3008 Hybrid4 во специјална изведба Black Pack, што е црн и темен само со каросеријата, но затоа под неа е примерно „бел“. Има многу погон во овој автомобил. Моторот е 1,6-литарски PureTech турбо со рамно 200 КС. Сила до предната оска испорачува и електромотор со 81 kW или 100 КС. Втор електромотор со 83 kW или 113 КС е задолжен за задната оска. На тоа следи уште автоматски менувач со 8 степени на пренос. Батеријата што акумулира и испорачува енергија за електромоторите располага со капацитет од 13,2 kWh и според фабричките мерења, тоа е доволно за Peugeot 3008 Hybrid4 300 да вози до 58 километри чисто на струја, пред да се активира бензинецот.

Батеријата е вградена под задната клупа, не одзема ниту милиметар простор, а Французите за неа гарантираат 8 години или 160.000 километри – сé дотогаш се гарантира дека капацитетот на батеријата нема да падне под 70 проценти. Тоа во основа значи дека овој Peugeot ќе може да ги користи услугите од батеријата и во следните 8 години по истекот на гаранцијата. Тоа е сосем спротивно од убедувањата на „познавачите“, кои веруваат дека батеријата ќе престане да функционира по 8 години и возилото потоа оди во отпад.

На мотото на Peugeot што се однесува на погонот на неговите возила и гласи „Power of Choice“, ние во Аутомедиа му најдовме уште едно толкување. Power of Choice за местото што ќе го избереме за 3008 да вози на струја. Сценариото е несекојдневно и сугурно е дека нема да заслужи место за главна вест во тв-дневникот, меѓутоа идејата е да укажеме на речиси неисцрпните можности за користење на овој автомобил со приклучен хибриден погон.

Функцијата eSave за сочувување на целосната наполнетост на батеријата е корисна за градовите што имаат воведено зона со нулта емисија на СО2 – кај нас не постојат такви средини, но не значи дека функцијата ќе остане бескорисна

Патот од Скопје нé носи по споредни патишта прво до Тетово, потоа преку Брвеница до Гостивар, следно одредиште е Маврово, за конечно да се упатиме кон висорамнината на Бистра, чијшто кадри ги препознава секој што барем еднаш го посетил местото – тоа е Тони Вода, по патот за Галичник. На поаѓање, батеријата на Peugeot 3008 Hybrid4 е празна. Во Маврово сепак ќе пристигнеме со полна батерија. За тоа да се постигне, се користи посебна функција на погонската спрега на плагин-хибридот на Французите, којашто се води како eSave, и како до уште милион други функции, до неа се пристапува преку менито во големиот средишен дисплеј.

Постои и мало копче, што многумина ќе го превидат, и се наоѓа во редот со прекинувачи во средишната конзола. Со притискање на тоа копче, исто така се вклучува еSave. Тоа е „шорткат“ до функцијата. Сé додека таа е вклучена, мал дел од моќноста на моторот се користи за полнење на батеријата. Нормално, при возењето во eSave, електромоторот не се вклучува, работи само бензинецот. Притоа не се чувствува опаѓање на моќноста, Peugeot без проблем се искачува кон Стража. Единствено се зголемува потрошувачката на гориво, што не е премногу драматично – патниот компјутер по деведесетината километри до приклучувањето на Галички Пат покажа 7,5 литри. Доколку возевме чисто со хибриден погон, вредноста на потрошувачката до Маврово ќе беше со петка пред запирката.

Место фабрички декларираниот максимален досег од 58 километри, батеријата во Маврово покажуваше дека располага со енергија за 30 километри. Причина за тоа беа темпото и динамиката на возење на претходниот возач. Peugeot ги имаше запомнето тие екстремни забрзувања што биле испробувани претходно, па очекуваше дека и во редакцијата на Аутомедиа ќе му се случува истото. Целосната наполнетост на батеријата беше постигната уште во Гостивар, и тоа покажува дека батеријата во возење може да се наполни релативно брзо. Зошто некој би вклучувал eSave? Затоа што во бројни градови во Европа, а најмногу во Италија и Франција, постојат подрачја во коишто е дозволено да пристапуваат само возила што користат погон на струја. Доколку во таква заштитена градска зона се вози на бензин или дизел, следи казна.

Искачувањето со погон на струја секогаш е посебно задоволство, поради моќта со којашто „природно“ располага електричниот погон

Тоа уште е научна фантастика за македонскиот дел од животната средина, но не значи дека отсуствува задоволството, кога во најубавите и „ненападнати“ чисти средини ќе се пушти Peugeot 3008 Hybrid4 да вози чисто електрично. Од почетокот на Галички Пат, одвај стотина метри по ресторан Меденица, францускиот СУВ го пуштаме во чисто електричен режим.

