Откако Mercedes во пролетта 2017 ја воведе моделската изведба All-Terrain во гамата на E-Class, концептот се покажа мошне успешен. Новата генерација на Mercedes C-Class е втор модел во семејството автомобили со сребрена ѕвезда што е достапен во оваа кросовер-изведба.

Четириесет милиметри екстра простор меѓу возилото и подлогата се суштината на изведбата All-Terrain од новиот C-Class. Секако со тоа оди и погон на сите тркала, како и две програми за возење по терен. Маската е различна од стандардните модели, исто и браниците. Заштитата на подвозјето напред и назад повеќе е стилски детал, заедно со обложените арки на крилата во темносива мат боја.

Во поглед на погонот, All-Terrain се послужува со истите мотори што се изведени како 48-волтен благ хибрид од стандардните изведби на C-Class. Комбито на висока нога ќе ја доживее својата светска премиера на салонот ИАА во Минхен, во следниот месец. Испораките ќе стартуваат веќе годинава.

За само три месеци од почетокот на продажбата, Mercedes има добиено повеќе од 50.000 нарачки за новата C-Class

New item by Automedia MK / Google Photos

Mercedes C-Class All-Terrain има сменети димензии во споредба со комбито T-Modell. Во должина има 4 mm повеќе (4.755 mm), проширените крила додаваат 21 mm (1.841 mm), а висината е зголемена за 40 mm (1.494 mm). Стандарните гуми имаат димензии 225/55 R 17, на тркала со димензии 7,5 J x 17 H2 ET 44,5. Опција се гуми 245/45 R 18 и тркала 8 J x 18 H2 ET 41, или 245/40 R 19 и 8 J x 19 H2 со офсет од 41 милиметри.

Багажникот има зафатнина од 490 литри. Со соборување на триделната задна клупа се добиваат 1.510 литри. Стандард во моделот е заден поклопец Easy Pack, кој се отвора со клуч, со прекинувач во возачката врата или со рачката на самиот поклопец.

Како основа за All-Terrain служи изведба на надворешност Avantgarde, што се познава по бројните каросериски детали од полиран алуминиум, како рамката на страничните прозорци и кровниот носач. За внатрешноста може да се избира меѓу три комбинации од бои: Црна, макијато беж – црна и сиена кафена – црна.

New item by Automedia MK / Google Photos

Својствено за новата C-Class, средишната конзола е завртена за 6 степени кон возачот, со голем дисплеј што е поставен исправено. Пред возачот е дисплеј со големина од 10,25 инчи (26,0 cm), односно 12,3 инчи (31,2 cm) со доплата. За моделот посебно се додадени функции на дисплејот со коишто се прикажуваат информации поврзани со теренското возење, меѓу другото и компас и гео-координати.

Екстра 40-те милиметри главно се добиени со големите тркала. Носачите на предните тркала се поголеми во оваа верзија, додека задната оска со просторни водилки е поставена на помошна рамка. Подвозјето е стандардно, со пасивен систем на амортизација, што значи дека дејството на амортизерите се приспособува според амплитудата на ударот што доаѓа од нерамнините во подлогата. Помалите удари се амортизираат помеко, поголеми удари покруто.

C-Class за сите терени и со погон на сите тркала може да влече приколка до 1,8 тон

New item by Automedia MK / Google Photos

Покрај еко, комфорна, спортска и индивидуална програма за возење, All-Terrain поседува уште две програми на Dynamic Select. Тоа се Offroad за полесен терен и Offroad+ со DSR (Downhill Speed Regulation) за потежок терен и пострмна удолнина. Во овие програми се приспособува работата на моторот, менувачот, управувањето и на погонот 4Matic.

Mercedes нуди по еден бензински и дизел мотор за новиот модел. Бензинецот е M254 со стартер-генератор од втората генерација, кој кусо може да асистира со 15 kW (22 КС). Дизелот исто е изведен како благ-хибрид со 48-волтен стартер-генератор. Моторот OM 654 M поседува посилна варијанта на генераторот.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Mercedes C-Class во детали: Што има ново меѓу системите за асистенција?