Германските возачки и возачи наесен ќе седнат во својот електричен автомобил од Dacia, кој чини исто колку модел со обичен погон. Сојузните власти ја поттикнуваат продажбата на возилата на струја со субвенција во висина од 6.000 евра, на што следат уште 3.000 евра бонус од страна на производителот.

Салоните на Dacia во Германија почнаа да примаат нарачки за новиот целосно електричен модел Spring. Во основната изведба со ниво на опрема Comfort, електромобилот на романската марка чини 20.490 евра. Тоа е помалку од кој било електричен автомобил на големиот германски пазар. По вклучувањето на електро-бонусот, во висина од 9.000 евра пресметани на даночната основица, цената на Dacia Spring доаѓа на 10.920 евра. Испораките на германскиот пазар започнуваат наесен.

Во нивото на опрема Comfort спаѓаат мануелен клима уред, електрика на ретровизори и на сите прозорци. Стилот не останува настрана, со доплата за металик лак, Dacia Spring може да биде во гоџи-црвена или магма-црна боја.

Со компактните димензии и со мал круг на вртење, електричната Dacia го олеснува возачкото секојдневие во градот. Најважното секако е досегот. Според реалната норма, досегот со полна батерија изнесува 230 километри. При возење само во град, каде што има често сопирање и можност батеријата да се дополнува на тој начин, може да се очекува досег до 305 километри.

Dacia Spring Electric

Освен во основната изведба, Dacia го нуди моделот и во изведбата Comfort Plus, со цена од 21.790 евра. Досега се примени повеќе од 1.000 нарачки за електричниот модел на германскиот пазар. Во нивото Comfort Plus се вклучени нацигација со дисплеј од 7 инчи и поврзување со паметен телефон, паркинг сензори и камера, како и металик лак и детали во портокалова боја во ентериерот и однадвор. Опција е вградување техника за брзо полнење и користење полначи со моќност до 30 kW.

Постои и трета варијанта на Dacia Spring, којашто е наменета за деловни корисници и за компании за изнајмување возила. Варијантата Business ќе биде достапна за изнајмување во неколку европски држави, како за редовно изнајмување, така и за краткотрајно користење по потреба, односно CarSharing.

Електричната Dacia ќе има важно место на настапот на буџет-марката на Renault на салонот ИАА (од 7-ми до 12-ти септември), кој годинава првпат ќе се одржува во Минхен.