По околу еден километар од „градилиштето“ Маврово, веќе се чувствува исконскиот спокој на крајот. Електромоторите зујат тивко, единствено се слуша како гумите газат врз камчињата по патот. На острите лакти што се обележје на овој пат, задната оска веднаш по темето пролизгува кусо, многу кусо. Тоа е само знак за високиот вртежен момент што го произведуваат електромоторите. Контролата на погонот брзо го решава тоа.

Кога човек ќе се најде во ваква средина, не му се брза да пристигне, затоа што е веќе на одредиштето. Со бавно темпо 30-40, некако брзо доаѓаме до превојот од каде што се прикажува висорамнината во целата своја убавина. Доживувањето на местото секогаш е посебно, а овојпат е посебно и поради тоа што со Peugeot се искачивме тука чисто на струја. Затоа луѓето го сакаат електричниот погон, вклучувајќи го и приклучниот хибрид, каков што е погонот на овој Peugeot, заради овие моменти.

Првиот дел од тестот беше да се искачиме на Бистра со чист електричен погон – вториот дел е проверка колку долго ќе успееме да возиме надолу, без да се вклучи бензинецот

Немаше да биде проблем да се продолжи до Галичник со погон на струја. Од висорамнината именувана по тоа што водата тука тоне во карстната подлога и се јавуваат езерца на повеќе места, продолживме уште неколку километри со спуштање по планината, меѓутоа претстоеше уште еден тест на Peugeot – враќање по долгата надолнина, по којашто погонот ќе ја полни батеријата.

На враќање, точно на превојот над Царева Чешма, батеријата покажуваше енергија за уште 2 километри. Но, патот оттаму продолжува надолу, сé до Тетово. Возењето на струја траеше сé до првата наплата на патарина. Тоа значи дека повеќе од 35 километри, од Бистра, до автопатот Гостивар-Тетово, ги минавме чисто на струја, со залет и во одреден дел со енергијата што батеријата ја имаше наполнето при спуштањето. Тоа е суштината на возењето автомобил денес, затоа луѓе го сакаат електричниот погон. Уште подобро, колку што Peugeot 3008 Hybrid4 e „електричен“, толку е и силен „бензинец“.

Црниов СУВ, веројатно најскапиот Peugeot што досега е регистриран на македонски таблици, содржи повеќе карактери. Тој може да биде чисто електричен автомобил, со досег ограничен на педесетина километри, но и тоа е доволно за „забавата“. Конкурентот на Tiguan може да биде и спортски автомобил, сепак му стојат на располагање системски 300 КС, кога ќе се впрегнат сите три погонски единици. Интересно е што при секое посилно притискање врз гасот, на дисплејот се гледа како се вклучува и задниот електромотор, заради подобра тракција.

Hybrid4 во варијанта на Peugeot 3008 поседува повеќе карактери: Овој способен СУВ со премиум нишка може да биде и штедлив и динамичен, може да биде и електричен и да вози само на бензин, а најчесто ќе се пушта да работи како хибрид

Peugeot 3008 Hybrid4 може да биде и штедлив автомобил, во смисла на ниска потрошувачка на гориво, затоа што тој во принцип има хибриден погон. Постои и трето сценарио: Може да се појде до полна батерија, да се минат на струја педесетина километри (со најбрзо 135 km/h), за возењето понатаму да продолжи со хибриден погон, па батеријата да се полни на надолнина, па електромоторот да му асистира на бензинецот, и со минимално напрегање, а тоа значи и минимална потрошувачка на гориво, да се совладуваат долги правци на автопатот.

Нема потреба од паника околу наполнетоста на батеријата. Кога таа е празна, резервоарот со гориво е полн. Овој приклучен хибрид е како „погонска амфибија“. Вози со секаква погонска комбинација. Кој има обична приклучна кутија (8 A, 220 V)во двор или во гаража, може батеријата да ја наполни за 7 часа и 20 минути. Доколку приклучната кутија е зајакната (14 A, 220 V), полнењето се скусува на 3 часа и 40 минути. На станиците за полнење на ЕВН, со моќност од 22 kW, батеријата ќе биде 100% полна по само два часа.

