Ефикасноста и дигитализацијата беа клучните подрачја при развојот на W 206, на новата генерација на Mercedes C-Class. Производителот ги издвојува овие подрачја, затоа што во нив е постигнат најголемиот напредок кај новиот модел. Бидејќи стандардите на марката со сребрената ѕвезда секогаш се високо, нормално е дека и во сите останати подрачја е постигнат солиден напредок – на пример, во системите за асистенција, во денес неизоставните системи што го прават возењето побезбедно и поудобно.

На Mercedes C-Class повторно му успеа да воведе револуција во средната класа, во неговиот домен во премиум сегментот. Почнувајќи од моторите, кои сите до еден се комбинирани со електромотор, во форма на благ хибрид или приклучен хибрид, до врвната аеродинамичност, поради којашто и дизајнот на тркалата е комплетно сменет, C-Class во генерацијата W 206 сé прави подобро од претходникот. Од Mercedes секако ќе додадат дека C-Class прави сé подобро и од конкуренцијата.

Со пристигањето на новиот C-Class на македонскиот пазар, во Мак Аутостар, ја започнавме серијата во којашто објавуваме до детал за секое подрачје на автомобилот. Во четвртото продолжение, следат системите за асистенција. Mercedes C-Class во генерацијата W 206 доаѓа со спортска надворешност и футуристичка внатрешност, со напреден систем за говорно командување MBUX од генерацијата NTG 7, но и со системи за асистенција, кои веќе ѝ овозможуваат на C-Class да вози полу-автоматски, односно полу-автопилотирано.

Штутгарт го води целиот збир од системи за асистеција во Mercedes C-Class како Next Level Intelligent Drive, односно интелигентно возење од следната генерација

Врвот во понудата од системи за асистенција коишто се достапни во C-Class е пакетот што на оригиналниот јазик на Mercedes се води како „Fahrassistenz-Paket Plus“. Импресивен е составот на овој пакет, што во основата е полу-автопилот: Радарски темпомат Distronic, активен асистент за брзинско ограничување, активен асистент за застој на пат, активен асистент за управување, активен асистент за престројување, активно предупредување при возило во мртов агол, потоа следат Pre-Safe Plus и Pre-Safe Impuls Side (дополнителни перници, покрај вообичаените странични воздушни перници, се надувуваат за миг заради заштита во случај на страничен судир) и веќе стандардното запирање при опасност од судир и при пешак или велосипедист на пат. Во германскиот ценовник, овој пакет чини 2.891 евра и со него се добива автомобил што забавува и забрзува самостојно, ги следи свијоците на автопат, запира при застој на пат и поаѓа самостојно – возачот треба единствено да биде буден и да ги држи рацете на воланот, додека Mercedes вози сам. Комфорот е врвен, но безбедноста во возењето е првенствената цел на овие системи.

Техничкиот арсенал што ги овозможува овие функции на Fahrassistenz-Paket Plus се состои од камери, радар и од сензори за ултразвук. Вештачката интелигенција зема предвид кога Mercedes наближува до крстосница или до кружен тек, а дополнително ја приспособува и брзината според актуелното ограничување. Исто се поднамалува и брзината, доколку свијокот е премногу остар.

Секој Mercedes C-Class што излегува од фабрика опремен е стандардно со спомнатиот активен асистент за сопирање (запирање при опасност од судир, претходно звучно предупредување), потоа со активен систем за задржување во лента (управувањето самостојно изведува зафат за возилото да го врати во лента, се создаваат и вибрации), а има и дополнителна воздушна перница меѓу патниците напред, за нивните тела да не се удрат меѓусебно при страничен судир.

Во споредба со системите кај претходникот се извршени неколку усовршувања и дополнувања:

Активниот асистент за одржување растојание Distronic автоматски го приспособува растојанието од возилото напред на сите видови патишта, односно по автопат, по спореден пат и во град. Новината е во тоа што системот сега реагира на запрени возила на патот, при брзина до 100 km/h (досега системот реагираше при брзини до 60 km/h).

Активниот систем за управување му помага на возачот да ја следи лентата при брзини до 210 km/h. Системот сега дополнително користи камера во 360 степени за препознавање на линиите, што помага возилото полесно да ја следи лентата кога се вози по пат што се поправа. Исто така е подобрена реакцијата на поостри свијоци по споредни патишта и возилото попрецизно се центрира во лентата при возење по автопат.

Асистентот за сообраќајни знаци, освен стандардно поставени знаци за брзинско ограничување, сега препознава и знаци што се поставени на премостување над патот, а ги чита и знаците за поправка на пат. Сензорите ги читаат дури и дополнувањата за предупредување што се поставуваат на знаците, како на пример „При дожд“. Системот сега предупредува и за стоп-знак, како и за црвено светло на семафор, доколку C-Class е опремена со некој од дополнтиелните пакети со системи за асистенција.

Возењето добива нов квалитет и со светлата Digital Light со проекторска функција. Овие светла работат во висока резолуција и дејствуваат како проектор, односно реагираат со „брилијантно“ светло на промените во сообраќајот, на промените на патот и на временските услови. Технолошки најнапредните светла се нудат како опција, по цена од 2.112 евра во германскиот ценовник, и претставуваат ново доживување во поглед на функцијата на светлата. По пример на S-Class, најмалата класична лимузина на Mercedes исто така може да проектира линии врз патот за возачот појасно да се упати во соодветниот правец. Покрај линии, возачот гледа како неговиот автомобил врз патот пред него проектира и симбили, како и анимации. Несомнено, една од најимпресивните работи во новата генерација на модели на Mercedes.

New item by Automedia MK / Google Photos

Покрај Digital Light со проекторска функција, Mercedes нуди и дигитални светла без оваа функција, односно без прикажување линии, симболи и анимции врз патот. Во тој случај, доплатата за Digital Light чини 1.606 евра според германскиот ценовник. Трета опција е познатиот асистент за долго светло, со таа разлика што тој во Mercedes постојано се приспособува според сообраќајот отспротива, односно работата на адаптивниот асистент за долго светло не се сведува на обично префрлување од долго на соборено светло. Цена на опцијата во Германија: 214 евра.

Во стандардната изведба, секоја C-Class доаѓа со комплетно диодни светла за сите функции на осветлување, кои Mercedes ги води како светла LED High Performance. Препознатливо за актуелната генерација модели, светлечката лента што го сочинува дневното светло минува по горниот раб на светлата, во форма на бумеранг.

>>> Новиот Mercedes C-Class најдетално: Електромотор во сите погонски изведби