Успехот на моделот од сé уште актуелната генерација послужи како одлична подлога, за Kia Sportage од новата генерација да напредува во сите подрачја. Kia порачува дека нејзиниот комплетно нов Sportage е ултимативен урбан СУВ.

Развиен врз сосем нова платформа, Sportage од петто колено комбинира дизајн што е ориентиран кон возачот, со внатершност во којашто владее премиум нишка и се користи напредна технологија. Главен печат во кокпитот става заоблениот дисплеј што покрива повеќе од половина од ширината на кабината.

Целта на дизајнерите беше да се создаде пријатна средина за сите патници. Секако дека тоа првенствено зависи од просторноста, којашто новиот Sportрage ја нуди во изобилство. Пријатно изненадување е зафатнината на багажникот.

Новиот Sportage е прв модел на Kia што се нуди во изведба со долго и со кусо меѓуоскино растојание, зависно од регионот

Во надворешниот изглед се препознаваат детали од неодамна лансираниот електричен кросовер EV6. Корејскиот производител со овој модел го одбележа влегувањето во новата ера, што важи и за дизајнот и за техниката. Дизајнерот Карим Хабиб објаснува како тој го раководел тимот при оформувањето на новиот модел: „Со новиот Sportagem не самавме само да направиме уште еден чекор понапред, туку место тоа сакавме да достигнеме повисоко ниво во СУВ-класата“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Изгледот на Sportаge го следи новиот дизајнерски јазик на Kia, што се води под „Спротивностите се привлекуваат“. Не станува збор за фраза, туку за вистинско дело. Дизајнот во многу делови е инспириран од природата и од идејата за одржливост. На овие делови им се „спротивставуваат“ напредни технолошки решенија, на примнер, диодни светла и слични елементи.

Сите студија на Kia ширум светот учествуваа во дизајнот на новиот Sportage, во Кореја, во Германија, во САД, во Кина. Колку внимание се посветува на стилот, сведочат седумте различни дизајни на тркала, бои и завршни изработки, во дијапазон од 17 до 19 инчи.

Долгиот заоблен дисплеј го сочинуваат два екрани со пречник од по 12 инчи, со напредна TFT LCD техника, за кристален приказ во висока резолуција. Основната моделска изведба веројатно ќе користи поедноставни и помали варијанти на дисплеи. Освежување на софтверот (и на мапите) исто како што тоа се случува со телефоните, ќе биде реалност и во новиот СУВ на Kia.

New item by Automedia MK / Google Photos

Основните команди за климатизацијата, навигацијата и музиката се достапни во вешто стилизирана лента со полиња што реагираат на допир, на местото каде што обично се класичните команди за климатизацијата. Многу новини има во средишната конзола. Ротирачки контролер со осветлен прстен и премиум финиш служи како замена на рачка за избор за возење, пред него е копчето за старт, а важна новина претставува и изборот на програми за возење, вклучувајќи и теренски програми – нормално за новиот Sportage, за тоа служи ротирачки контролер. Целиот простор меѓу предните седишта е изведен како крило, а се забележува и многу простор за одлагање. Секако дека не постои механичка врска во конзолата, сé е по жица.

Во поглед на димензиите, новиот Sportage е долг 4.660 mm (претходникот 4.485), широк 1.865 mm (+10 mm), висок 1.660 mm (+15 mm), со меѓускино растојание од 2.755 милиметри (2.670 mm). Kia ветува најголем простор за нозе и глава во класата, како и најголем багажник. Патниците назад имаат 1.050 mm простор за нозе по стандардно мерење и точно еден метар висина до таванот. Багажникот има зафатнина од 637 литри. Клупата се соборува преку копче.

Само најдоброто за своите клиенти, Kia вградува озвучување Harman Kardon во топ-нивоата на Sportage

Првпат во историјата, Sportage е достапен и во изведба што дополнително го нагласува цврстиот карактер на моделот и неговата способност да вози по секаков терен. Изведбата X-Line доаѓа со преден браник што во долниот дел е изведен поедноставно, да не се оштетува при теренско возење, како и нагласена заштита на праговите и со подигнати шини за багаж. Цврстиот карактер внатре се нагласува со рабови во боја на сува жалфија и со украсни дрвени панели во црна боја, што се врамени во метал.

New item by Automedia MK / Google Photos

Спротивно од тоа настапува моделот GT-Line, кој е дизајниран за повеќе да се стави нагласок на урбаниот карактер на СУВ, со впечатливи и живи бои на каросеријата. Внатре владее контарст меѓу црно и бело, пак со идеја да се нагласи спортската нота.

Големо поглавје кај новата Kia Sportage се моторите: Моќни, а пак штедливи

Во почетокот на комерцијализацијата, понудата од погонски единици за новиот Sportage ќе почнува со 1,6-литарскиот TGDI, во верзија со 180 КС и 265 њутнметри. Четирицилиндарецот е поштедлив преку оптимизација на процесот на согорување на горивото, со новини во ладењето и со ефикасни мерки за намалување на триењето, вклучувајќи интегриран систем за термо-менаџмент и користење тркачачки лежишта со ниско триење.

Гамата ја дополнува дволитарски дизел со усовршен турбополнач со променлива геометрија, благодарение на што можноста се зголеми на 186 КС, а вртежниот момент достигнува 417 њутнметри. Главните зафати беа извршени со цел да се исполнат строгите норми за издувни гасови и да се смали потрошувачката. Меѓу мерките спаѓа контрола на вентилите преку соленоид, променлив волумен на пумпата за масло, електричен термостат и оптимизирано подмачкување и ладење.

New item by Automedia MK / Google Photos

Освен со мануелен 6-степен менувач, бензинецот може да се комбинира со 7-степен менувач со двојна спојка. За дизелот е наменет оптимиран автоматски менувач со 8 степени. Тука исто се извршени бројни зафати за зголемување на ефикасноста и подобрување на работата.

Пред почетокот на продажбата на моделот, Kia ќе ги објави деталите и за изведбите со хибриден и приклучен хибриден погон што ќе бидат достапни подоцна

Од големиот брат Sorento доаѓа системот за контрола на подвозјето и на погонската спрега, во зависност од условите на возење и подлогата. Со Terrain Mode се ракува преку спомнатиот ротирачки контролер. Во режимот за возење по терен, погонската спрега самостојно препознава за каква подлога станува збор и вклучува соодветна програма за возење, на пример, по снег, кал или песок. Кога Terrain Mode е во режим за возење, преку него се избираат комфорна, штелдива, спортска или интелигентна програма.

Приспособлива работа на амортизерите, погон на сите тркала со автоматска распределба на вртежниот момент меѓу двете оски и нов систем за подобрување на возните својства и стабилноста E-Handling, за верзиите на Sportage со хибриден и приклучен хибриден погон, сведочат дека во секое подрачје има извршено дополнителни зафати.

New item by Automedia MK / Google Photos

Системите за асистенција се преземаат од Sportage, кој воведе бројни нови фунции во тоа подрачје. Од целиот арсенал системи за асистенција, посебен впечаток остава Highway Driving Assist (HDA) кој автоматски го одржува растојанието од возилата напред и ја следи лентата, што практично е полу-автопилот. Во истата насока работи и Smart Cruise Control (NSCC), паметен темпомат што својата работа ја приспособува користејќи ги податоците од навигацијата. Меѓу најкорисните функции на NSCC спаѓа и самостојното подзабавување при вклучен темпомат, ако свијокот напред е пребрз за наместената брзина. По свијокот, Sportage со овој систем повторно забрзува до претходното темпо.

Продажбата во Европа започнува кон крајот на годината, во меѓувреме очекуваме информации за пристигањето на моделот на македонскиот пазар, а понатаму и за опремата и за цените.