Rimac Automobili денес ја претстави сериската изведба на C_Two, којашто ќе го носи моделското име Nevera. Станува збор за електричен хиперавтомобил со 1.914 КС, со крајна брзина од 412 километри на час и цена од два милиони евра, којшто ги поместува границите за моќност и перформанси.

Rimac Nevera следи по повеќе од три години, откако хрватската компанија го прикажа концептот C_Two на салонот во Женева. Серискиот модел е напреднат во секој поглед, со бројни компоненти што потекнуваат од сопствена продукција.

„Кога првпат го прикажавме C_Two, нашите цели беа поставени исклучително високо. Не постоеше нешто што би се споредувало со врвната електрична погонска спрега и исклучителните перформанси на автомобилот. Но, за нас тоа беше само појдовна точка“, објаснува Мате Римац, основач и извршен директор на Rimac Automobili.

Од хрватскиот хиперавтомобил со погон на струја ќе се изработат само 150 примероци. Мате Римац лично ќе го тестира и потпише секој изработен примерок, пред да се испорача на клиентот од фабриката на периферијата на Загреб.

Името Nevera потекнува од локалниот говор, за брз, неочекуван и моќен медитерански бран, што фучи по отвореното хрватско море. Невера е исклучително моќна и проследена е со молњи.

„Уште од 17-от век, вратоврската претставува симбол на хрватската моќ и идентитет, и првпат го испочитувавме тоа со нашиот хиперавтомобил Concept_One во 2011 година“, открива главниот дизајнер Адриано Мудри. „Како и секој елемент во дизајнот на автомобилот, таа е тука за да обезбеди клучна функција во перформансите на Nevera, служејќи како вшмукувач на воздух за задните системи за ладење.“

New item by Automedia MK / Google Photos

Rimac користи најнапредна конструкција на монокок во светот. Карбонскиот покрив, батеријата што е интегрален дел од структурата и задната помошна рамка од карбон, го сочинуваат најголемиот единечен дел изработен од карбон во целата индустрија. Монококот тежи помалку од 200 килограми и содржи 222 алуминиумски додатоци. За тој да се свие за 1 степен, потребно е врз него да дејствува сила од 70.000 Nm.

Батеријата со водено ладење има капацитет од 120kWh, составена е од 6.960 ќелии и има единствена Н-форма. Самата батерија уечстрвува со 37% во структурната крутост на монококот. Распределбата на тежина изнесува 48/52% меѓу двете оски.

New item by Automedia MK / Google Photos

Секое тркало има сопствен електромотор со перманентен магнет. Сите заедно произведуваат 1.914 КС и 2360 Nm – тоа е трипати повеќе од „обичните“ хиперавтомобили. Предната и задната оска имаат по еден сопсвен преносник со еден степен.

Спринтот до 60 милји на час (96 km/h) трае 1,85 секунда. До 100 милји (161 km/h) се потребни само 4,3 секунди, до 300 km/h минуваат 9,3 секунди. Четвртина милја се совладува за 8,6 секунди.

Место класични системи за контрола на стабилноста (ESP, ASR…), тука се користи Rimac All-Wheel Torque Vectoring 2 (R-AWTV 2). Секако, врвот во способностите на овој автомобил претставува фактот што секое тркало добива моќ точно колку што е потребно во дадената ситуација и услови.

По две триаголни водилки, електронски контролирани амортизери и активно местење на висината се подразбираат. Rimac нагласува дека Nevera може да се користи неограничено во секојдневието, без жртвување на комфорот или возливоста.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во хрватскиот хиперавтомобил на струја работи и првиот тренер за возење што се базира врз вештачка интелигенција. За тој да функционира, се коирстат 12 ултразвучни сензори, 13 камери, 6 радари, сето во комбинациај со најновиот оперативен систем NVIDIA Pegasus.

Како дел од процедурата на предавање на возилото, секој купувач или купувачка на Nevera ќе биде поканет/а во Хрватска да го дизајнира сопствениот автомобил. На располагање стои и мрежата од партнери на Rimac во 19 градови ширум светот.