Mercedes Citan беше одлично возило за сите намени во понудата на марката со сребрената ѕвезда, но имаше мал „проблем“. Citan не беше Mercedes, туку Renault Kangoo. Новата генерација на моделот се води како T-Class, којашто и натаму ќе користи техника од Renault, но ќе има повеќе разлики во изгледот и поголема веродостојност за обврзувачкиот знак на Mercedes.

Новата генерација на Mercedes Citan го менува името во T-Class, но тоа не е единствената суштинска разлика во споредба со претходникот. Mercedes ќе го нуди моделот и во електрична изведба, како што најавува сега со прикажувањето на првите фабрички слики од EQT, електричната изведба на T-Class. Моделот во класата на Caddy, Rifter & Co личи мошне благородно и реално за автомобил од сериско производство.

Продажбата на стандардниот T-Class ќе започне веќе во првото полугодие од следната година. Малку подоцна ќе следи и електричната изведба EQT. Раширените крила напред внесуваат извесна спортска нота, што досега не беше вообичаена кај моделите од овој вид. Впечатокот го засилуваат и тенките дневни светла со диодна техника, како и маската што е развлечена надолу.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи станува збор за студиски автомобил, во маската на Vision EQT се наоѓаат ситни светлечки ѕвезди. Овој детал секако дека ќе изостане во сериската верзија, заедно со останатите мустри во сличен стил на тркалата и на покривот. Обележје на EQ-моделите на Mercedes се светлечките ленти по целата ширина на предниот и задниот дел.

Задниот дел е мазен и типично за повеќенаменските возила завршува вертикално. Убав детал е светлечката лента што тука минува под работ на задниот прозорец. Впуштените рачки на вратите исто нема да доспеат во сериската верзија, но затоа може да се очекува дебелата хромирана рамка околу прозорците, што внесува благородна нота.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено за класата, Mercedes T-Class и електричниот EQT ќе се нудат и во изведба со продолжена каросерија. Кај студијата станува збор за таа изведба. Со 4,95 метри, EQT е за 20 сантиметри подолг од Citan, на кого штотуку му заврши производството. Ширината од 1,87 метар и висината од 1,83 метар се во вообичаените рамки.

Белите седишта во студискиот автомобил исто така укажуваат на неговиот премиум-карактер. Воланот и рачката на менувачот исто се во бела боја. Инфо-забавниот систем со напредни говорни команди MBUX ќе биде дел и од EQT, но во комбинација со помал дисплеј отколку што е вообичаено во лимузините на Mercedes. Интересно е тоа што инструментите во студискиот автомобил се аналогни. Лизгачки страни има од двете страни на возилото, а внатре има место за седум патници. Вообичаено за овој вид возила, посебно чувство создава изобилството простор над главата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mercedes не објавува податоци околу моторите. Бидејќи моделот е дел од соработката со Renault, голема е веројатноста дека и моторите на T-Class ќе потекнуваат од францускиот Kangoo. Во случајот на електричниот EQT, тоа значи електромотор со моќност од 60 киловати и батерија од 33 киловатчасови. Kangoo Z.E. со оваа техника минува до 230 километри.

>>> Електричниот Mercedes EQA месечно се продава во 20.000 примероци