Новото купе во Серијата 2 на BMW ги вози последните метри пред големиот старт. Тоа се воедно и најважните метри. По сите тестирања во екстремни услови на тркачка патека, сега на инженерите им преостануваат уште најфините дотерувања во погонот и во системите за контрола на подвозјето. Купето од серијата 2 останува ексклузивец. Погонот е назад, освен во топ-моделот M240i xDrive, каде што екстремната моќност сепак налага погон на сите тркала.

BMW го подготвува новиот автомобил за првата стартна линија во компакт класата. Со заден погон, екстремно моќен шестцилиндарец во линија, распределба на тежината во сооднос 50:50 меѓу двете оски, каросерија што е исклулително отпорна на свивање и со подвозје што е дотерано перфекционистички, на купето од серијата 2 на BMW недвојбено му припаѓа првото место.

Новата генерација на главниот носител на имиџот на целата Серија 2 ќе стартува со производство доцна летово. BMW при развојот уште еднаш се повика на темелите што ги постави легендарниот 2002. Новиот модел во поглед на моќноста, тракцијата, динамиката во свијоци и со прецизната управливост ќе ги исполнува барањата на најпребирливите клиенти, кои бараат веродостојни спортски гени и во модел од компакт класата.

Купето веќе ги мина тестовите и последувателните ситни преправки во водењето на тркалата, во амортизацијата, во управувањето и во сопирачките, по екстремните возења на Нордшлајфе, на Нирбургинг. Потоа следеше тестирање, дали новото купе од серијата 2 се однесува беспрекорно и во градското секојдневие, кога „карпараците“ ги ловеа прототипите по патиштата низ и околу Минхен. Секако дека бројни тестови беа извршени и на сопствената патека Мајзах, којашто нуди најразлични видови на подлоги.

New item by Automedia MK / Google Photos

Топ-моделот BMW M240i xDrive Coupé и натаму ќе располага со линиски шестцилиндарец од 3,0 литри, со турбо-натполнење и со моќност зголемена од сегашните 340 КС на 374 КС. Менувачот останува класичен автоматик со 8 степени и со спортски карактер. Погонот во оваа моделска изведба ќе биде на сите тркала, со нагласок на задната оска.

Функцијата на блокада на распределбата на вртежниот момент меѓу двете тркала на задната оска кај новиот M240i xDrive ќе го врши електромотор. BMW ветува уште поекстремни вредности на странично забрзување, а соодветно на тоа и значително зголемена динамика при излегување од свијок.

Каросериајта на новиот модел е покрута на торзија за околу 12 проценти во споредба со претходничката, меѓу другото и преку користење на класични шипки за зајакнување на каросеријата во опашот. Во екстрем е отидено и во ширината на трагата на предната и задната оска, која што исто така е зголемена значително. Тоа уште повеќе ќе го смали наведнувањето на каросеријата во свијоци.

Целата гама на купето од серијата 2 ќе располага со амортизери што реагираат зависно од одот. На мали нерамнини, тие ќе реагираат помеко, на поголеми нерамнини ќе следи покрута реакција. Опција ќе биде приспособливо M подвозје со електронски регулирани амортизери и со можност за избор на спортски или комфорен режим. Опција во купето ќе биде и управување со променлив преносен однос.