Fabia е второто големо моделско име на Škoda, покрај Octavia, што е присутно во понудата уште од најраните години на Volkswagen-тренингот на чешката марка. Тоа значи дека моделот ги има доживеано сите промени што низ годините се случуваа таму. Во сега веќе четвртата генерација, пак останал простор за промени, големи и тоа.

Škoda Fabia во својата четврта генерација првпат ја користи платформата MQB-A0 на концернот Volkswagen. Не недостигаа традиционалните суперлативи за денешната голема премиера: Fabia е најпросторен автомобил во градската класа, има најголем багажник, има напредувано многу и во комфорот, во безбедноста, во системите за асистенција. Притоа, таа ги задржува високата противвредност и функционалноста, односно тоа „прави новата Fabia да биде вистинска Škoda“.

Томас Шефер, човекот што ја има честа прв да каже за новиот модел, како извршен директор на Skoda Auto: Fabia е составен дел од нашето портфолио подолго од 20 години и ги поседува суштинските вредности на нашата марка, како ниту еден друг модел. Најновата генерација поседува сé што е потребно да се продолжи успехот на претходничките.“ Германскиот директор на чешката марка, сето тоа вешто го сведува во мото – „сé што ви е потребно, и уште малку повеќе.“

За насловот, значи: Со 4.108 милиметри, новата Fabia е значително подолга од претходничката. Golf во својата четврта генерација е долг 4.149 милиметри. Багажникот додаде уште 50 литри, така што сега располага со вкупно 380 литри. Тоа што не се гледа, но помага и да не се „почувствува“, тоа се бројните системи за асистенција што доаѓаат со MQB-A0 и помагаат за безбедноста и воедно за комоцијата. Каросеријата е покрута, техничарите ветуваат врвна безбедност.

Емотивен дизајн во спој со врвна аеродинамичност во класата и над 900 километри со полн резервоар

По дизајнерските егзибиции со Octavia & Co е сосем нормално што и Fabia доживува големо поместување напред во поглед на емоциите што ја поттикнува нејзината појава. Предните светла (стадардно до диодна техника) личат остро како жилет, задните светла користат диодна технологија и потсеќаат на занаетчистите изработки од кристал што имаат долга традиција во Чешка. Арматурната табла е симетрична, со издвоен дисплеј што тронува во средина. Опција се дигитални инструменти, а боја внесуваат и украсните лајсни по должината на кокпитот.

Во почетокот ќе бидат достапни трите нивоа на опрема Active, Ambition и Style, по нив ќе следи и традиционалната лукс-изведба Monte Carlo. Понудата од мотори ја сочинуваат пет бензинци, со моќност меѓу 65 и 150 КС. При доплата за резервоар од 50 литри, досегот надминува 900 километри. За тоа придонесува и коефициентот 0,28. Подвижните ламели во предната маска се затвораат при повисока брзина – при 120 km/h, тоа заштедува 0,2 литри на секои 100 километри.

Мајсторски детал на главниот дизајнер Оливер Стефани се рабовите во предните врати што го претставуваат триаголникот во чешкото знаме

Покрај тоа што е за 11 сантиметри подолга од Fabia III, новата Škoda има и меѓуоскино растојание подолго за 94 mm (2.564 mm), додека ширината изнесува 1.780 mm (+48 mm). По соборување на задната клупа се добива товарен простор со зафатнина од 1.190 литри.

Многу е работено на аеродинамичноста. Продолжениот заден спојлер е само еден знак што укажува на тоа. Во подот се поставени вкупно дванаесет панели што го обложуваат истиот, додека претходно беа само три. Тркалата со дизајн Proxima и Procyon создаваат исклучително низок отпор на воздух. Паралелно е работено и на звуците што ги произведува струењето на воздухот. Првоат се користени новите аеро-акустични симулациски методи, со цел да се смали звукот во кабината.

За каросеријата на новата Škoda Fabia може да се бира меѓу девет бои. Две металик бои – феникс портокалова и графит сива – првпат се користат во марката. Во комбинација со црна боја со бисерен ефект и со новата графитна сива боја може да се нарача покривот, капире на ретровизорите и рамката на маската да бидат лакирани во контрастна боја. За тркалата може да се избира до 18 инчи.

