Електрификацијата не е привилегија што е резервирана само за кругот купувачи кои можат да избираат според „расположението“ и само за државите што се свесни за одржливоста на животната средина. Истата почнува уште во најдостапните ценовни сегменти. Деновиве во салонот на Kia e изложен моделот што претставува зачеток на електрификацијата во понудата од модели на марката. Станува збор за Stonic во неговата погонска варијанта 1.0 T-GDi 120 mHEV. Истиот погон се нуди и во техничкиот близнак, Kia Rio.

Познавачите на Kia ќе „прочитаат“ во ознаката дека тоа е мотор со директно впрскување и со турбонатполнење, со моќност од 120 КС. Новината е ознаката mHEV, но и за тоа не треба многу мудрување. Овој погон го означува почетокот на електрификацијата во Kia, односно тој е почетното скалило. Тука работи благ хибриден погон. Ознаката mHEV доаѓа од Mild Hybrid Electric Vehicle.

Како моделска изведба што го означува врвот во понудата во гамата, Stonic 1.0 T-GDi mHEV стартува од 19.950 евра, односно цената со акцискиот попуст од 1.000 евра изнесува 18.950 евра. Може да се избира меѓу изведба со мануелен менувач и изведба со автоматски менувач со двојна спојка, кои во цената се разликуваат за 1.000 евра. Причината за малата разлика е во тоа што и мануелниот менувач не е „само“ мануелен. Тука работи техника што Kia ја води како iMT, односно интелигентен мануелен менувач.

New item by Automedia MK / Google Photos

Но, што е тоа што прави погонот да биде благ хибрид? Техниката е многу едноставна, а сосем е делотворна во поглед на намалување на потрошувачката на гориво – и емисијата на штетни материи, секако. Место стартер, односно „анласер“, и место алтернатор, во Kia mHEV работи стартер-генератор. Тој е поврзан со коленастото вратило преку ремен. Тоа воедно ја гарантира и првата разлика во споредба со „обичниот“ погон. Моторот, имено, стартува меко и тивко, без вообичаеното „верглање“, без вибрации, без дополнителни звуци. Овие погодности ќе се почувствуваат веројатно дваесетина пати во секојдневието – по секое стартување на моторот преку системот старт-стоп.

При секое отпуштање на гасот, погонската спрега го користи залетот за да произведе енергија и да ја наполни батеријата во багажникот на Kia Stonic со благ хихбриден погон

Но, придобивката не е само во комфорот, туку има и за џебот, а и за животната средина, затоа што овој стартер-генератор помага да се смали потрошувачката. При секое отпуштање на гаста и при секое сопирање, овој своевиден електромотор се префрлува на работа како генератор. Тој го користи залетот на возилото и кинетичката енергија ја претвора во електрична, којашто се акумулира во мала дополнителна батерија во возилото. Тоа што го прави овој стартер-генератор е искористување на енергијата, којашто при обично сопирање би се „изгубила“ во форма на топлина што се создава при триењето во сопирачките.

Стартер-генераторот работи во 48-волтна архитектура, што кусо значи дека може да се постигне повисока моќност, односно уредот може да биде дел од погонот и во одредени ситуации да го движи возилото заедно со моторот. Stonic и Rio се први модели што го користат 48-волтниот благ хибриден погон во Kia. Максималната моќност што може да ја постигне стартер-генераторот изнесува 12 киловати, односно над 16 КС, но поважен е вртежниот момент, чијашто вредност Kia не ја објавува.

New item by Automedia MK / Google Photos

И мануелниот менувач е интелигентен. Поточно, спојката е интелигентна. Станува збор за електронски управувана спојка (Clutch-by-wire). Таа овозможува возилото да „едри“, односно автоматски ја одвојува врската меѓу моторот и менувачот при отпуштање на педалата за гас, на пример, кога Stonic ќе се пушти да се движи под залет пред семафор што е вклучен на црвено. Притоа и моторот се гасне. Возачот одвај чувствува некаква промена во работата на спојката, меѓутоа системот си функционира и штеди.

New item by Automedia MK / Google Photos

Од друга страна, енергијата што при возењето се акумулира во литиум-јон батеријата, сосем е доволна за стартер-генераторот кусо време да се напојува со електрична енергија и да функционира како електромотор што му помага на бензинецот при поаѓање и при забрзување. Стартер-генераторот асистира како електромотор само неколку секунди при поаѓањето, но и тоа време е сосем доволно за моторот да се растовари и да се заштеди гориво.

