S-Class отсега постои и во електрична варијанта. Концептот на Mercedes EQS и видот на погонот се сосем различни од традиционалниот крстосувач на Mercedes, меѓутоа мисијата им е иста: Да се понуди најдобриот автомобил во светот, единствено што вози на батерија место на бензин или дизел.

Најпрепрезентативниот модел на Mercedes и на автомобилската бранша доби електрична варијанта. Платформата на Mercedes EQS во иднина ќе ја користат уште бројни електрични модели на концернот од луксузната класа. Електричната лимузина се води под посебната марка Mercedes-EQ, исто како што Mercedes-Benz, Mercedes-AMG и Mercedes-Maybach се посебни марки, а моментно е достапна во две моделски изведби. Првата е Mercedes EQS 450+ со електромотор од 245 kW (333 КС), по неа следи EQS 580 4MATIC, со 385 kW (524 КС).

Штутгарт работи на мисијата, до 2039 година да има комплетна понуда од автомобили што не испуштаат ниту грам СО2. Исто е амбициозна и целта, до 2030 година повеќе од половина од продажбата на Mercedes да ја сочинуваат чисто електрични и приклучни хибридни автомобили. Се зема предвид и производството. При изработката на EQS во престижната Фабрика 56 во Зинделфинген, уште денес се постигнува целосна неутралност во поглед на емисијата на СО2. Теписите и бројни облоги се од рециклирано потекло.

New item by Automedia MK / Google Photos

Техничарите одамна имаат укажано колку врвната аеродинамичност е важна (и) за електричните автомобили. Во тој поглед, EQS е рекордер, со cw 0,20. Не постои автомобил што е поаеродинамичен. Тоа е добро за досегот, а помага и за бучавата од ветрот да се сведе на минимум.

Рекуперацијата исто е важна. Целта е енергијата на залетот, кога треба да се забави или запре, да се искористи за електромоторот да произведе енергија и таа енергија да се акумулира во батеријата, место да се „изгуби“ преку топлина и триење во сопирачките. При максимално забавување oд 5 метри во секунда за секунда во програмата за рекуперација DАuto, три се постигнуваат од страна на системот за рекуперација, додека 2 m/s² постигнуваат сопирачките. EQS може да запре комотно без да се притисне левата педала. Моќта на рекуперација: До 290 kW. Возачот избира колку ќе биде силно „моторното сопирање“ преку воланот.

Врв е тоа што електричниот крстосувач може самостојно да позабави користејќи ги информациите од системот за навигација, кога напред има свијок или се минува преку превој на патот, за таа енергија да се искористи за полнење на батеријата

New item by Automedia MK / Google Photos

Досегот е шампионски. Штутгарт ветува до 780 километри во реални услови на возење. Тоа веќе не се разликува многу од верзиите на S-Class со бензински или дизел мотор. Сосем е извесно дека ќе се понуди и екстремна спортска варијанта со моќност до 560 kW (762 КС). Основната верзија на EQS има погонски модул (eATS) назад, додека верзиите 4Matic дополнително имаат погонски модул напред.

Големиот досег произлегува во голем дел од новата генерација сопствени батерии со повисока енергетска густина. Софтверот, кој исто така е развиен во компанијата, дополнително се грижи за продолжување на досегот. Во иднина, кога инженерите ќе имаат нова софтверска верзија, таа ќе се вчита самостојно и далечински, исто како кај паметен телефон (OTA).

Посебна симболика има во вредноста на потрошувачката на двата модели. Според реалната норма WLTP, којашто секако дека ги зема предвид и електричните автомобили, EQS 450+ просечно троши меѓу 19,8 и 15,8 kWh/100 km, додека вредностите кај EQS 580 4MATIC се движат меѓу 21,4 и 18,3 kWh/100 km. Пред близу половина деценија, S-Class имаше слични вредности на потрошувачката, но се мереше потрошуивачка во литри. Сега се киловатчасови на сто километри. Во поглед на емисијата на СО2, тоа се два различни светови. EQS испушта 0 грами од стакленичкиот гас на километар.

