Во фабриката на BMW во Минхен денес започна сериското производство на новото Gran Coupe од серијата 4. Новодојденецот во матичната фабрика на BMW ќе се произведува на иста лента со лимузината и комбито Touring од серијата 3, но и со BMW M3 и со електричниот i4, кој ќе стартува малку подоцна.

Погоните на BMW во Минхен добија нов модел. Таму првпат ќе се произведува модел Gran Coupe, што значи купе лимузина со четири врати и голем поклопец на багажникот. Почетокот на производството на BMW 4 Gran Coupe во баварската престолнина е важен и за електричниот модел i4, што исто ќе се произведува таму. Каросериската форма на двата модели е речиси идентична, што овозможува користење синергиски ефекти, односно намалување на трошоците преку користење заеднички компоненти и заедничка лента.

Искуствата што ќе се стекнат при производството на BMW 4 Gran Coupe ќе се пренесат и на електричниот BMW i4, со што се гарантира врвен квалитет на изработка. Персоналот што моментно се обучува за стартот на електричниот i4 наесен, на овој начин ќе може повеќе да се посвети на специфичните подрачја на моделот, како што се електричниот погон, високонапонската батерија, но и новиот заоблен дисплеј на BMW, кој е основа за исто така новата генерација на iDrive.

Подготовката за производство на BMW 4 Gran Coupe и на електричниот BMW i4 во Минхен чинеше 200 милиони евра, главно во каросериското одделение, лакирницата и монтажата

Втората генерација на BMW 4 Gran Coupé доаѓа со поагресивен дизајн, повеќе нагласен премиум стил во внатрешноста, како и со бројни иновации во ракувањето и вмрежувањето. Моделот се одликува со спортска елеганција, но подеднакво се издвојкува и со практичноста и функционалноста, поради четирите врати и лесно достапниот и приспособлив багажник.