Kia Sportage, најпродаваната моделска серија на корејскиот производител во светски, регионални, национални рамки, во петтата генерација првпат се нуди во посебна изведба за европскиот пазар.

Kia денес одржа дигитална премиера на новата генерација на Sportage. Посебниот модел за европскиот пазар се разликува од светската верзија на Sportage по тоа што со димензиите се ориентира според претходникот, додека „глобалниот“ модел што беше претставен во јули е значително подолг. Компактната изведба е посебно скроена за европскиот вкус и потреби со своите пропорции, со возните својства, но и со погонските единици. Sportage првпат е достапен во изведба со делумно електричен погон, односно како приклучен хибрид.

Платформата е комплетно нова, дизајнот на каросеријата се одликува со моќно-елегантен стил, кабината пречекува со висока технологија, впечаток за премиум возило, со најсовремени можности за поврзување и напредни системи за асистенција. Во обемната понуда од нови технологии се вбројува и приспособливо подвозје, како и режим за возење по терен, што ја подобрува тракцијата на лизгава подлога.

Кабината е поголема во споредба со претходникот, исто и зафатнината на багажникот. На задната клупа се ветува рекордна вредност на просторот за нозе. Премиерата на Sportage во живо ќе биде на салонот за мобилност ИАА во Минхен, што се одржува меѓу 7-ми и 12-ти септември во баварската престолнина.

New item by Automedia MK / Google Photos

Претседателот на Kia Europe, Џејсон Јеонг, открива дека овој Sportage „посебно е дизајниран, развиен и усовршуван за Европа, со цел да постави нови мерила во својот сегмент. Со футиристичкиот дизајн и револуционерната кабина, тој соединува динамичен настап со премиум-ентериер што фокусиран кон возачот, вклучлувајќи најнови технологии.“

Впечатлив нов дизајн на Kia Sportage што се раководи според храбра филозофија

Изгледот и карактерот на новиот модел се раководат според новата дизајнерска филозофија “Opposites United” (спротивностите се привлекуваат) што беше претставена пролетоска. Таа се темели врз пет столбови (Bold for Nature, Joy for Reason, Power to Progress, Technology for Life, Tension for Serenity), од коишто во изгледот на Sportage најмногу влијаеше “Bold for Nature”. Со овој концепт што ја почитува притодата, се постигнува јасна, емотивна, модерна, а во исто време органска форма. Каросеријата се одликува со остро извлечени линии што придонесуваат за возбудливата елеганција. Во исто време, спојот на јасни и моќни површини со сложени графики му даваат на СУВ-моделот динамична и самоуверена појава.

New item by Automedia MK / Google Photos

Впечатлив дел од предниот дизајн е црната графика на маската, што е богата со детали и развлечена е по целата ширина на возилото. Маската ги спојува „тигарскиот нос“ во модернизирана верзија, со препознатливите дневни светла во форма на бумеранг и со матричните диодни светла.

Профилот изгледа спортски, што впрочем беше одлика и во сите генерации на Sportage досега. Различните подрачја во страничната силуета се спојуваат преку затегнати линии и јасни, вешто изведени површини. Sportage првпат ќе се нуди и во изведба со црн покрив (во GT-Line), што го нагласува спортскиот профил и во исто време го носи погледот кон задниот кровен столб. Хромираната лајсна под страничните прозорци се искачува по задниот столб и воспоставува динамична врска со задниот спојлер, што го заокружува спортскиот стил.

New item by Automedia MK / Google Photos

Моќната појава на новиот Sportage произлегува и од силниот спуст во опашот. Задните светла имаат многу прецизна форма и изгледаат како да се врежани во каросеријата. Лајсната што ги спојува светлата воедно прави и опашот да изгледа пошироко. Зависно од нивото на опрема и погојнот, новиот Sportage ќе вози со тркала од 17, 18 или 19 инчи, во шест различни дизајни.

Современ ентериер со висок квалитет и нови технологии

Ентериерот на новиот Kia Sportage е ориентиран кон возачот и прикажува смел дизајн, висок квалитет и иновативни технологии. Kia најавува првокласна изработка и комбинира најнова техника со луксузни обележја и современ стил. Главен елемент е заоблениот панорамски дисплеј што се состои од два екрани и во стилот на Sorento е придружен со впечатливи отвори за воздух.