За полнењето, доколку стои на располагање брз полнач со моќност од 200 kW (ЕВН во Скопје има 22 kW), доволно енергија за 300 километри пат се полни за 15 минути. Во Јапонија функционира и двонасочно полнење, односно може автомобилот да се користи за напојување на домот или за надворешни потрошувачи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Daimler обезбеди пристап до мрежа од 500.000 полначи во 31 држави, од кои повеќе од 200.000 се во Европа. Навигацијата самата пресметува дали до одредиштето ќе треба да се запре за полнење и по потреба советува да се смени начинот на возење, за енергијата да се сочува до полначот.

EQS е прв Mercedes-Benz што овозможува во возилото да се вчитаат сосем нови функции, по пат на Over-the-Air-Update (OTA). За почеток може да се вчитаат две специјални програми за млади возачи, неколку игри и демо програма „Најдоброто или ништо“. Од почетокот на следната година ќе може на тој начин да се активира и управувањето на задната оска. Оваа и бројни други опции отсега ќе може да се користат и со месечна претплата, привремено активирање или бесплатно тестирање.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со електричен автомобил што не го загадува воздухот оди и беспрекорна климатизација

Филтер HEPA (High Efficiency Particulate Air) пречистува ПМ-честички, прашина, какви било материи од надворешниот воздух. Сулфурен диоксид и азотни оксиди се пречистуваат преку слојот активен јаглен. Загаденоста на надворешниот воздух со ПМчестички се прикажува на дисплејот. Преку можноста за климатизација да се вклучи однапред е можно воздухот во кабината да се пречисти пред да се пристапи во возилото.

Постои опција за автоматски комфорни врати. При приближување, прво се извлекува рачката во возачката врата, за таа потоа да се отвори самостојно. Исто може преку MBUX далечински да се управува со задните врати.

Во EQS може да бидат вградени до 350 сензори, кои регистрираат растојание, брзина, забрзување, светлина, дожд, температура, а следат и кога очните капаци на возачот ќе почнат да натежнуваат

Со помош на специјалистот Burmester може да се избира меѓу т.н. звучни светови, односно тонови во кабината што имитираат звук на „мотор“. Стандардно има два „света“, Silver Waves и Vivid Flux. Опција е Roaring Pulse, кој нормално се вчитува по воздушна линија. Новина во системот Energizing се трите програми: Шумски звуци, морски бранови и летен дожд. Овие звуци се придружени соодветно со бои на осветлувањето и со слики.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mercedes EQS стандардно располага со управувана задна оска, со тркала што се закосуваат за 4,5 степени. Паркирањето и маневрирањето се олеснуваат, а се постигнува и повисока динамика при возење на отворен пат. Опција е задните тркала да се закосат за 10 степени. Во тој случај, петметарскиот крстосувач свртува во круг од 10,9 метри.

Далечинското паркирање е веќе „стандард“, EQS умее и самостојно да паркира во катни гаражи со соодветна техника. Секако и законите во конкретната држава мора да го дозволат тоа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Револуционерните светла Digital Light проектираат помошни ознаки или предупредувања директно врз патот. Новина е прикажување на точката во којашто EQS почнува сам да се престројува, кога возачот ќе го побара тоа од возилото. Светлата се состојат од три екстремно моќни диодни светилки, чијашто светлина се прекршува со 1,3 милиони микроогледала и се насочува. Резолуцијата изнесува над 2,6 милиони пиксели.

Засега само во Германија се дозволува, електричната лимузина со помош на опционалниот Drive Pilot да се движи целосно автоматски, до 60 km/h. Возачот за тоа време може да се посвети на други работи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Секако дека врвот во внатрешноста е MBUX хиперскринот, стандард во EQS 580 4MATIC. Тоа е дисплеј што се протега буквално од крај до крај, составен од три посебни дисплеи што се наоѓаат подзаедничко стакло. Дури и пред совозачот има OLED-дисплеј од 12,3 инчи, секако со можност за ракување. Што ќе се прикажува таму, исто зависи од законодавството во одредена држава. И безбедност во стил на Mercedes: Ако камерата препознат дека возачот ѕирка во дисплејот пред совозачот, каде што во моментот може да се гледа на пример филм, тогаш дисплејот се затемнува автоматски.