Германските салони на Kia викендов ќе стартуваат со продажба на првиот електричен автомобил од новата генерација на Kia, на кросоверот EV6. Тоа што уште е сензација за светот, на германскиот пазар е нормалност: По шампионските субвенции од близу 10.000 евра, цените на електричниот кросовер Kia EV6 стартуваат од 35.420 евра.
Kia ги објави деталите за опременоста и цените пред претстојниот продажен старт на важниот електричен модел EV6 во Германија. Во рамките на кампањата „Kia Inspiration Day“, в сабота, на 23-октомври, започнува продажбата на Kia EV6 на големиот пазар. Повикувајќи се на новото мото на марката, „Movement that inspires” менаџерите во европското седиште на Kia во Франкфурт очекуваат дека салоните на марката ќе се инспирираат соодветно и ќе го уредат продажниот простор според тоа што кај нив го побудува електричниот погон и „новата Kia“.
Kia EV6 зависно од изведбата вози до 528 километри со едно полнење, што е во самиот врв на сцената. Благодарение на напредната технологија, батеријата се полни на брз полнач за само 18 минути од 10 до 80 проценти. Покрај верзиите со заден погон, достапна е изведба со погон на сите тркала. Моќноста се движи во дијапазон од 170 до 585 КС.
Компактниот електричен погон овозможува кросоверот долг 4,70 метри да понуди простор колку во петметарска лимузина. Основниот модел со електромотор со 125 kW (170 КС), заден погон и батерија од 58 kWh, редовно чини 44.990 евра во Германија (37.806,72 евра без ДДВ). По одбивањето на т.н. иновациска премија во висина од 9.570 евра (6.000 евра субвенција од државата, плус удел на производителот од 3.000 евра, плус ДДВ), цената се сведува на 35.420 евра. Седумгодишната гаранција на Kia важи и за батеријата.
Сите останати верзии располагаат со батерија од 77,4 kWh. Следната верзија исто е со погон назад, но со 168 kW (229 КС, плус 4.000 евра од основната изведба), а врвот е за верзијата со погон на сите тркала и 239 kW (325 КС, плус 7.900 евра над базниот модел), со 605 Nm вртежен момент и спринт за 5,2 секунди до темпо сто. За двете варијанти може да се избере комбинација со спортското ниво на опрема GT-Line (доплата 6.000 евра).
Топ-модел со перформанси на суперспортски автомобил: Kia EV6 GT спринтува за 3,5 секунди
Топ-модел во целата гама е EV6 GT, со 430 kW (585 КС), погон на сите тркала и спринт од 3,5 секунди до темпо сто, односно крајна брзина од 260 km/h. Неодамна стартуваше испораката на првите примероци од електричната Kia во Германија, каде што дилерите уште пред неколку месеци започнаа со нарачки. GT-моделот ќе стартува кон крајот на следната година.
Посебна можност е „Vehicle-to-Load“ (V2L, со доплата), кога EV6 може да се користи како „приклучна кутија“ за електрични потрошувачи, со моќност до 3,6 kW. Може без проблем да се приклучи домашниот телевизор или апарат за кафе. Со ICCB (контролна кутија за приклучен кабел) може и друго возило да ја наполни батеријата од Kia.
Дури и основниот модел располага со досег од 394 километри, што е на ниво на бензинец (реално, со малку поостро возење).
Кокпитот е посебен поради двата заоблени панорамски дисплеи, секој со пречник од по 31,2 cm (12,3 инчи), што се споени без зјај – и стандард се во Kia EV6. Опција се премиум седишта за релаксација, што може да се претворат во лежај додека се чека батеријата да се наполни.
Практичноста е иста како на семејна лимузина, багажник од близу 490 литри, приколка од тешка категорија
Багажникот располага со зафатнина од 490 литри, а по соборувањето се добиваат 1.300 литри. Багажникот напред има зафатнина од 52 литри (20 l кај 4WD-верзии). Со посилните изведби може да се влече приколка тешка до 1,6 тон.
Покрај комплетниот арсенали од систем за асистенција, кои се покажаа како омилена опрема на Kia во последно време, во сериската опрема на Kia EV6 влегуваат двозонска автоматска клима, седишта обложени со вештачка кожа (заради одржливост на животната средина, нормално), слабинско местење на возачкото седиште со електромотор, грејачи во предните седишта и на воланот, паркинг сензори назад и камера, собирање на ретровизорите, пристап без клуч, LED-светла напред и назад, впуштени рачки на врати и уште голем број ставки.
За карактерот на опциите говорат аудио-системот од специјалистот Meridian со 14 звучници или тркалата од 21 инчи во GT и топлинска пумпа за поштедување на батеријата кога времето станува многу студено.
Околу електричните возила е голем „метеж“ на пазарот во моментов и веројатно е мошне рано да се прашува за почеток на продажба на EV6 во Киа Моторс Македонија. Но, тимот оттаму веќе има најава за друг новитет: Македонска премиера на освеженото моделско годиште на Ceed.