Купувачите на новото моделско годиште на Mercedes-AMG GT со 4 врати сега добиваат поширок избор од тркала, облоги на седиштата, украсни панели и каросериски бои. Има и ексклузивна серија, што е достапна со целата понуда од мотори.
Заедно со збогатените можности да се додаде посилен личен печат, новиот Mercedes-AMG GT со 4 врати (или во оригинал 4-Türer) вози со преработено подвозје, за поголем распон меѓу спортски својства и комфор. Германците во август ќе стартуваат со испорака на нарачаните примероци, од досегашните бројни примери нема да биде изненадување новиот модел уште тогаш да се појави во салонот на Мак Аутостар. Цената за шестцилиндарскиот AMG GT 43 4Matic во Македонија изнесува 129.990 евра, според објавениот ценовник на увозникот.
Третиот модел што е од целосно сопствен развој на AMG (!) ги привлекува упувачите со спојот меѓу перформанси, комфор и практичност за секој ден. Меѓу причините за успехот, менаџерите ја гледаат и широката понуда од можности за индивидуализација.
За каросериската боја сега може да се избираат дополнително спектрално сина металик и верзија на истата боја во мат изведба. Тоа дава вкупно три мат, пет металик и две уни-бои. За повеќе нагласен спортски изглед може да се избере AMG Night-Paket II со бројни надворешни детали во темен хром и во црна боја.
Новина е комбинирањето на пакетите Night и Carbon, како и можноста моделите со 6-цилиндри да добијат изглед како 8-цилиндарците. Збогатена е понудата од AMG-тркала, меѓу другото со варијанта од 20 инчи со 10 двојни краци и ковани тркала од 21 инчи со 5 филигрански двојни краци.
Меѓу надворешните обележја на серијата Edition е стилскиот пакет V8, ексклузивната рубин-црвена боја, хромираните детали со висок сјај и спомнатите тркала од 21 инчи.
Врвната изведба AMG GT 63 S 4Matic со 4,0 V8 со 639 КС во Мак Аутостар чини 227.990 евра – без опции.