Флоскулата дека електричните автомобили се иднината веќе станува бесмислена. Тие за кусо време станаа реалност и во понудата на автомобилските марки во Македонија. Салонот на Citroen во Скопје од викендов ќе ги пречекува купувачите и љубителите на автомобилите и на марката со два модели што возат на струја: Ë-C4 вози 340 километри со полна батерија, C5 Aircross Hybrid прво вози 55 километри чисто на струја, потоа вози комбинирано на струја и бензин.

Тешко е да не се забележи дека во салонот на Citroën во Скопје се изложени модели со електричен погон. Од едната страна на сината подлога пред секое од возилата стои препознатливото лого на Французите, со кабел за струја што кружи околу, додека од спротивната страна е наведено дека станува збор за 100% електричен автомобил во случајот на C4, односно за приклучен хибрид во случајот на C5. Електричната изведба на кросоверот C4 се води како Ë-C4, со значајните две точки за Citroën. Веднаш покрај неа е големиот СУВ што исто така не пропушта да нагласи дека е модел на Citroën, па ги прикажува двете точки во симболот „h“, што генерално означува хибрид, односно во случајов станува збор за приклучен хибрид. Во францускава марка, сé мора да е со „штос“, посебно при означувањето на моделите.

Кога двата автомобили ќе се видат вака значајно поставени во салон, некако природно се наметнува заклучок дека електричниот погон одлично се вклопува во имиџот на Citroën. Марката на Андре Ситроен секогаш била подготвена за промени, за најголемите промени, за иновации, за напредок. Така и со електричниов погон. Има смисла Citroen да вози на струја.

„Во автоиндустријата ниту една марка не асоцира повеќе на авангарда од Citroën“, вели директорот за продажба Николовски

За да се разбере спрегата меѓу традицијата на Citroen, за работите да се менуваат постојано, да се изнаоѓаат оригинални и подобри решенија, и воведувањето на електричниот погон во моделите под знакот на шевронот, најдобро може да не упати директорот за продажба на Citroen, Никола Николовски: „Возот на електрификацијата незапирливо ита напред, а на перонот ќе остане само оној кој нема да собере храброст да се качи на вагонот. Тоа што до скоро беше авангарда, полека се наметнува како мејнстрим, а во автоиндустријата ниту една марка не асоцира повеќе на авангарда од Citroën. Затоа и некако природно доаѓа електрификацијата кај Citroën. Сепак авангардата и напредокот одат рака под рака.“

https://photos.app.goo.gl/7PEoQDMophgjAoAX9

Секако дека електрификацијата во Citroen не се случува спонтано, туку е дел од една вешто и грижливо разработена стратегија, чијшто потези понатаму ќе ги гледаме сé почесто. Менаџментот на француската марка решил струјата во Citroen да ја воведе токму преку чисто електричен C4 и преку СУВ со приклучен хибриден погон. Николовски ни објаснува какви се овие возила: „Во нашиот салон во моментов се наоѓа новиот целосно електричен CITROËN Ë-C4 коj има автономија и до 350 km со едно полнење, како и CITROËN C5 AIRCROSS HYBRID, кој благодарение на фактот што е приклучен хибрид, може да извози 55 km во целосно електричен режим (според WLTP нормите) без да се вклучи бензискиот мотор, но и да забрза во комбиниран начин од 0-100 km/h за респектабилни 5,9 секунди и да постигне максимална брзина од 235 km/h!“

https://photos.app.goo.gl/wj2RRvNNVFfodaqK8

По ова објаснување и упатувањето во перформансите на електричните модели на Citroen е јасно дека Ë-C4 и C5 AIRCROSS HYBRID не треба да се споредуваат со основните модели во понудата на марката и на конкурентските марки, туку со топ-дизелите и топ-бензинците, со врвно ниво на опрема. Електричниот C4 стартува од 37.900 евра, вклучувајќи го попустот во висина од 1.500 евра. За моделите што користат чисто погон на струја, државата не одобрува субвенции како што е тоа случај насекаде низ светот, од Норвешка и Португалија, преку Унгарија и Хрватска, до Кина и САД, туку само се откажува од данокот на возило. Тоа „само“ и не е толку безначајно, всушност е солидна сума.

