За изгледот на петтата генерација на својот бестселер, Kia вели дека тој е елегантен, но и со нагласени мускули, модерен. Дизајнот ги следи начелата на „Спротивностите се привлекуваат“, стил што Kia го воведе со електричниот EV6. Големата новина внатре е заоблениот дисплеј по целата ширина на кокпитот.

Продолжува дизајнерската авангарда на Kia. Кој очекуваше дека стилот на корејската марка е само „привремена“ атракција и дека во следните моделски генерации ќе почнат да се повторуваат дизајнерите, сега ќе биде убеден во спротивното, со новиот Sportage. Тој е најпродаван модел на марката, вреден градител на имиџот, веќе со генерации столб на марката и на македонскиот пазар, каде што Kia ја имаме како мошне моќна марка.

Главниот дизајнер Карим Хабиб, најдобро го познава новото дело на марката: „Повторното создавање на Sportage им даде исклучителна можност на нашите талентирани дизајнерски тимови да направат нешто ново; да земат инспирација од последните модели на марката и од воведувањето на EV6, за клинентите да се инспирираат од модерен и иновативен дизајн на СУВ. Со комплетно новиот Sportage, ние не сакавме едноставно да направиме чекор напред, туку сакавме да зачекориме во ново ниво во СУВ-класата“.

https://photos.app.goo.gl/2NwrHKkDsYMeubY49

Хабиб понатаму посочува на моќната и динамична става на новиот модел, на бројните детали во кабината, на убавата завршница во ентериерот и на материјалите од прва класа: „Веруваме дека во новиот Sportage можете да ја видите иднината на нашата марка и на нашите производи.“

Многу работи се сменија во Kia во меѓувреме, се унапредија. Ново лого, нов слоган „движење што инспирира“, нов дизајнерски правец „спротивнистите се привлекуват“. Дизајнот се води според пет начела, коишто беа објаснети при премиерата на уште една голема новина на марката годинава, на електричниот EV6. Петте начела според коишто ќе се раководат сите модели на Kia во иднина се Joy for Reason, Power to Progress, Technology for Life, Tension for Serenity и Bold for Nature. Најочигледниот принцип кај новиот Sportage е петтиот, „храбро за природата“, со спој меѓу природниот свет, со впечатлива, емотивна, модерна, но пак органска форма.

Во дизајнирањето на новата Kia Sportage учествуваа главните дизајнерски центри на марката во Кореја, Германија, САД и Кина

Храбри промени се направени во изгледот на носот на Sportage, во „карактерот“ на моделот. Главниот нагласок го стасва широката црна маска со графички детали, во којашто задираат дневните светла во форма на бумеранг. Тоа секако и натаму е „тигарскиот нос“ на Kia. Оваа авангарда е комбинирана со едноставни и чисти површини.

https://photos.app.goo.gl/PqFniWLtmYPMy51P7

Првпат кај Sportage ќе може да се нарача изведба со црн покрив, односно со различна боја од каросеријата. Целта е на тој начин да се нагласат спортскиот профил и динамичните задни столбови. Удел во целиот впечаток има и хромираниот елемент по целата должина на долниот раб на прозорците, со задолжителната „перка“, како и дебелата хромирана лајсна долу на вратите.

Назад доминира впечатокот за ширината на крилата, што на Sportage му дава моќ и стабилност во појавата. Мускулестите форми се слеваат во задните светла, кои одушевуваат со прецизноста и со графиката. Задните светла се споени со лајсна, што дополнително ја нагласува ширината на опашот. Долу во браникот се повторуваат истите форми како напред.

https://photos.app.goo.gl/ZWNUKZ6XisU6ruXTA

Во кокпитот се издвојуваат заоблениот и широк дисплеј, заедно со скулптурираните отвори за воздух. Уште една новина е ротирачкиот контролер за менувачот. Гребенот меѓу седиштата е изработен со сјаен финиш, а се забележува и различната изведба на „држачите за чаша“, кои тука се отворени странично и ветуваат поголема практичност.

Премиера во новиот Sportage ќе има и изведбата X-Line, со уште повпечатлив стил и самоуверен карактер. Оваа изведба ќе се препознава по изгледот на браниците, по праговите и по заоблените кровни шини. Во внатрешноста на X-Line може да се избира меѓу зелени или црни седишта. Премиум карактер внесуваат деталите изработени од метал и од дрво.

Продажбата на новата Kia Sportage ќе стартува уште годинава. Моторите и опремата ќе бидат објавени подоцна.

https://photos.app.goo.gl/BbzymLtaJ4yAiq5n8

https://photos.app.goo.gl/9omRaAGdWmDAtyFW9

https://photos.app.goo.gl/EzaTrQSqNaBg3HnX8

https://photos.app.goo.gl/7WDDiidSFk76CSDg8

https://photos.app.goo.gl/NwhX5EJoyXE8iG9h8

https://photos.app.goo.gl/QusN37YGYpTX2au26