Неколку мали, но делотворни зафати го одликуваат новото моделско годиште на BMW iX3. Зафатите се направени со цел да се нагласат спортскиот карактер, уживањето во возењето, лесното ракување и премиум печатот во кабината.

Промените во изгледот се извршени за BMW iX3 да се вклопи со поновите електрични модели BMW iX и BMW i4, кои стартуваат со продажба наскоро. Баварците поставија темели за новата ера во електромобилноста со iX3. Тој е прв модел со петта генерација на електричниот погон BMW eDrive. Според реалните норми, досегот на електричниот X3 изнесува до 460 километри.

Премиерата на новиот модел ќе биде на салонот ИАА што се одржува првпат во Минхен, место во Франкфурт. Производството ќе стартува во септември, во заедничката фабрика со партнерот Brilliance во Кина, во Шенјанг.

Напред се зголемени бубрезите, додека во исто време светлата се стеснети за 10 милиметри. Браникот исто има нов дизајн. Назад има впечатливи диодни светла што се моделирани во три димензии. Напред и назад се забележуваат детали во сина боја, во BMW i Blau, бојата за електричните автомобили на Баварците.

https://photos.app.goo.gl/V7gjWWm3X7wbnhKH8

Пакетот M Sport е стандар за новото годиште на iX3. Опција се тркала од 20 инчи од M GmbH, со оптимирана аеродинамичност, како замена за стандардните аеро-тркала од 19 инчи. Приспособливите диодни предни светла исто така се стандард. Опција се ласерски светла.

Дигиталните инструменти и средишниот дисплеј сега имаат зголемен пречник: 12,3 инчи, односно 31 сантиметри. Основата на рачката за бирање има нов дизајн, вклучувајќи и промени во положбата на контролерот, копчето за старт и за паркирната сопирачка, како и на бирачот на програми за возење.

Сини детали има и на рачката за бирање, на копчето за старт и на воланот. Спортските седишта обложени со вештачка кожа сензатек се перфорирани, украсните лајсни сега стандардно се во темна боја.

https://photos.app.goo.gl/JtJRMCvXE6QT6h886

Во погонската спрега нема промени: 286 КС и 400 Nm, погон назад, спринт до темпо сто за 6,8 секунди. Батеријата има нето капацитет од 74 kWh, а може да се полни на брзи полначи со моќност до 150 kW. За 10 минути се полни енергија за 100 километри пат.

Може да се избира меѓу две стилски изведби: Inspiring и Impressive. Исто како и претходно е богат пакетот од системи за асистенција: Систем за задржување и следење лента, приспособлив темпомат со функција за колона, автоматско следење дозволена брзина, паркинг сензори и камера за рикверц.

Цената на BMW iX3 eDrive75 за Македонија изнесува 75.190 евра. За споредба, моделот со приклучен хибриден погон X3 xDrive 30e чини 66.550 евра, додека дизел со споредлива моќност – X3 xDrive 30d – чини 72.330 евра.

https://photos.app.goo.gl/5XQoKLRBGhTjM4Pp8

https://photos.app.goo.gl/hXKBn5UfGtpbKXcc9

https://photos.app.goo.gl/u3gh9j9uCWZ4RbsM7

>>> Десет модели на BMW со хибриден погон во понуда во Македонија