Honda HR-V во новата генерација ќе биде достапна само со хибриден погон. Производителот порачува дека во погонот што го води под името e:HEV е содржано сето искуство стекнато во изминатите 20 години во хибридниот погон, како и искуството од Формула 1.

HR-V, еден од највпечатливите модели на Honda, што во првата генерација се среќаваше солидно и по македонските патишта, кон крајот на годината пристига во продажните салони во новото издание. Компактниот СУВ отсега ќе се нуди само со хибриден погон, кој во понудата на јапонската марка се води под ознаката e:HEV.

Погонската спрега произведува системски 131 КС и 253 њутнметри. Емисијата на СО2 изнесува 122 g/km (WLTP), што одговара на просечна потрошувачка од 5,4 литри според истата норма. Спринтот до темпо сто ќе трае 10,6 секунди.

Honda моментно го нуди хибридниот погон во два модели, во Jazz и во CR-V. Според производителот, погонот нуди спој од перформанси и ефикасност на електричен автомобил, со применливост и приспособливост на автомобил со традиционален бензински или дизел мотор.

New item by Automedia MK / Google Photos

Погонската спрега e:HEV ја сочинуваат 1,5-литарски бензинец што работи во штедлив еткинсонов циклус, два електромотори, литиум-јон батерија и иновативен преносен механизам со фиксен преносен однос. Honda се реши за овој посебен пренос поради значително смалените отпори на триење.

Во споредба со Jazz, батеријата во HR-V располага со 60 место со 48 батериски ќелии, што главно значи дека компактниот СУВ ќе може подолго и почесто да вози само на струја. Исто е скусен и преносниот однос во споредба со Jazz, што ќе донесе поубедливо забрзување и поголем темперамент во возењето.

New item by Automedia MK / Google Photos

Хибридниот погон работи во три режими – бензински, хибриден и електричен – и може да се избира меѓу три програми за возење (спортска, нормална, штедлива). Возачот може преку рачките зад воланот да избира колку силно ќе биде „моторното“ сопирање при отпуштање на педалата за гас, што директно влијае врз енергијата што се враќа во батеријата.