Peugeot пред неколку седмици го претстави комплетно новиот Peugeot 308 SW, кусо по премиерата на комбилимузинската изведба. Како и вообичаено за француската марка, има многу историја околу овој автомобил.

Французите го претставија првиот модел со комби каросерија во 1949 година. Секако дека станува збор за Peugeot 203 во комби изведба. Во тоа време, на пазарот одвај постоеја неколку модели во ваква каросериска изведба и производителите ги лансираа моделите со голема неизвесност околу тоа, дали пазарот ќе покаже интерес за истите. Во Peugeot сепак беа убедени во успехот на комби-каросериската форма и понудија дури две изведби од Peugeot 403. Едната изведба беше семејна, втората изведба беше повеќе за службена примена.

Комби-моделите навистина се докажаа како вистински погодок. Тоа ги охрабри во Peugeot да продолжат да воведуваат нови модели во понудата. Во 1962 година, следеше легендарниот Peugeot 404 Break, за три години подоцна во понудата да се појави и Peugeot 204 Break.

Peugeot 203 Break

New item by Automedia MK / Google Photos

Француската марка создаде уште една традиција со своите практични и достапни модели со многу простор. Во 1970-те години, комби-моделите беа Peugeot 304 Break и Peugeot 504 Break, следната деценија им припаѓаше на Peugeot 305, 505 и 405, а последната деценија од минатиот милениум ја заокружија Peugeot 306 и Peugeot 406 SW.

Новиот милениум за комби-моделите на Peugeot започна со 206 SW, како малечок стилски транспортер, и со 307 SW, во кого што беа применети бројни решенија што беа својствени за минивановите.

Peugeot 305 Break

New item by Automedia MK / Google Photos

Списокот го дополнуваат престижните SW-изведби од првиот Peugeot 308 и од Peugeot 407, како и од двете генерации на Peugeot 508. Фактот што речиси секој може лесно да се присети на некој од бројните комби-модели на Peugeot е доказ колку биле впечатливи сите тие автомобили.

Новиот Peugeot 308 SW е меѓу позначајните премиери на марката годинава. Багажникот стандардно нуди простор со зафатнина од 608 литри. Со соборена задна клупа, назад собира дури 1.634 литри. Задната клупа е триделна и лесно може да се собори од назад, значи директно од страната од којашто се товари, без потреба да се прави цела гимнастика околу возилото, како подготовка за транспортот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во споредба со комбилимузинскиот Peugeot 308, комбито има меѓуоскино растојание подолго за 55 милиметри. Овој простор оди главно во корист на патниците на задната клупа. Уште една придобивка од долгото меѓусокиното растојание е издолжената силуета, што во исто време оддава елеганција и динамика.

Без разлика дали станува збор за комбилимузината или за комбито SW, „тројката“ на Peugeot стандардно располага со дигитални инструменти од 10 инчи со 3D-ефект, што е познат од бројни модели, меѓу другото и од „208“, како и иновативно ракување со средишниот дисплеј, што исто така е со пречник од 10 инчи. Новината е во „i-toggles“ што сега функционираат како сензорски полиња, место како физички прекинувачи, и ја имаат таа погодност што може да се конфигурираат по желба.

Првите примероци од новиот Peugeot 308 SW може да се очекуваат во почетокот на следната година. Понудата од погонски единици исто така е мошне интересна, со две верзии со приклучен хибриден погон, едната со системски 180 КС, втората со 225 КС. Голема е веројатноста дека ќе следи и чисто електрична верзија, барем тоа е сосем извесно кај комбилимузинската изведба.

>>> По нов Peugeot 308 доаѓа ред и за ново комби Peugeot 308 SW