Денес СУВ-моделите се главни и прикажуваат голема разновидност, но сé што имаат научено им е од класичните комбилимузини со пет врати од C-сегментот, кусо „компакти“. Kia Ceed во новото моделско годиште, во сите варијанти во салонот на Киа Моторс Македонија, шармира и докажува дека оваа сорта уште долго време ќе опстојува на сцената.

Големата најава вредеше несомнено. Првиот впечаток кога ќе се погледне поставата од моделските изведби од новиот Kia Ceed во салонот на Киа Моторс Македонија: Дали овој изглед на шестте модели од семејството на Ceed беше утврден до најситен детал уште кога моделот во оваа генерација првпат се појави на сцената, на салонот во Женева во март 2018 година? Тоа е уште еден триумф на маестро-дизајнерот Петер Шрејер, кој направи фејслифтот да не изгледа како фејслифт, туку речиси како нов модел.

Вистина е дека сцената одамна престана да се одушевува на моделските освежувања. Тие се стандард во моделскиот век на секој автомобил веќе со децении наназад, исто како што заболекарка треба да се посетува на секои шест месеци. Но, за разлика од заболекарката, овие моделски освежувања обично се здодевни. Тие не претставуваат друго, освен прецртување на дизајнот што бил одличен кога моделот се појавил првпат, со форми и линии што во меѓувреме во марката ги внел некој понов модел. Да не беше Kia дизајнерска авангарда на целата сцена, тоа ќе значеше Ceed да се направи да изгледа како Sorento. Но, оваа марка е непредвидлива. До скоро, нејзиниот слоган уште гласеше „The Power to Surprise“.

Новото мото на корејската марка со фабрика во словачка Жилина гласи „Movement that Inspires“, и очигледно дека истото е делотворно. Во маркава биле добро инспирирани за тоа, како да направат Ceed во третата генерација да изгледа како ова да му е прв ден на сцената. Компактот изгледа свежо, актуелно, моќно, живо.

Kia Ceed Edition 1

New item by Automedia MK / Google Photos

Kia Ceed GT Line

New item by Automedia MK / Google Photos

Kia Ceed GT

New item by Automedia MK / Google Photos

Како што се поставени шестте различни моделски изведби во салонот на „Перо Наков“, автомобиливе сами си прават реклама. Прв пречекува Ceed во изведбата што го бележи почетокот на гамата, додека во линија по него, почнува прогресијата: Прва презема GT Line, изведбата со чист спортски стил и дух, а по неа доаѓа GT, со нејзините 204 КС, со преклопник за звукот на издувот, за обожуватели на спортското возење, на местото што е како пиедестал во салонот.

Нивото на опрема од коешто почнува гамата на Kia Ceed е именувано Edition One, што е многу ветувачко име, но така е со причина. На менаџерски јазик, тоа го објаснува директорот Владимир Билбилов: „Гамата на изведбата на Ceed со 5 врати, значи на првата каросериска изведба, ја составивме од три пакети на опрема. Прв пакет ќе биде Edition 1. Тој претставува основа, меѓутоа како основа тој пак е надграден со сите неопходни компоненти, што според нашите критериуми треба да ги поседува еден модел од C-сегментот.“

Носечка моделска изведба е Kia Ceed GT Line, со мошне впечатлив спортски потпис

New item by Automedia MK / Google Photos

Edition 1 e сличен со нивото што претходно се нудеше како Reference 1. Купувачите можат да избираат меѓу два мотори. Основен е 1.0 T-GDi со 120 КС, посилниот мотор е 1.5 T-GDi со 160 КС. Во вториот случај може да се доплати за 7-степен менувач со двојна спојка, место мануелен менувач со 7 степени. Моторите и комбинациите со менувач се веќе познати од претходното освежување на Ceed.

Оваа варијанта на Kia Ceed ќе се наоѓа на лагер најчесто во изведбата со мануелен менувач, којашто менаџментот на КММ ја има осмислено како „entry-level“ за секој ден. Нивото на опрема е далеку од основно, но тоа и не е новина на оваа адреса. Edition 1 стандардно доаѓа со полуавтоматски клима уред, средишен дисплеј од 8 инчи со поврзување со телефон, кожа на волан и на менувач, електрична паркирна сопирачка, паркинг сензори и камера за назад, темпомат, магленки, но и тркала од лесен метал од 16 инчи со нов дизајн, со интересна класична нишка во BBS-стил.