Со наша груба пресметка, купувачите на електричниот Citroen E-C4 се ослободени од околу 4.000 евра на име на данок на возило

Под претпоставка на редакцијата на Аутомедиа, доколку Ë-C4 беше модел со моќен дизел, со автоматски менувач и со врвно ниво на опременост, и имаше вредност на даночна основица од 25.000 евра, тогаш државата ќе го даночеше со 3.675 евра на име данок на моторни возила и уште 195 евра на име на дел од данок на моторни возила според вредност на CO2 (за пример земаме дека емисијата на СО2 изнесува 120 грами). Тоа се вкупно 3.870 евра на име на данок, во случај Ë-C4 да беше врвен дизел. Точните вредности за даночната основица ни се недостапни, затоа што тоа би било задирање во политиката на цени на марките, па во примерот мора да се повикуваме на претпоставки. Според примерот може да се земе ориентациски дека купувачите на електричниот Citroen се ослободени од околу 4.000 евра данок.

https://photos.app.goo.gl/jYU8rPfKsLE2UKdn6

Законот за данок на моторни возила ги привилегира и возилата со приклучен хибриден погон. Citroen C5 Aircross Hybrid не е целосно ослободен од данокот за возила, како што е електричниот C4, но затоа е ослободен од половина од износот. Повторно под наша претпоставка дека даночната основица за овој модел изнесува 30.000 евра, доколку стануваше збор за дизел, тогаш државата за него ќе наплатуваше данок во висина од 5.335 евра, со учество на данокот на моторни возила во висина од 5.040 евра според вредноста на возилото и учество на данокот според емисијата на СО2 од 295 евра (под претпоставка дека емисијата би изнесувала 140 грами). Место тоа, за Citroen C5 Aircross Hybrid се плаќа вкупен данок на возило во висина од 2.521 евра (едно евро за данок според емисија на СО2 од 31 g/km).

https://photos.app.goo.gl/eV1CoPW9ntFVmTup6

Ценовникот за Citroen C5 Aircross Hybrid стартува од 41.990 евра за нивото Feel Pack, вклучувајќи промотивен попуст во висина од 1.000 евра. Кај хибридниот СУВ-модел е многу попрегледна споредбата со цената со моделите со класичен дизел. Модел со 1,5-литарски дизел со 130 КС, автоматски менувач со 8 степени и исто така ниво на опрема Feel pack, во ценовникот на Автонова чини 33.990 евра. Сепак останува голема предност на хибридниот модел, затоа што тука се работи за системска моќност од 225 КС, како и за неколку екстра ставки во опремата што не следуваат како стандард кај моделите со класичен погон.

Полна батерија на Citroen C5 Aircross Hybrid чини околу 45 денари и испорачува енергија за педесетина километри

Тоа што ќе се вложи при купувањето модел со електричен погон, понатаму ќе се враќа со секој изминат километар. СУВ-хибридот може да извози 55 километри на струја, што е повеќе од просечната дневна километража и на европските и на македонските возачки и возачи. Доколку возачот реално е ентузијаст за електричниот погон, може секој ден да го вози хибридниот C5 на струја и преку ноќ да го полни на евтина тарифа. Полнењето на батеријата од 13,2 киловатчасови би чинело околу 45 денари, односно по таа цена би се извозеле педесетина километри.

Убавината на приклучниот хибриден погон е во тоа што возачот може самостојно да решава како ќе го користи возилото, дали секогаш ќе поаѓа со полна батерија, дали тоа ќе го прави еднаш месечно, дали постојано ќе биде на пат и ќе ги користи предностите на хибридниот погон или ќе ужива во перформансите што следуваат покрај системската моќност од 225 КС. Кај чисто електричниот погон на E-C4 нема „компромиси“, тој вози чисто на струја и вози долго на струја. Досегот од далеку над 300 километри е сосем доволен да се извози од Скопје до Охрид и назад, без грижа околу наполнетоста на батеријата. Покрај тоа, постојат истражувања што покажуваат дека и покрај помалиот досег, возачите на електричен автомобил минуваат повеќе километри годишно, отколку возачите на автомобил со обичен дизел или бензинец. Значи, досегот апсолутно не ја ограничува применливоста на возилото во секојдневието.

