Новина во ценовникот на Suzuki за Македонија. Vitara и S-Cross отсега се достапни и во изведба со шестстепен автоматски менувач. Станува збор за менувач од „добрата стара школа“, односно за класичен автоматски менувач со претворач на вртежниот момент.

Љубителите на автоматските менувачи од класичен вид сега имаат причина плус да погледнат во салонот на Suzuki. Како што македонскиот увозник најави уште лани, во гамата на Vitara и на S-Cross од пролетва се нуди и изведба со класичен автоматски менувач со претворач на вртежен момент. Познавачите посебно ја ценат оваа класика, затоа што промената на степените на пренос одвај се чувствува, се врши брзо и воедно логиката на менувачот работи многу подоверливо.

Во добриот манир на Suzuki, разликата меѓу верзијата со мануелен менувач и автоматски менувач изнесува 2.000 евра. Единствено моделот со основното ниво на опрема GL не е достапен со новиот автоматски менувач, но затоа тој е достапен и во верзијата со погон напред и во верзијата со погон на сите тркала.

Со средното нивото на опрема GL Plus, цената на Vitara 1.4 Hybrid 48V 2WD со менувач 6AT изнесува 23.500 евра. За верзијата што располага со погон на сите тркала, цената е 25.500 евра. Стандард во ова ниво на опрема на Vitara се пакетот системи за асистенција (предупредување при возило во мртов агол, за возило што наидува од попречен правец при излегување наназад, самостојно запирање при опасност од судир со препознавање пешак на пат, камера за знаци и следење лента), радио со дисплеј од 7 инчи, поврзување со паметен телефон, грејачи во предните седишта, кожа на волан, алу-тркала од 17 инчи, хромирани детали надвор и внатре и уште бројни ставки. Тоа е ист состав на пакетите на опрема како во ЕУ, не постои отстапка.

Со врвното ниво на опрема GLX, цената за верзијата со автоматски менувач и погон напред изнесува 25.900 евра, додека верзијата со погон на сите тркала чини 28.500 евра. Во ова луксузно ниво доаѓаат паркинг сензори, пристап без клуч, навигација, велур и вештачка кожа на седиштата, собирање на ретровизори и др.

Во погонот, Suzuki Vitara одамна се цени како „шампион“. Благиот хибриден погон се состои од 1,4-литарски бензинец со 129 КС, со турбо-натполнење и стартер-генератор во замена за обичен стартер и алтернатор, кој работи во 48-волтна мрежа. Користа се состои во тоа што стартерот е поврзан со ремен со коленастото вратило и стартувањето на моторот е тивко, меко и брзо, но суштината е во тоа што при секое запирање или обично отпуштање гас, залетот на возилото се користи за стартерот да се „претвори“ во генератор и енергијата да се акумулира во малата батерија под совозачкото седиште. Таа енергија е доволна да му асистира на моторот при поаѓање и забрзување, со цел да се постигне заштеда. Системот е делотворен и возилата на Suzuki со овој погон повеќепати беа на тест во Аутомедиа.

Кај S-Cross, кој е наследник на SX4, цените за автоматската изведба се 23.900 евра за GL Plus 2WD и 25.900 евра за 4WD, односно 25.900 евра за GLX 2WD и 28.500 евра за 4WD.

>>> Како Suzuki Vitara ја укина индустријализацијата на секојдневието