Во поглед на опремата, прашање е само дали ќе се избере Kia Ceed со повеќе или уште повеќе изобилство

New item by Automedia MK / Google Photos

Киа Моторс Македонија воведува уште еден стандард во моделот. Директорот Билбилов: „Стандард во секој Ceed ќе биде ‘privacy-glass’. Тоа пред сé е добро заради термичка изолација, а од друга страна претставува естетска компонента, којашто ќе биде одлика на секој Ceed.“ Значи, тука нема потреба од доплата за фабрички затемнети задни стакла.

Промените во изгледот се однесуваат на комплетно новиот дизајн на предниот браник, вклучувајќи ја и маската, што е основа на „тигарскиот нос“, како заштитен знак на Kia. Има промени и во основата на светлата кај Edition 1, којашто сега е затемнета и внесува поспортска нота во појавата. Исто е сменета ефектно и графиката околу магленките, во форма на стрела.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Задниот браник има нов дизајн, а тоа што не се смени и ги радува фановите е завршетокот на издувот, кој не служи за украс и не е пластичен, туку е од метал, како што треба да биде. Сцената кусо негодуваше за надоаѓањето на бројните системи за асистенција во новите автомобили. Денес сите ги сакаат овие системи во своето возило: Самостојно запирање при опасност од судир, задржување во лента, автоматско соборување на долго светло, предупредување при замор. Сите овие ставки ги поседува и „основниот“ модел, Edition 1.

Редовната цена на верзијата 1.0 T-GDi со ниво Edition 1 изнесува 18.950 евра, значи исто колку пред моделското освежување, иако моделската година 2022 донесува и побогата опременост, покрај промените во дизајнот и дотерувањата во деталите. Нема разлика и во доплатата за посилниот мотор, којашто и натаму изнесува точно 1.000 евра. Толку е разликата во цената меѓу 1.0 T-GDi со 120 КС и 1.5 T-GDi со 160 КС. Значи, двојна сензација.

GT Line го нуди комфорното, но пак динамично подвозје на стандардниот Ceed, во комбинација со спортски печат по пример на GT

Со посилниот мотор, веќе може да се избира и изведбата GT Line. Тука повеќе станува збор за различна моделска изведба, отколку за ниво на опрема. „Не гледаме логика, од основниот пакет да одиме на втор пакет, што би бил повеќе опремен или полуксузен. Вториот пакет го гледаме во овој модел, а тоа е GT Line“, објаснува Билбилов за распоредот на улогите во гамата на Ceed.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

„Ние одлучивме вториот пакет да го изведеме како комбинирана верзија на базични возни својства и спортски изглед. Тоа е ‘ultimate mix’, нормален за возење, со таа разлика што тркалата од 17 инчи ќе направат подвозјето да биде за нијанса покруто, но тоа е сé“, продолжува менаџерот. Идејата со GT Line е да се понуди модел што во секојдневието ќе нуди исто толку возен комфор и комоција колку стандардниот Ceed, но спортските детали и спортската појава ќе поттикнуваат силни чувства кај возачките и возачите.

Тркалата од 17 инчи имаат дизајн што е својствен само за GT Line, но тука не завршуваат разлките. Седиштата носат потпис GT Line и имаат различна форма од основниот модел и посебно се контурирани, дури и алуминиумски педали се додадени. Билбилов посебно нагласува дека GT Line за македонскиот пазар се разликува од GT Line за некој од соседните или кој било пазар, во смисла на тоа дека КММ додава повеќе за да им понуди на македонските возачки и возачи.

New item by Automedia MK / Google Photos

GT Line е несомнено миленичката на менаџментот на македонската Kia, кои посебно се горди на спецификацијата на моделот за нашиот пазар. Таму кадешто требало да се додаде е додадено, таму каде што не морало или било проценето дека тоа не им е од корист на нашите возали, изоставено е од спецификацијата. Последното важи за аналогните инструменти, коишто се задржани во интерес на цената, за таа да биде подостапна за купувачите. Затоа, пак, таванот е спортски црн, конзолата е раскошно финиширана со пијано лак, светлата целосно користат диодна техника, воланот е зарамнет долу и опшиен е со конец во контрастна боја, прозорците имаат алуминиумска рамка, ретровизорите имаат вградено трепкачи. Тоа се детали што од некоја причина им значат многу на возачките и возачите што го обожуваат својот автомобил во гаражата или на паркинг.

