Lotus e пред голема пресвртница. Британската марка со долга традиција, што денес е дел од кинескиот концерн Geely, во иднина ќе произведува само електрични автомобили. Во меѓувреме, Lotus ќе го произведува својот последен модел со мотор со внатрешно согорување, Emira.

Нова конкуренција за Porsche Cayman. Автомобил на британската марка Lotus првпат ќе вози со мотор од AMG. Станува збор за шампионскиот турбо-дволитарец од Mercedes-AMG A45. Моторот претрпе големи преправки, затоа што во британскиот автомобил е вграден средишно, пред задната оска. Моќноста од 365 КС се пренесува на задната оска преку осумстепен менувач со двојна спојка, нормално и тој е од AMG.

Во Lotus Emira ќе може да се избере и втор мотор, тоа е познатиот 3,5-литарски V6 од Toyota. Неговата моќност достигнува 406 КС и 430 њутнметри, а освен со мануелен, може да се вози и со автоматски менувач. Спринтот до темпо сто трае 4,5 секунди, крајната брзина е 290 km/h. Првата серија од Lotus Emira ќе биде достапна само со овој мотор. Испораката започнува во следната пролет. Верзијата со германскиот мотор ќе стартува неколку месеци подоцна. Ценовникот ќе почнува од околу 70.000 евра.

Изгледот на двоседот долг 4,41 метри, широк 1,9 метар и висок 1,23 метар, потсеќа на електричниот хиперавтомобил Evija. Тоа важи посебно за отгворите за воздух во предната хауба, како и за шемата на диодните светла. Филигрански изведената форма на задните светла, пак, потсеќа на моделите на McLaren. Светлечката лента по целата ширина на опашот се забележува само при сопирање.

New item by Automedia MK / Google Photos

Конструкторите на Emira сепак имаа друга цел со новиот модел, иако надворешноста укажува дека станува збор за чистокрвна спортска машина. Нивната фактичка цел беше да направат автомобил што ќе одговара за секакво сценарио во секојдневието. Подвозјето амортизира комфорно, а спортски сетап се изведува единствено ако клиентот го побара тоа.

Во внатрешноста е повеќе очигледно дека Lotus Emira е создаден како автомобил за секој ден. Секако дека не недостигаат спортски седишта, спортски волан или детали во црвена боја. Посебен „детал“ е видливиот механизам кај мануелниот менувач. Покрај овие класични спортски обележја, во кокпитот се наоѓаат и држачи за чаша, џебови во вратите, приклучок за 12 волти, па дури и мрежа. Нема проблеми ниту со багажот: Просторот зад седиштата има зафатнина од 208 литри, а зад моторот има уште една преграда голема 151 литри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Место класични инструменти работи дисплеј од 12,3 инчи. Средишниот дисплеј има пречник од 10,25 инчи и нормално дека се поврзува со телефонот преку Apple CarPlay или Android Auto. Сензор за дожд, паркинг сензори и предупредување при прегазување на средната лента во меѓувреме станаа стандард и во Lotus.