Почнува кариерата на Volkswagen Taigo, како што гласи името на бразилскиот модел Nivus за европскиот пазар. Тоа е прв Volkswagen во делот од пазарот во Европа што им припаѓа на СУВ-купе автомобилите. Бразилската врска икма убави асоцијации, таму долго време се произведуваше Бубата.

СУВ-купето Taigo се нуди само во изведба со преден погон и ќе привлекува купувачи со трендовскиот стил на каросеријата, со високо седење, но и со напредни функции во поглед на конективноста и со голема применливост во секојдневието.

Главниот момент кај Taigo секако е задниот дел од каросеријата што е „засечен“ косо, но притоа не им одзема од просторот за глава на патниците назад. Платформата за моделот е MQB, што значи дека во технолошки, технички и безбедносен поглед, Taigo беспрекорно се надоврзува како трет член во семејството модели од градската класа, покрај Polo и T-Cross. Марката ветува мошне привлечна цена, во споредба со понудите од останатите марки во овој дел од пазарот.

За комфорот и за безбедноста на Volkswagen Taigo ќе се грижи полн арсенал од системи за асистенција

Дизајнот, индивидуалноста и емоциите се клучните квалитети на новиот европски модел. Стандардната опрема содржи комплетно диодни светла, комплетно дигитален кокпит и инфо-забавни системи од актуелната генерација MIB3. Тоа го позиционира автомобилот долг 4,26 метри високо во конкуренцијата во својот сегмент.

volkswagen nivus
Volkswagen Nivus

Бразилската нишка се чувствува во дизајнот на комплетно новата каросериска форма во понудата на Volkswagen. Моделот со тоа располага со одлични предуслови за да го привлече интересот на младите возачки и возачи и на тие што се останати млади во срцето. Како стилски модел, секако дека во повисоките нивоа не отсуствува светлечка лајсна по целата ширина на каросеријата, во стилот на GTI & Co. Во престижните нивоа се достапни и матрични диодни светла.

Во внатрешноста се забележува мултифункциски волан од актуелната генерација. MIB3-системите во понапредните верзии дозволуваат безжично поврзување со телефон, но и говорни команди, персонализација врз основа на податочен облак и онлајн-услуги.

Систем за самостојно запирање при опасност од судир е стандард, заедно со систем за следење лента, а како опција стои на располагање полуавтопилот Travel Assist, што го растоварува возачот при возење по автопат до брзина од 210 километри на час.