Сите моделски изведби ќе бидат во редовна понуда и достапни на лагер, вклучувајќи ги и највисоките нивоа на опрема и најмоќните мотори, најавува директорот Билбилов

Во изгледот има големи разлики, почнувајќи од предниот и задниот браник, преку праговите и спомнатите диодни светла со сосем различна графика, до магленките што се интегрирани во самите светла. КММ очекува GT Line да биде носечки модел во продажбата на Ceed, но се предвидува и дека 80% од продажбата ќе бидат во верзијата со седумстепениот менувач со двојна спојка.

Цените најверодостојно го заокружуваат ова поглавје за големото внимание што било посветено на спортската изведба. Со мотор 1.5 T-GDi со 160 КС, Kia Ceed во изведба GT Line чини 22.650 евра со мануелен и 24.600 евра со 7-степен DTC. Конкурентските модели лесно поминуваат 25.000 евра, па и следниот праг од 30.000 евра паѓа често.

New item by Automedia MK / Google Photos

Спортскиот знаменосец во гамата е Ceed GT во класичната изведба со 5 врати. Пред моделското освежување, GT на македонскиот пазар се нудеше само во премиум купе-комбито ProCeed. Моќноста од солидно 204 КС се чита и во појавата на GT. Деталите што кај GT Line се во сребрена боја, кај GT се во црна боја, во лак со висок сјај. Фановите на чистокрвните спортски модели ќе забележат бројни детали, вклучувајќи ја рамката на маската во темен хром-финиш, црвената линија во браниците и праговите, во маската исто така, но и на сопирачките клешти.

Седиштата во Ceed GT се во најпримерен спортски манир и целата атмосфера во кокпитот е за нијанса „посериозна“ отколку во GT Line. Тука веќе нема калкулирање и сé што предвидува спецификацијата за спортскиот компакт ќе им биде понудено на македонските возачи. Има само еден исклучок: Три месеци, Киа Моторс Македонија ги анкетираше потенцијалните купувачи на „GT“, за став кон сончевиот, панорамски покрив. Повеќето не биле посебно заинтересирани за таков покрив, па истиот е достапен како опција.

Кај Ceed GT не постои друга варијанта. Моторот е 1.6 T-GDi со 204 КС, менувачот е DCT7, опремата е беспрекорно целосна за спортски модел, па и цената ќе биде пријатно изненадување за познавачите и на потенцијалните купувачи, секако. Со 28.950 евра, сосем е извесно дека Ceed ќе биде забележан по македонските патишта и во својата најпрестижна изведба.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Гамата на Ceed ја комплетира уште комби-изведбата Station Wagon, којашто КММ ќе ја нуди само во изведба со 1,5-литарецот со 160 КС и опрема Edition 1, со цена од 20.750 евра со мануелен и 22.700 евра со 7-степен менувач DCT. Шампионот во практичност, со багажник од стандардно 625 литри и 1.694 литри со соборена клупа, исто така ќе биде дел од редовната понуда на Kia во Македонија, како што бнеше случај и досега.

Круната на целата гама на Ceed сепак е премиум комби-купето ProCeed, достапно исклучиво како GT со 204 КС, изобилство од опрема и фини детали, и со цена од 31.950 евра.

Моделот што ги соединува различните карактери на сите моделски изведби во гамата на Ceed, па и на целата марка е кросоверот и стилски шампион XCeed. Кај него е ново единствено логото, заедно со уште неколку мали зафати во стилот и во опремата. Кросоверот е достапен само со 1.5 T-GDi со 160 КС, со мануелен или DCT7-менувач, во нивоа на опрема Edition 1 и Edition 2. Ценовникот за него започнува од 22.950 евра, врвот е 28.300 евра, со менувач DCT и со повисокото ниво на опрема.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во македонската Kia ценат дека Ceed ќе го привлече и врати интересот на купувачите кон традиционално моќниот сегмент на модели од компакт класата. Тоа сепак е носечкиот, матичен дел од македонскиот автомобилски пазар, што индиректно претрпе штета од донесувањето стари луксузни автомобили со висока емисија на штетни материи од европските пазари што веќе напредуваа далеку во обновувањето на возниот парк со електрични и хибридни автомобили.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест: Kia XCeed 1.5 T-GDi

До оригиналната објава на нашиот партнер Аутомедиа.мк

Новиот Kia Ceed го покажува шармот на компактите