Со импозантните димензии, со каросерија со коцкеста форма и особено со големите бубрези напред, BMW X7 е појава што не се пропушта.

Големиот брат на X5 стартуваше со продажба во 2018 година. Моментно се тестира освеженото моделско годиште. Од тоа што може да се насети покрај солидното маскирање, дизајнот на носот ќе биде уште порадикален од досега. Промени ќе има и назад.

Целиот нос на престижниот СУВ од 5,15 метри ќе биде сменет. Раскошната големина на бубрезите веројатно нема да се менува, но затоа ќе се смени секоја линија и површина во предниот дел. Светлата се пониско отколку кај постоечкиот модел и повеќе не се споени со долниот раб на хаубата.

Се стекнува впечаток дека дневните светла се одвоени од главните светла и се поставени над нив. Можно е BMW X7 да добие вакви светла на „два ката“, што често се практикува во денешниот дизајн во браншата.

X7 нема да биде единствениот BMW што ќе добие нов стил на носот. Лимузината од серија 7 и нејзината електрична верзија i7 исто така ќе добијат преден дел со вертикално одвоени светла. Се очекува и премиера на моделот што ќе биде позициониран една „бројка“ погоре, BMW X8.