https://photos.app.goo.gl/as6NrXBHkL17HyCa6

Овие два модели со приклучок за полнење на батеријата се пред сé Citroen. А, тоа значи следново: „Придобивките од програмата за сеопфатен комфор Citroën Advanced Comfort се загарантирани и се издигнати на повисоко ниво со ë-Comfort. Сите овие бенефити не пречат на екологијата, туку напротив придонесуваат кон подобро утре. Приклучоците за полнење поставени во кругот на нашата компанија како и во самиот салон, јасно ја покажуваат визијата и подготвеноста на Автонова Citroën за времето што доаѓа. Секако стоиме цврсто на земја кога станува збор и за понудата на конвенционалните варијанти кои се движат на фосилни горива и остануваат во продажба паралелно со нивните електрични верзии. Изборот треба да остане на купецот“, заклучува Николовски.

Електричниот погон почна уште рано во Citroen, со електричниот Saxo во 1997 година, кога беа добиени првите и вредни искуства со погонот на струја

Електричниот погон всушност е присутен долго време во понудата на Citroen. Единствено е различно тоа што погонот во меѓувреме стана „салонски“. Французите уште во 2010 година стартуваа со продажба на своја варијанта на Mitsubishi i-MiEV, тоа секако е познатиот C-Zero, на чијашто презентација во Шведска своевремено присуствуваше и Аутомедиа. Од неговите 67 КС и реалниот досег од околу 130 километри, работите се сменети многу.

Долго пред тоа, во 1997 година стартуваше производството на серијата од вкупно 5.500 примероци од електричниот Saxo, во соработка со Heuliez. Тој имаше 27 КС и дваесетте шестволтни никел-кадмиум батерии од по 100 Ah, распоредени насекаде низ возилото, нудеа досег од околу 90 километри. Кусо време се произведуваше и Mehari (2018-2019). Кај доставните возила има многу подолг континуитет, со Berlingo I (2005-2013) и со Berlingo II (2012-2018). Понудата од електрични доставни возила моментно ги вклучува Berlingo III, Jumpy III и Spacetourer.

https://photos.app.goo.gl/LDE7qXaKgTmmNaGd8

Сосем е извесно дека електричните автомобили не само што пристигаат на македонскиот пазар, туку и ќе останат тука. Не станува збор за тренд што ќе трае пет или десет години, туку станува збор за нова ера, а ние сведочиме на самите почетоци на таа ера. И секако, електричните автомобили не се иднина, туку се реалност, денешница. Тоа е факт во понудата на македонските увозници на автомобили, исто е факт и во изградбата на мрежа од станици за полнење за електрични автомобили, којашто ЕВН ја стартуваше уште рано, но нешто очигледно се случило во меѓувреме, па таа запрела. Поточно, не се случило.

Единствено државата не успева да разбере дека ова е ера на електричните автомобили и дека таа подеднакво важи за Македонија, како што важи за целиот свет. Фабриките не можат да произведуваат автомобили само и посебно за Македонија и за анахроните автомобилски закони што политичари ги донесуваат на сцената и потоа си заминуваат, оставајќи зад себе последици од нестручноста и неодговорноста. Масивни субвенции, вложување во мрежа од полначи, па дури и домашно производство на полначи, фотоволтаички панели. Светот, оној понормалниот свет во поглед на енергетиката и политиката, безрезервно и без одложување ја прифаќа електричната енергија и електромобилноста, првенствено поради едно. Нафтата се увезува, електричната енергија не мора. Да, тоа е толку „смешно“, кога ќе се помисли дека и електричната енергија во Македонија се увезува, кога се открива дека некои чудни политички ликови се вмешани во енергетиката, кога се увезува јаглен за производство на струја, затоа што некој заборавил да го направи тоа навреме. Електромобилноста е шанса Македонија повторно да стане нормална држава.

https://photos.app.goo.gl/tmm7SrJo9ue1UJ5K8

https://photos.app.goo.gl/XZyrCzpBXfHtmRZt8

https://photos.app.goo.gl/oVPnrTV6goYknJxB8

https://photos.app.goo.gl/43gCa3A1W1XoShSS8

https://photos.app.goo.gl/z24h77nLe4Q4FjhSA

https://photos.app.goo.gl/cu83yUhcHm8dvERFA

Електричниот погон му прилега на Citroen: C4 на струја и C5 Aircross на струја и бензин во Автонова