Американските играчи повторно донесуваат свежина во играта на Toyota во европското автомобилско првенство. Пристигањето на Highlander привлече максимално внимание, сега и лимузината Camry малку го смени стилот на играта.

Новиот пристап во развојот и дизајнирањето на автомобилите на Toyota донесе многу поголема динамика во возењето на моделите на марката, што е придружена и со соодветна динамична нота во изгледот. Ако ги прашате луѓето во Toyota, тие ќе ви кажат дека архитектурата TNGA (Toyota New Global Architecture) донесе и големо раздвижување во сé што се случува околу марката, Toyota денес живее со „тристо на час“, вклучувајќи ги тркачките патеки. Постојано има нешто ново, се случуваат и изненадувања, стратегијата врви беспрекорно.

Во смисла на последното: Моментно во Toyota во Македонија е најактуелен големиот СУВ-крстосувач Highlander, кој внесе оригинален американски стил на „Big is beautiful“ во салонот на марката. Сцената го поздрави пристигањето на овој бестселер во сегментот на СУВ-моделите од средна класа на американскиот пазар, редовно пристигаат нарачки за моделот. Тоа што посебно привлекува кај Highlander секако е „калифорнискиот“ стил, но и духот на релаксирачки луксуз, спротивен од оној луксуз што обврзува.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во духот на „челикот се кове додека е жежок“, од неделава на македонскиот пазар почнува да се продава и освеженото моделско годиште на лимузината Camry – со нагласок на лимузина. Camry е хроничен бестселер, уште подоминантен од Highlander и исто толку американски во поглед на изобилството од простор и опрема. Ова моделско име е најпродаван патнички автомобил на пазарот во САД, цели две децении наназад во континуитет. Точно е тоа дека сцената сега ќе го гледа Camry малку поразлично – поради тоа што во меѓувреме во Европа почна да се продава Highlander. Лимузината всушност беше прва што го направи тој чекор, откако Toyota реши Avensis во Европа да го замени со Camry.

Фактот што Toyota уште може во Европа да нуди голема лимузина во средната класа – покрај моделите на германското премиум трио кои целосно владеат со тој пазар – се должи првенствено на фактот што Camry се продава шампионски на американскиот пазар. Сцената одамна ги има подзаборавено Mondeo, Insignia, Laguna, па дури и Passat почнува да попушта. Наспроти тоа, Toyota спокојно ја полира каросеријата на својата најголема лимузина на европскиот пазар.

Новото моделско годиште на Toyota Camry доаѓа со повпечатлив европски карактер во дизајнот и уште неколку екстра ставки во безбедносната опрема

Camry сепак не е „само“ американски, туку и светски бестселер. Од првата генерација од 1982 година, досега на повеќе од 100 пазари се продадени над 19 милиони примероци. Со повеќе од 700.000 примероци во последната година, Toyota Camry е најпродавана голема лимузина во светот. Дури 85 проценти од продажбата отпаѓа на компании со големи возни паркови и генерално на службени возила.

Новиот модел се препознава по сменетиот дизајн на тркалата и новите бои, но пред се по новиот нос, кој сега има подинамичен карактер. Наспроти Highlander кој изгледа непогрешливо американски, новиот Camry добива црти што повеќе се во стилот на европската постава на Toyota. Моделот на пазарот во САД изгледа сосем поразлично од европскиот модел, во главните карактерни црти во стилот речиси нема заеднички црти меѓу двата модели за двата различни пазари.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во внатрешноста е забележуваат нови материјали и нови бои. Средишниот дисплеј сега има пречник од 9 инчи и поставен е повисоко. Нема промени во погонот. Таму е стандард 2,5-литарски бензинец, кој заедно со електромоторот произведува системска моќност од 218 КС. Покрај штедливоста и чистиот издув, овој погон се грижи и за примерна динамика и возачко уживање, согласно начелата на TNGA-архитектурата.

Со новиот нос, Camry покажува повеќе карактер во појавата и поседува спортско-елегантна нота. Сменет е браникот, а уште повеќе се забележува новата маска, како и долниот отвор за воздух. Овој отвор, со своите хоризонтални лајсни во црна или темносива боја, ја нагласува ширината на лимузината, ѝ дава стабилност во изгледот. Се забележуваат и страничните елементи во браникот, коишто имаат хромиран или сребрен финиш.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сменет е дизајнот на тркалата од 17 или 18 инчи, зависно од нивото на опрема. Во помалата варијанта, краците се во форма на V, додека поголемите тркала имаат потенки краци, кои се изведени комбинирано во темна и светла боја. Во понудата од каросериски бои е новина паладиум-сребрената боја, што ѝ дава посебна појава на големата лимузина. Кај задните светла има промени во графиката.

Покрај тоа што средишниот дисплеј сега има пречник од 9 инчи и поставен е повисоко, инфо-забавниот систем располага и со побрз софтвер, како и со подиректна реакција при допирање на дисплејот. Поврзувањето со телефон преку Apple CarPlay и Android Auto исто така е дел од освежувањето на лимузината.

New item by Automedia MK / Google Photos

Највисоките нивоа на опрема располагаат со новодизајнирани кожени седишта во беж или црна боја. Посебен стил на седиштата им дава перфорацијата во дизајн на рибина коска. Овие отвори воедно се грижат за подобра вентилација на седиштата. Украсните панели на инструментите, арматурната табла и вратите може да бидат црни, со елегантна мустра со прави линии или „титаниум“ со геометриска мустра.

Системот за самостојно запирање при опасност од судир PCS е дополнет со нови функции. Покрај подобреното препознавање возила од спротивен правец, системот сега може да изведе и зафат во управувањето (Emergency Steering Assist – ESA), за пречките да се избегнат полесно и побезбедно. Новина претставува и помошта на крстосница (Intersection Turn Assist – ITA), за предупредување на возачот и запирање на возилото, кога возачот скршнува влево или во десно пред возило што наидува отспротива или кога минува пешак на улицата во којашто возачот скршнува.

New item by Automedia MK / Google Photos

Радарскиот темпомат (Full Range Adaptive Cruise Control – ACC) сега работи заедно со камера за сообраќајни знаци, за на тој начин да се овозможи брзината полесно да се приспособува според важечкото ограничување.

Нов е системот за следење лента (Lane Trace Assist – LTA). Кога постои опасност возилото да излезе од лента, следи импулс во управувањето. За зголемена ефикасност на системот се грижат подобрено препознавање на лентите, побрзо време на реактивирање по престројување и поголем агол на компензирање на управувањето, во случај кога има силни турбуленции при престигнување камион.

New item by Automedia MK / Google Photos

Зошто ја возевме Toyota Camry до големите вештачки езера?

Toyota Camry Hybrid
Toyota Camry Hybrid