Моторот исто претрпе неколку преправки, меѓу кои и воведување варијабилно времетраење на отворањето на вентилите CVVD

Дури и самиот мотор 1.0 T-GDi претрпе неколку важни преправки за неговото „комбинирање“ во благ хибриден погон. Моторот сега располага со CVVD (Continuously Variable Valve Duration), односно со променливо времетраење на отворањето на вентилите, зависно од моментното оптоварување на моторот. Кусо, целта е да се постигне баланс меѓу моќност и штедливост.

New item by Automedia MK / Google Photos

Порасна и вртежниот момент, од 172 Nm на 200 Nm, но во верзијата кога благиот хибрид е комбиниран со менувач DCT, односно со автоматски менувач со двојна спојка, со 7 степени на пренос. Тоа се 16% повеќе во споредба со досега. Верзијата со интелигентниот мануелен менувач и натаму располага со 172 Nm. Заштедата во потрошувачката според фабриката изнесува 9 проценти. Возачот може да избира меѓу три режими: Еко, нормален, спортски.

Киа Моторс Македонија ја нуди оваа моделска изведба на Stonic во три нивоа на опрема: Reference 1, Reference 2 и GT Line. Во основното ниво на опрема, што веќе е над стандардот во класата, Stonic доаѓа со самостојно запирање при опасност на пат, со препознавање пешак на пат, систем за следење лента, автоматско долго светло, радарски темпомат (со менувал DCT7), паркинг сензори и камера, мануелен клима уред, дисплеј од 8 инчи, поврзување со паметен телефон, кожа на волан и на рачка на менувач, електрика на сите прозорци, потпирач за рака напред, тркала од 17 инчи од лесна легура и уште бројни ставки.

Цените за одделните нивоа на опрема:

  • Reference 1 · 19.950 евра (18.950 евра со акцискиот попуст)
  • Reference 2 · 20.550 евра
  • GT Line · 21.950 евра

Цени со менувач DCT7: Reference 1 · 20.950 евра (19.950 евра акциска), Reference 2 · 21.950 евра, GT Line · 23.550 евра

Kia Rio исто така е достапна во изведба со благ хибриден погон, почнувајќи од 16.950 евра акциска цена за моделот 1.0 T-GDi 120 mHEV со ниво Reference 1.

Технички податоци · Kia Stonic 1.0 T-GDi 120 Eco-Dynamics+

  • Потрошувачка на гориво (град/пат/просек): 4.8/4.2/4.5 (5.0/4.5/4.7) L/100 km
  • Потрошувачка според WLTP, просек: 5,6 L/100 km
  • Емисија на СО2: 102 (107) g/km
  • Мотор: Бензински, 3 цилиндри во линија, по 4 вентили, турбонатполнење, директно впрскување
  • Компресија: 10,5:1
  • Пречник х Од: 71 x 84 mm
  • Работна зафатнина: 998 cm3
  • Моќност: 88 kW/120 КС при 6000/min
  • Вртежен момент: 172 Nm при 1500-4000/min (200 Nm при 2000-3500/min)
  • Механизам на вентили: 2 брегасти вратила во глава со двојно варијабилно управување
  • Резервоар: 45 литри
  • Сопирачки: Напред диск 280 mm, назад диск 262 mm
  • Димензии: 4140 х 1760 х 1505 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2580 mm
  • Празно возило (EU): 1225-1328 (1260-1363) kg
  • Дозволена тежина/Носивост: 1680 (1710) / 455 (450) kg
  • Багажник: 352/1155 литри
  • Највисока брзина: 185 (185) km/h
  • Забрзување 0-100 km/h: 10,4 (10,4) s

(вредностите во заграда се за модел со менувач DCT7)

Тест: Kia Stonic 1.2 Reference

Моделското освежување донесе промени главно во погонот. Познатиот мотор Smartstream 1.2 со 84 КС доби по два инјектори по цилиндар (DPi), по пример на еднолитарскиот турбо-бензинец со 100 и 120 КС. Има и уште повеќе системи за асистенција, како и нови материјали и бои