Peugeot направи сé да го спаси комбито како каросериска „сорта“ во компакт класата во првата генерација на 307, кога пазарот на овие практични и релативно достапни возила почна да попушта. Тој труд резултираше со тоа што Peugeot денес уште може да понуди комби во оваа класа. Французите ја претставија новата генерација на Peugeot 308 SW додека уште чекаме стандардниот 308 да пристигне во салон.
Првото што марката со лавот го коментира за својата најнова премиера е следното: Peugeot 308 SW поседува стил со карактер, со тркачки профил и со софистициран опаш. Тоа кажува каде Peugeot стави главен нагласок при развојот на новиот модел, што продолжува успешна семејна низа од модели, од 204 Break, преку 304 Break, па потоа 306 Break и секако 307 Break/SW, до двете генерации на 308 SW. На тоа секако се надоврзуваат и неизоставните Break-изведби на 404 или 504. Голема и вредна традиција, во секој случај.
Техниката на комбито секако дека доаѓа од новата генерација на Peugeot 308. Должината на каросеријата изнесува 4,64 метри, меѓуоскиното растојание е продолжено на 2,73 метри. На штедливите мотори им помага и примерната аеродинамичност, со коефициент на отпор на воздух Cx 0.277.
Вообичаено за „SW“, во кабината стојат на располагање бројни прегради и можности за одлагање. Задната клупа е триделна (40/20/40) и може да се соборува и од опашот. Отворањето на задниот поклопец може да биде и со помош на електромотор. Подот во багажникот се мести на две висини и нуди зафатнина меѓу 608 и 1.634 литри.
Исто како кај Peugeot 308, унапреден е i-Cockpit, меѓу другото со нов волан, кој може да биде и загреван, со 3-димензионална проекција и дисплеј од 10 инчи, со нов средишен дисплеј од 10 инчи со новите функции на i-Connect. Класичните команди за климата се заменети со нови i-преклопници, со можност за секој преклопник да се додели функција по желба. За поврзување со телефон и преносни уреди стојат на располагање четири приклучоци USB C, безжичен пренос и можност два телефони да се поврзат преку блутут.
Понудата од погонски единици ги вклучува и верзиите со приклучен хибриден погон Hybrid 225 e-EAT8 и Hybrid 180 e-EAT8. Кај бензинците може да се избира меѓу PureTech 110 S&S BVM6, PureTech 130 S&S BVM6 и PureTech 130 S&S EAT8, достапни се и два дизели BlueHdi 130 S&S BVM6 и BlueHdi 130 S&S EAT8.
Новина во продажбата за Peugeot 308 SW е тоа што моделот во неколку држави во ЕУ може да се купи по пат на 100% дигитална постапка, со избор на локацијата за испорака на возилото.