Toyota ги нагласува теренските способности на својот RAV4 со додавање на изведбата Adventure. Предниот дел се разликува, има заштитни плочи за подвозјето, покривот отсега може да се нарача во сива боја.

Изведбата Adventure е главен носител на промените во гамата на Toyota RAV4 за следната моделска година. Бестселерот на Toyota доби нови проекторски предни светла со диодна техника, со впечатлив дизајн на дневното светло. Неколку промени го подобруваат комфорот во кабината.

Како што укажува и името, Adventure е верзија на RAV4 што е наменета за подолги и поестремни излети во природата. Американскиот огранок на Toyota веќе традиционално го нуди компактниот СУВ во дополнителна изведба, слична со Adventure-верзијата што наскоро ќе биде достапна за европските возачки и возачи.

Со новата изведба RAV4 Adventure се проширува кругот на купувачи што почесто возат надвор од асфалтот, но се привлечени и од штедливата и чиста хибридна техника на Toyota.

Црната маска со различен дизајн од стандардниот модел става главен печат во појавата. Исто се забележува и логото, што место да ја допира хаубата, поставено е средишно во маската, на две дебели хоризонтални пречки. Клучна разлика има и во магленките, што заради подобра заштита се поставени на црна основа, веднаш под главните светла. Предниот браник завршува со масивна плоча во сребрена боја.

https://photos.app.goo.gl/fTfkLVnA7pc6g7YRA

Крилата се проширени, тркалата од 19 инчи имаат нов дизајн и лакирани се во мат сива боја. Сребрена плоча има и под задниот браник. По барање, RAV4 Adventure може да се испорача и во двобојна каросерија со комбинација од покрив во зелено-кафена боја, заедно со предни столбови и заден спојлер во сива боја. Тоа е во чест на историскиот FJ40 Land Cruiser.

https://photos.app.goo.gl/YMESteitNep37Enj8

Внатре има посебни облоги на седиштата, со комбинација од црна вештачка кожа и штепови во контрастна портокалова боја. Секако не недостигаат плочки на праговите со натпис RAV4 ADVENTURE.

Toyota RAV4 е најпродаван СУВ со електрифицирана погонска спрега во светот

Погонот е истиот како во стандардниот RAV4 со хибриден погон, со тоа што погонот на сите тркала AWD-i е стандард кај Adventure, со екстра електромотор за задната оска и со системски 222 КС. Може да се влече приколка тешка до 1.650 килограми.

https://photos.app.goo.gl/qZ8dMfqrM7xHEKS78

Промените што важат за целата гама, покрај спомнатите диодни светла и магленки со истата техника, вклучуваат нови тркала со 10 краци во сребрена или сјајно црна боја. Внатре се става повеќе нагласок на комфорот, со ново диодно осветлување, електрика за возачкото седиште, осветлени прекинувачи за прозорците и приклучоци USB-C.

Испораката на Adventure и на новото моделско годиште на RAV4 стартува во првото тромесечје од следната година.

>>> По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)