Многу најави и голема еуфорија за новиот BMW i4, првиот електричен автомобил од новата генерација на Баварците, што пристига на пазарот во драстично сменети услови на автомобилската сцена, во време кога голем круг купувачи се свесни дека нивниот следен автомобил ќе биде електричен. Многумина од нив посакуваат тоа да биде BMW, точно како i4. Колку чини електричната „четворка“?

BMW во почетокот на ценовникот за i4 што го објави денес за германскиот пазар порачува: „Електризирачки иновативно. Моќта на привлечноста е необјаснива. Некогаш е доволен најмал допир. Еден единствен поглед. Нешто не погодува, се провлекува низ нас и повеќе никогаш не нé напушта“. Потоа следат уште неколку поетски моменти, за на крајот да се резимира: „Моќта на привлечноста е необјаснива. Но, таа може да се доживее: Во првиот BMW i4.“

Минхен очигледно е во еуфорија од автомобилов. Школката во основата е иста со Grand Coupe од серијата 4 што неодамна стартуваше со производство. Електричниот i4 се произведува на истата лента покрај останатите моделски варијанти на BMW од средната класа, покрај примероците од Серијата 3 и Серијата 4 со конвенционални мотори или со приклучен хибриден погон. Тоа е посебен момент што говори за исклучителната флексибилност на фабриката.

Моделот што се препознава по бројни детали, а најмногу по бубрезите што се врамени во сино, заедно со амблемот на BMW што исто така е лакиран во сина боја, достапен е во две изведби: BMW i4 eDrive40 со цена од 58.300 евра и BMW i4 M50 со цена од 69.900 евра. Првата изведба располага со моќност од 340 КС, втората со ветувачко „M“ во ознаката вози со 544 КС. Тоа се цени без субвенции, со вклучен германски ДДВ од 19 проценти. За купувачите во премиум сегментот и за купувачи на BMW, тоа се мошне разумни цени.

Меѓу ставките што стандардно следуваат во BMW i4 спаѓаат алу-тркала од 17 инчи со гуми 225/55, седишта обложени во платно-сензатек, арматурна табла обложена со сензатек, украсни лајсни со висок црн сјај и хромирана рамка, алу-плочки на праговите, спортски волан со галванизирана украсна маска.

Главното шоу во кокпитот му припаѓа на заоблениот дисплеј, составен од возачки дисплеј од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 14,9 инчи, со BMW оперативен систем 8 и со навигација со унапредена реалност. Сервотроник е стандард, исто и можност за избор меѓу три програми за возење (комфорна, еко, спортска). Од системите за асистенција се вградува речиси сé што досега е познато на сцената.

Изведбата BMW i4 eDrive40 тежи 2.125 килограми, има носивост 555 килограми и може да влече приколка до 1,6 тон. Багажникот е со зафатнина од 470 литри, односно 1.290 литри со соборена клупа.

Батеријата има капацитет од 83,9 kWh, а при користење на најосновниот ѕиден полнач (11 kW) се полни до 100% за 8:15 часови. Во случај да стои на располагање брз полнач, со моќност од 205 kW, тогаш полнењето трае само 31 минути. Погонот секако дека е назад, спринтот до темпо сто трае 5,7 секунди, крајната брзина е ограничена на 190 километри на час. Досегот се движи меѓу 493 и 591 километри.

Според присутноста што i4 ја имаше досега во промотивните активности на М Кар, голема е веројатноста дека македонскиот увозник на BMW ќе нé удостои со i4 во салон. Испораките во Германија стартуваат веќе во ноември.