Средишниот дисплеј има пречник од 31,2 cm (12,3 инчи) и преку него се пристапува до многубројните функции на возилото. Дигиталните инструменти пред возачот имаат ист пречник (12,3 инчи), но нивната посебност е во приомената на TFT-LED технологија за прецизен приказ. Високиот степен на конективност овозможува Sportage во иднина да добива нов софтвер “Over the Air” (OTA), исто како телефон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со должина од 4.515 mm, ширина од 1.865 mm, висина од 1.645 mm и меѓускино растојание од 2.680 mm, димензиите се сменети незначително (претходникот: 4.485 / 1.855 / 1.635 / 2.670 mm). Но, просторната понуда е значително зголемена. Патниците назад имаат 996 mm простор за колена и 998 mm висина на просторот за седење. Багажникот има зафатнина од 591 литри, а по соборувањето на триделната задна клупа (40:20:40) се добиваат 1.780 литри простор. За премиум звук се грижи систем од Harman/Kardon

Откако постигна голем успех во останатите моделски серии, нивото GT-Line ќе биде достапно и за новиот Sportage

Првпат во Sportage се вградува хибриден погон, во две варијанти, како класичен хибрид и како приклучен хибрид. Во првиот случај, батеријата е под задната клупа, додека кај приклучниот хибрид, таа е поголема и вгадена е во подот. Новата платформа овозможува лесно изведување на електрифицирана погонска спрега.

Врвот во понудата од погонски единци ѝ припаѓа на изведбата со приклучен хибриден погон, со 1,6-литарски турбо-бензинец со 180 КС, електромотор од 66,9 kW и батерија литиум кон од 13,8 kWh. Системската моќност изнесува 265 КС.

Класичната хибридна изведба исто така го користи 1,6-литаскиот T-GDI, но тој тука работи во комбинација со електромотот од 44,2 kW и батерија литиум јон од 1,49 kWh. Системската моќност е 230 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Моторот 1,6 T-GDI се нуди и во варијанта на благ хибрид, со 48-волтен стартер-генератор. Овој турбо-бензинец ќе биде достапен во изведби со 150 и 180 КС. Самиот мотор претрпе неколку подобрувања во насока на оптимирање на согорувањето и на системот за ладење, како и во намалување на отпорите, на пример со примена на тркалачки лежишта со ниско триење за пумпата за вода.

Гамата ја комплетира 1,6-литарски турбодизел, со селективна каталитичка редукција и акумулациски катализатор за азотни оксиди. Моторот се нуди во верзии со 115 или 136 КС. Посилната варијанта исто така може да се нарача во верзија на благ хибрид.

New item by Automedia MK / Google Photos

Опција е седумстпен менувач со двојна спојка, а се нуди и опција за интелигентен мануелен менувач (iMT), што меѓу другото се вградува во Rio, Stonic и Ceed и главно се одликува со електронски контролирана спојка, со екстра можности за штедење и комфор.

Во работата на старт-стоп системот учествуваат и системите за асистенција, кои на пример препознаваат дали возилото се приближува до стоп-знак или до крстосница и помага да се избегнат непотребни стартувања и гаснења на моторот.

Режим за секаков терен и приспособлива амортизација

Новата функција “All-Terrain Mode” кај верзиите со погон на сите тркала гарантира солидна тракција и на лизгава подлога. Возачот може да биде меѓу три режими (снег, кал, песок), за соодветно да се приспособи работата на моторот и на системите за стабилност. По пример на знаменосецот Sorento, на располагање стоојат и три режими за возење по асфалт, односно комфорен, штедлив и спортски режим.

New item by Automedia MK / Google Photos

Новата платформа носи попрецизни, постабилни и покомфорни возни својства, заедно со директно и динамично управување. Електронски контролираното подвозје (ECS) ја регулира силата на придушување во секој амортизер одделно во реално време и помага да се постигнат врвен комфор и врвна безбедност. На тоа се надоврзува и електронски регулираниот погон на сите тркала, кој ја приспособива распределбата на вртежен момент меѓу двете оски зависно од ситуацијата и условите.

Од Киа Моторс Македонија најавуваат дека домашната премиера на новиот Sportage ќе се одржи паралелно со почетокот на продажбата на моделот на главните европски пазари. Тоа е привилегија на македонскиот увозник, кој е одговорен за марката директно пред европската централа во Франфурт.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест · Kia Sorento 2.2 CRDi Premium