Lexus претставува нов NX на 12-ти јуни. Луксузната марка на Toyota ја најави премиерата со слика од задниот дел на својот СУВ-модел од средната класа.

Фотографиите од новиот Lexus NX уште во февруари се појавија на мрежата. Со изгледот, новата генерација на моделот продолжува во воспоставената техно-авангардна насока на Lexus. Единствено се забележуваат малку повеќе заоблени форми и меки преоди меѓу површините. Впечатливата диаболо-маска секако дека останува заштитен белег и на моделот и на марката.

Внатре следи комплетно нова арматурна табла, којашто во основната форма личи многу со онаа во водородната Toyota Mirai. Нормално, на фотографиите е прикажана најопремената изведба, во којшто очигледно ќе се вградува средишен дисплеј со импресивна големина, веројатно над 12 инчи.

При премиерата се очекува да се потврди дека новиот Lexus NX ќе ја користи платформата од актуелната Toyotа RAV4. Очекувањата најмногу се насочени кон изведбата со приклучен хибриден погон, којашто веќе се нуди во братскиот СУВ-модел од Toyota. Во тој случај, NX ќе биде прв модел на Lexus што ќе се нуди и во изведба со приклучен хибриден погон.

Извесно е дека понудата ќе се состои од NX350h со 2,5-литарски бензинец и два електромотори, кои заедно ќе даваат системска моќност од преку 220 КС, како и од NX450h+, со истиот мотор, но со уште посилни електромотори – и со поголема батерија и приклучок за полнење. Во вториов случај, моќноста би надминувала 300 КС. Со полна батерија би можело да се вози околу 75 километри. Се ќе биде познато на 12-ти јуни.