Ford има нова генерација на Tourneo Connect, којашто некако изгледа познато. Тоа е всушност Volkswagen Caddy, со знак на Ford. Не е првпат Ford и Volkswagen да нудат исти возила, Европа долго време возеше Sharan и Galaxy што излегуваа од иста фабрика.

Соработката што Volkswagen и Ford ја потпишаа пред неколку години ги покажува првите видливи плодови. Новиот Tourneo Connect е Volkswagen Caddy со знак на Ford и со неколку мали промени во изгледот. Од друга страна, Ford ќе му возврати на Volkswagen со тоа што идната генерација на пикапот Amarok ќе се базира врз Ford Ranger. Понатаму, Volkswagen Transporter T7 ќе биде основа за новиот Transit Custom.

Прочуената платформа MQB на Volkswagen сега првпат „носи“ автомобил со знак на Ford. Новиот Ford Tourneo Connect го заменува претходниот модел по девет години. Иако се препознава јасно дека станува збор за Volkswagen Caddy, американската марка презеде неколку зафати за да го одомаќи Transit Connect во својата понуда.

Предниот дел е дизајниран различно, со вообичаената маска на Ford и со светла што се поставени високо. Хаубата има различна форма, исто како и предниот и задниот браник. Назад се мали разликите и главно се сведуваат на промени во графиката на задните светла на Tourneo Connect. Истото важи и за формата на задниот поклопец, најмногу во просторот за регистерската табличка.

https://photos.app.goo.gl/ZwjZHvTLyA16Wdmf8

Исто како Volkswagen Caddy, комбито со повишен покрив на Ford ќе биде достапно во две должини на каросерија. Едната е долга 4,5 метри, втората 4,85 метри. Двете верзии се разликуваат и во меѓускиното растојание, едната има 2,75 метри меѓу оските, другата 2,97 метри.

Моторите се Volkswagen, што е многу очигледно по бројот на цилиндрите. Место трицилиндарецот од 1,5 литри на Ford, во комбито работи четирицилиндарски TSI на Volkswagen, со моќност од 114 КС и вртежен момент од 220 њутнметри. Ford сепак се избори за овој мотор да го користи името Ecoboost. Двата дизели, со 112 КС и 280 Nm, односно 122 КС и 320 њутнметри, исто така се мотори на Volkswagen.

Сите мотори стандардно се комбинирани со шестстепен мануелен менувач, а со доплата се нуди верзија со седумстепен менувач со двојна спојка DSG. Посилниот дизел може да се добие и во варијанта со погон на сите тркала, но тогаш не може да се комбинира со менувач DSG.

https://photos.app.goo.gl/5ggd914ginwJZuiWA

Внатрешноста на Ford Tourneo Connect е преземена речиси неизменета од Volkswagen Caddy, и тоа е добра вест. Ford ќе ги именува нивоата на опрема Trend, Active, Sport и Titanium. Исто како кај Fiesta & Co, верзијата Active покажува неколку елементи на теренец и има за нијанса зголемено растојание од подлогата.

Продажбата започнува во почетокот на следната година, а набрзо потоа се очекува да следи и доставната изведба Transit Connect.

Volkswagen Caddy 5 во Порше Македонија стартува од 19.667 евра во варијанта Kombi, односно 20.668 евра во чисто патничката изведба, со мотор 2.0 TDI со 75 КС. Доставниот модел почнува од 17.956 евра, за фургон изведба.

>>> Новина во Порше МК: Volkswagen Caddy 5 за работа и за живот