Овој Black Pack е ексклузивен автомобил и по опременоста. Едно копче во основата на возачкото седиште, за миг ги „пренесува“ возачката или возачот во спа, на масажа. Тоа е опција што се води како ергономски комфорни седишта со AGR-печат (Aktion Gesunder Rücken, акција за здрав грб, од Здружението на германски ортопеди, одомаќено во Peugeot преку Opel). Во возилово е вградена топ-варијантата, заедно со целосно кожен ентериер во црвена боја, со штепови во бакарна боја и од најмека телешка напа-кожа, со меморија, извлекување на седечкиот дел, со електрично местење, со греење, сé што фабриката може да вгради. Пет видови масажа стојат на избор. Прва опција, секако, е „Cat Paw“, а потоа следат Wave, Stretch, Lumbar и Shoulders. Дополнително може да се избира и меѓу три интензитети на масажа. Ова е професионална работа. Ставката не е евтина, но е далеку од очекувањата. Чисто за ориентација, четирицифрената сума почнува со двојка.

Black Pack прави возилото да изгледа впечатливо поради тоа што е направено да изгледа помалку впечатливо – сé е во црна боја, но e во различна црна боја; Деталите оддаваат дека ова е ексклузивен Peugeot

Тоа што прави Black Pack да биде Black Pack е достапно само во GT-нивоата и содржи: Логоа 3008 и GT, заедно со натпис Peugeot, во сатен-црна боја, исто како и кровните шини, потоа следи преден браник во сјајна црна боја, маска во темен хром, двобојни тркала од 19 инчи со дизајн Washington, лавовски амблеми во темен хром, заден браник со додаток во бисерно црна боја, украси на крилата во сјајна црна боја, украсни лајсни во долниот дел од вратите во црна боја, украсни лајсни над страничните прозорци во сјајна црна боја, украсни лајсни под страничните прозорци од црна гума – тоа е многу работа за стилистите, а опцијата чини неколку стотини евра.

„Матичното“ ниво на овој Peugeot 3008 е GT Pack, што стандардно опфаќа систем од камери со приказ во 360 степени, сензорско отворање на задниот поклопец, спортски модус со подиректна реакција на педалата за гас, на управувањето и засилен звук од моторот, радарски темпомат што целосно самостојно го запира возилото при наидување во колона или на семафор, внатрешен ретровизор што е осветлен во светлосина боја при возење на струја, светла со диодна техника за сите функции на осветлување со автоматско долго светло и статично светло во свијоци, украсни панели од вистинско дрво во вратите, врвно озвучување Focal со 10 звучници и 12-канален засилувач. Тоа се само дел од ставките што GT Pack ги содржи стандардно. Во основа, сé што може да се замисли да биде вградено, тука е вградено.

Од малкуте опции што остануваат да се нарачаат, врвниов Peugeot поседува стаклен покрив и ретровизори што го проектираат лавот покрај вратите, но и ставка што е исклучително ретка, а дефинитивно е делотворна – Night Vision. На неколку пати при возењето, во дигиталните инструменти се покажа слика на луѓе на или веднаш покрај патот, долго пред тие да се најдат под снопот на светлата. Со деветте ставки дополнителна опрема, овој Peugeot 3008 Hybrid4, со ниво на опрема GT Pack, со стилски пакет Black Pack, со приклучен хибриден погон, чини 69.820 евра. Повеќе „андерстејтмент“ од ова, не постои.

♦ Peugeot 3008 Hybrid4 300 e-EAT8 GT Pack + Black Pack, како што е неговото целосно име и презиме, претставува автомобилска култура. Тој е оперски пејач меѓу турбо-фолкерите, слика од Ташковски покрај принт од инкџет, благородник пред медиокритети

Андерстејтмент е манир, начин на однесување својствен за англиското благородништво. Во основа, тој се состои во неприкажување на општествениот статус и на капиталот со којшто се располага. Идејата: Лордот нема да го познаете по тоа што е најмногу и највпечатливо „накитен со пари“, туку ќе го препознаете дека е лорд по однесувањето. За Peugeot 3008 што чини колку BMW X5, малкумина би се охрабриле. Но, веројатно секому би му станало јасно за каков автомобил се работи, откако ќе се отворат вратите и ќе се прикаже сиот луксуз, што и две класи над 3008 уште е луксуз. Овој компактен СУВ, патем, вози релативно меко, тивко, мазно, згора на сé и чисто. Автомобили како овој, сепак не се наменети за другите да „уживаат“ кога ќе го погледнат. Тој е природно наменет за во него да уживаат возачката или возачот, заедно со семејството или пријателите. A, приклучниот хибриден погон? Тој е главниот за уживањето.

>>> Peugeot 3008 во Еуроимпекс: Хибридниот погон е природна средина за лавот

Оригиналната објава на Аутомедиа

Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак