Од „работилницата“ на Горден Вагенер, прв човек за дизајнот во целата групација Daimler, во последниве години имаат излезено спектакуларни дизајни. Од CLA до S-Class, секој автомобил на Mercedes се препознава како Mercedes, но се распознава и модел од модел. Што кажува Штутгарт за дизајнот на нивниот најнов модел?

Серијата објави за новиот Mercedes C-Class, во којашто претходно ги опишавме моторите и погонската спрега, разликите во димензиите со претходничката, системите за асистенција, продолжува со највозбудливото поглавје за новиот модел – дизајнот. Сепак, изгледот е првото што привлекува кај автомобилите. Тоа најдобро го знае Брита Зегер, членка на управниот одбор на Daimler и директорка за продажба на Mercedes-Benz AG: „Нашите клиенти отсекогаш ја сакале C-Class, затоа што таа секогаш го претставувала врвот во комфорот и техниката, во просторноста и во дизајнот. Доказ за тоа се повеќе од 10,5 милиони продадени примероци од 1982 година.“

Човекот што знае како се создава добар дизајн во Daimler е Горден Вагенер, директор за дизајн на сé што излегува од групацијата Daimler – кога го спомнуваме Вагенер, секако дека ќе го спомнеме и нашиот Славче Таневски, кој неодамна одбележа 10 години работа како дизајнер во концернот, со авторски потпис на CLA, CLA Shooting Brake, B-Class и на сé што може да се сработи за десет години во една од најпосакуваните компании за работа во светот.

Чистота за сетилата, така шефот Вагенер го нарекува стилот што моментно се негува за новите модели на Mercedes

Горден Вагенер, кој е воедно и моќен инфлуенсер со своите 469К следбеници на инстаграм, за најновиот модел со сребрена ѕвезда кажува: „Преку нашиот куќен стил што го нарекуваме чистота за сетилатаја создадовме најстилската и најексклузивна C-Class. Создаваме предмет на желба, преку естетска убавина на сензуални површни, совршено спортски пропорции и невообичаен амбиент во внатрешноста.“

Новиот C-Class, со фабричка ознака W206, оддава динамичност уште додека е во место. Тоа се постигнува со кус превис на каросеријата напред, со долго меѓуоскино растојание и со задниот превис. Секој примерок од серијата има хаубата со впечатливи набори по должината. Ветробранот и кабината се поместени наназад, според „cab-backward-design“. Тоа се пропорции како на класичен автомобил.

Отстрана е главна играта со светлината, којашто ја создаваат површините кои личат како извајани. Линиите се сведени на минимум. Така повеќе се нагласува Catwalk-Line, тоа е појасот под страничните прозорци. Секако дека подеднакво се внимава и на комбито T-Modell. Кај него се забележува прогресивна линија на покривот, што заедно со наведнатото задно стакло создава спортски изглед, без да се нарушува функционалноста. Во спортската појава учествуваат и широката трага на оските (во едно интервју со Славче, тој ни откри дека инсистирал да се зголеми ширината на трагата кај CLA, за неговиот дизајн да се заокружи, што потоа било прифатено од топ-менаџментот) и тркалата што се во иста линија со страниците на каросеријата, односно не се впуштени. Тоа е важно за аеродинамичноста.

Преглед на разликите во изгледот меѓу одделните моделски изведби на Mercedes C-Class

Стандардна изведба

New item by Automedia MK / Google Photos

Avantgarde

New item by Automedia MK / Google Photos

Avantgarde & Night Pack

New item by Automedia MK / Google Photos

AMG Line

New item by Automedia MK / Google Photos

AMG Line & Night Pack

New item by Automedia MK / Google Photos

Маската ја има препознатливата форма, со таа новина што сите модели сега доаѓаат со централна ѕвезда. Основниот модел има обични ламели во маската. Кај Avantgarde, ламелите се повеќе украсени, а има и хромирана рамка во маската, како и хромирани детали во браникот. Третата варијанта е на маската е AMG Line, со дијамантска маска со бројни ситни ѕвезди во неа, со хромиран финиш.

Формата на опашот е препознатлива за Mercedes. Главниот впечаток доаѓа од дизајнот на светлата, со препознатлива шема дење и ноќе. Светлата кај лимузината првпат се дводелни. Импресионира прецизноста што ја оддава „внатрешниот живот“ во светлата, создавајќи впечаток за скап и квалитетен производ. Може да се избираат дополнителни детали, за опашот да изгледа уште попретставително. Палетата е збогатена со три нови бои: Спектрално сина, хак-тек сребрена и опал бела.

Кокпитот зрачи со спортска нота поради средишната конзола што е свртена кон возачот

Арматурната табла е поделена во две целини. Горната половина личи како профил на авионско крило. Новата форма на отворите за воздух потсеќа на авионски мотор. Оваа половина е дополнета со украсна површина што изгледа мошне богато. Украсната површина преоѓа без прекин во средишната конзола. Средишниот дисплеј е завртен за 6 степени кон возачот.

Пред возачот се наоѓа дисплеј од течни кристали со висока резолуција. Дисплејот личи како да лебди над арматурбата табла. Овој дисплеј може да биде со големина од 10,25 инчи (26,0 cm) или 12,3 инчи.

Дигиталната ера е одомаќена во големиот вертикален дисплеј во средината. До сите функции се пристапува преку овој дисплеј. Вертикалната поставеност на дисплејот има предности при користење на навигацијата. Овој дисплеј исто личи како да лебди над украсната површина. Дисплејот стандардно има пречник од 9,5 инчи (24,1 cm), со доплата се добива верзија од 11,9 инчи (30,2 cm).

Средишната конзола е поделена со хромирана лајсна што изгледа мошне благородно. Оваа лајсна ја дели конзолата на дел што е меко поставен за потпирање на лактот и на преден дел што е лакиран во сјајна црна боја. Средишниот дисплеј изгледа како да лебди над оваа тридимензионална површина.

Опционалните спортски седишта се изведени со дизајн со повеќе слоеви и со површини што се преклопуваат, со цел седиштата да не изгледаат масивно и тешко. Потпирачите за глава имаат сосем нов дизајн, со целосно сокриени држачи и механизам за местење.

Арматурната табла е обложена со вештачка кожа, што е стандард кај AMG Line, односно е достапно како опција кај останатите изведби. Деловите што служат за украс имаат сосем нов дизајн. Едната варијанта е дрвен фурнир со отворени пори, во различни нијанси на кафена боја, врората варијанта е исто така фурнир со отворени пори, со црна боја, во којшто се вметнати делови од вистински алуминиум.

Стилски елементи во стандардната изведба на Mercedes C-Class

LED-светла со високи перформанси, ѕвезда Mercedes во иридиум сребрена боја без хромирана рамка, преден браник со украсна лајсна во сребрена боја во долната маска и отвори за воздух со црна решетка, заден браник со додаток со изглед на дифузор во црна боја, сокриени издувни цевки, полирана алуминиумска украсна лајсна, црна рамка на страничните прозорци, мат црна боја на маската врз средишниот столб, хромирана сјајна ѕвезда Mercedes на задниот поклопец со хромирана украсна рачка, тркала од лесен метал со аеро-дизајн 6,5 Ј х 17 и гуми 195/60 кај C 180 (7 x 17 J, 205/55 кај C 200 и C 220 d, 7 x 17 J, 225/50 кај C 200 4M, C 300, C 300 4M и C 300 d).

Стилски елементи кај надворешност Avantgarde

(цена на опција 952 евра за германски пазар)

Интегрирана ѕвезда Mercedes и хромирана ламела, хромирана рамка во маската, преден браник во динамичен стил со украсна лајсна во сребрена боја во долната маска и отвори за воздух со црна решетка, заден браник со додаток со изглед на дифузор во црна боја, сокриени издувни цевки, полирана алуминиумска украсна лајсна, рамка на страничните прозорци од полиран алуминиум, маска врз средишниот столб во сјајна црна боја, хромирана сјајна ѕвезда Mercedes на задниот поклопец со хромирана украсна рачка, тркала од лесен метал со аеро-дизајн со 5 краци, во сјајна црна боја и полирани 7 x 17 J, 225/50.

Стилски елементи кај надворешност AMG Line

(цена на опција 3.094 евра за германски пазар)

Преден браник AMG со спортски отвори за воздух и хромирана украсна ламела, заден браник AMG со додаток со изглед на дифузор во црна боја, странични прагови AMG, облога на маска со шема Mercedes-Benz, ѕвезда и ламела во иридиум сребрена боја со хромирана лајсна, тркала AMG со 5 краци во титан сива боја, полирани, 18 инчи, поголеми сопирачки дискови напред, спортско подвозје со спортско директно управување, издувен систем со две маски со изглед на издувни цевки што се интегрирани во браникот, со спортски звук на мотор.

Стилски елементи кај пакет Night

(цена на опција 535 евра за германски пазар)

Во комбинација со пакет Avantgarde: Ламели во маска во сјајна црна боја и сјајна хромирана украсна лајсна, преден браник со украсна лајсна (Wing) во сјајна црна боја, заден браник со украсна лајсна (Wing) во сјајна црна боја, рамка на прозорци во црна сјајна боја, куќиште на ретровизори во сјајна црна боја, затемнети и изолациски стакла назад.

Во комбинација со пакет AMG Line за надворешност: Дијамант-маска со сребрени пинови и ламела во сјајна црна боја, преден браник AMG со украсна лајсна (Wing) во сјајна црна боја, заден браник со украсна лајсна (Wing) во сјајна црна боја, рамка на прозорци во сјајна црна боја, куќиште на ретровизори во сјајна црна боја, затемнети и изолациски стакла назад.

Стандардна изведба

New item by Automedia MK / Google Photos

Avantgarde

New item by Automedia MK / Google Photos

Avantgarde & Night Pack

New item by Automedia MK / Google Photos

AMG Line

New item by Automedia MK / Google Photos

AMG Line & Night Pack

New item by Automedia MK / Google Photos