Кастомизацијата е новата голема работа во Mercedes. Откако новиот C-Class воведе нови стандарди и нова слобода во тој поглед, сега и благородничката купе-лимузина AMG GT го следи примерот. Важни новини има и во подвозјето.

Изведбата на Mercedes-AMG GT со 4 врати е ценета по тоа што претставува совршена автомобилска придружничка во секоја животна ситуација, во град, по автопат, на одмор, за деловно патување. Посебна серија сега го нагласува тој карактер на спортскиот модел. Може да се избира и меѓу неколку нови дизајни на тркала, облоги на седиштата, украсни делови, каросериски бои. Круна на промените е новодотераното подвозје, коешто сега нуди уште поголем скок меѓу спортско и комфорно возење, зависно од желбата и расположението на возачите.

Во поглед на техниката, во минатото лето беше извршено темелно освежување и GT во тој поглед е тип-топ. Но, пак има новини: Додадени се и збогатени се функциите на системите за асистенција, а кокпитот со два споени дисплеи е стандард, заедно со посебните функции за AMG. Новите модели ќе се појават во продажба во август, прво изведбите со 6-цилиндарци, а потоа и осумцилиндарците.

New item by Automedia MK / Google Photos

Посебноста на третиот модел развиен од Mercedes-AMG е во спојот на спортски перформанси и возни својсгтва, со четири врати и пет седишта, со пневматска суспензија, активно управувана задна оска и варијабилен погон на сите тркала. Плус, GT во оваа изведба е рекордер на Нирбургринг во својата категорија.

Класичните лимузини се „модерен луксуз“, специјалистичките изведби како AMG GT се „перформансен луксуз“

Сегашното освежување е воедно и најава за претстојното воведување на првиот E Perfornance модел со хибриден погон во гамата на AMG GT. Три нови бои стојат на располагање: Спектрално сина металик, спектрално сина магно (мат) и кашмир бела магно (мат).

Одново е дотерано повеќекоморната пневматска суспензија AMG RIDE CONTROL+, коешто сега поседува два таканаречени вентили за ограничување на притисокот. Со помош на овие вентили што се надвор од телото на амортизерот се овозможува придушувањето на ударот и на влијанијата врз амортизерот да дејствува уште попрецизно. Еден вентил раководи со повратниот степен, другиот вентил со работниот (притискачки) степен на амортизерот. Двата вентили работат независно еден од друг. На тој начин се постигнува во исто време да се подобри комфорната работа на подвозјето, но се подобрува и возната динамика.

Компјутер ги анализира податоците од сензорите и за неколку милисекунди ја приспособува работата на амортизерите. Посебната форма на конструкцијата на вентилите овозможува амортизерите брзо и прецизно да реагираат на промената на подлогата и на условите на возење. Возачот ги избира програмите за возење преку AMG DYNAMIC SELECT, во дијапазон од „Sport+“ до „Comfort“.

Нов волан AMG Performance со двојни краци

Меѓу највидливите промени во новото моделско годиште секако дека е воланот AMG Performance, со препознатлив дизајн со двојни краци и со сензорски полиња што се слеани во самите краци. Рачките за контрола на степените се зголемени и поместени се подолу.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено со моделските освежувања на Mercedes се нуди специјална серија Editions. За неа се достапни сите мотори. Стандард е пакетот V8-Styling, со кого што и возилата со шестцилиндарец изгледаат како да станува збор за модел со V8. Ексклузивна боја за серијата е рубелит-црвена, со којашто совршено одговараат ковани тркала од 21 инчи со 5 двојни краци, кои се лакирани во сребрена боја и свртени се на „дребонг“. Стандардно следат и најразличните сценарија на вклучување на светлата.