Како што наближува летото, така BMW го симна покривот од M4. По купето и лимузината M3, кабриолетот е трета варијанта од M GmbH што ќе се произведува во фабриката во Динголфинг.

За кабриолет изведбата на M4, Баварците се решија за комплетен пакет, затоа што ќе ја нудат истата само во верзија Competition со 510 КС, со погон на сите тркала и осумстепен автоматик. За отворената каросериска изведба ќе мора да се издвојат најмногу пари, точно 100.000 евра. Производството стартува во јули.

Покривот повторно е платнен. За отворање и затворање се потребни 18 секунди, а тоа може да се врши и во возење, до брзина од 50 km/h. Тежината е намалена за 40% во споредба со претходникот што имаше преклоплив метален покрив. Звучната и топлинската изолација сепак не заостануваат. Покривот, вратите, прозорците, светлата, сето тоа е идентично со стандардните кабриолети од серијата 4, додека сите останати делови од каросеријата се посебни за M и во основа не се разликуваат од купето M4. Заради зголемување на крутоста, назад се вградени дополнителни шипки, а воедно и задната оска е дотерана различно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кај моторот сé е по „старо“. Трилитарецот со шест цилиндри во линија и битурбо натполнење, со код S58, испорачува 510 КС и 650 Nm. Оваа моќност овозможува кабриолетот од близу 2 тони да спринтува до темпо сто за само 3,7 секунди, односно за 13,1 секунди до темпо 200. Со доплата, лимитот се поместува на 280 km/h.

За звукот на моторот да биде присутен во кабината и при подигнат покрив, инженерите развија нов генератор на звук. Тој наскоро ќе биде достапен и во купето М4 и во лимузината М3.

Кожени седишта со грејачи се стандард, со доплата следуваат уште проветрување и фен за вратот. Спротивно од тоа е опцијата за школкасти седишта од карбон. Багажникот е смален на 300 литри (при спуштен покрив), односно 385 литри. Кому тоа му е малку, BMW нуди и лимузина М3.

New item by Automedia MK / Google Photos