Средишниот дисплеј во врвната изведба располага со пречник од 9,2 инчи. Првпат во Fabia може да се нарачаат дигитални инструменти, со пречник од 10,25 инчи. Новина е можноста за греење на ветробранот и на воланот. Во највисоките нивоа на опрема се добива впечаток на автомобил од повисока класа, со штеповите во бакарна или сива боја, како и со амбиенталното осветлување што е стандард во Style и дозволува избор дали украсната лајсна на таблата да биде осветлена во бела или црвена боја. Секако, воланот е со два краци по пример на Octavia, а може да се избере и спортски волан со три краци. Меѓу бројните премиери во Fabia спаѓа и двозонската автоматска клима, заедно со канали за доведување свеж воздух за патниците на задната клупа.

Младата генерација возачки и возачи – но, излегува дека и сите останати – ќе се радуваат на постојаната онлајн-врска на возилото со вграден eSIM. Телефон може да се поврзе безжично, има и можност за индуктивно полнење, а во врвниот инфо-забавен систем Amundsen следат и ракување со гестикулација и со говорни команди, односно во комуникација со гласовно симпатичната Лаура.

Škoda Fabia може и сама да управува на автопат, според стандардите за Ниво 2 на автономно возење

При доплата за системот Travel Assist, Fabia може да реагира на побавни возила напред при брзини до 210 km/h и да презема благи корекции на автопат за да ја следи лентата. Уште една голема новина е предупредувањето при возило во мртвите агли, кое што реагира уште од 70 метри. Самостојното паркирање повеќе не е толкава сензација. Системот за самостојно запирање при опасност сега препознава пешак или велосипедист на пат, а има и камера што ги чита знаците.

Сите мотори MPI и TSI ја исполнуваат нормата Euro 6d, топ-мотор е 1,5 TSI со 150 КС

Двата мотори 1.0 MPI се водат под генерацијата EVO и располагаат со 4 kW повеќе од претходниците, односно сега нудат 65 и 80 КС. Škoda ги произведува овие мотори за целата групација Volkswagen. Топ-моторот 1.5 TSI со 150 КС стандардно доаѓа со 7-степен DSG, а поседува и технологија ACT, односно исклучување на два цилиндри при ниско оптоварување, заради заштеда. Моторите со 65, 80 и 95 КС имаат петстепен мануелен менувач. Во 1.0 TSI со 110 КС може да се избира меѓу 6-степен мануелен менувач или 7-степен DSG како опција.

Технички податоци · Škoda Fabia 1.5 TSI EVO

  • Цилиндри 4
  • Моќност 150 КС
  • Вртежен момент 250 Nm
  • Пренос 7-степен менувач DSG
  • Крајна брзина 225 km/h
  • Забрзување 0–100 km/h за 7.9 s
  • Просечна потрошувачка 5,6 l/100 km
  • Емисија на CO2 128–142 g/km

За крај, како специјалитет од Škoda секогаш следат новините во делот на „едноставно мудро“. Има пет комплетно нови изуми, односно вкупно 43 посебно решени детали што се поврзуваат со практичноста во секојдневието, од кои осум се преземени од останатите модели на марката. Новите пет „изуми“ имаат за цел каросеријата и багажникот да останат чисти.

Дел од Simply Clever деталите што се достапни во Fabia:

  • Преклопување на совозачкото седиште
  • Два џеба за телефон во предните седишта
  • Џеб со повеќе функции
  • USB-C приклучок во внатрешниот ретровизор
  • Преклоплива преграда во багажникот
  • Светло за читање назад што може да се вклучи од напред
  • Отстранлив држач за чаша
  • Држач за мапа и пенкало во предрадата пред рачката на менувачот
  • Држач за карта и монети во поклопецот на касетата пред совозачот
  • Преграда во тунелот пред задните седишта со држач за чаша
  • Отстранлив штитник за сонце за панорамскиот покрив
  • Заштита на прагот на багажникот

Модел за успех: Во 22-те години се продадени повеќе од 4,5 милиони примероци од Škoda Fabia

Од премиерата во 1999 година, од наследничката на Favorit и Felicia се продадоа над 4,5 милиони примероци, вклучувајќи ја и комби-изведбата што повеќе не се нуди. Единствено Octavia се има продадено во повеќе примероци.

Најголеми пазари за моделот лани биле Чешка со 16.280 продадени примероци, пред Германија (16.054) и Полска (12.805 примероци).

>>> Фолксвагенова симфонија број 8 во MQB-мајор