Првите електрични возила на Toyota што стартуваат со продажба на европскиот пазар се фургонот Proace Electric и миниванот Proace Verso Electric.

Уделот на доставни возила со погон на струја во Европа моментно достигнува само еден процент, меѓутоа побарувачката расте брзо, а соодветно и политиката го поттикнува преоѓањето на чистиот и тивок погон. Воедно се зголемува и бројот на зони со ниска или нулта емисија на СО2 во градовите, во коишто за достава можат да пристапат само возила со електричен или хибриден погон. Зголемената онлајн-продажба, посебно во време на пандемијата, исто така придонесе за побарувачката за доставни возила да се зголеми значително.

Досегот на Toyota Proace Electric и Proace Verso Electric изнесува до 330 километри, додека времетрањето на полнењето при користење брзи полначи се скусува на помалку од еден час. На тоа се надоврзува и гаранција од 8 години или 160.000 километри. Proace Electric веќе е достапен во Норвешка, Холандија и Швајцарија од последниот квартал лани. Неодамна стартуваше и продажбата во Данска, Финска, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Шведска и во Велика Британија.

New item by Automedia MK / Google Photos

За двата модели може да се избира меѓу две различни големини на батеријата. Електромоторот ги движи предните тркала. Помалата батерија има 50 kWh, тежи 383 килограми и нуди реален досег до 230 километри. Поголемата батерија располага со 75 kWh и тежи 534 килограми, што дозволува досег до 330 километри.

Може да се избира меѓу четири видови каросерија: Миниван Verso, фургон, комбе со товарна платформа и гола платформа. Изведбите со средна и долга каросерија се достапни со двете големини на батерија, додека во помалите изведби се вградува само батеријата од 50 kWh.

Со дневен просек од околу 45 километри, полна батерија на Toyota ProAce Electric ќе трае и неколку денови

Истражувањата на Toyota покажаа дека клиентите дневно минуваат само 45 километри. При капацитетот на батеријата на Proace и Proace Verso Electric, тоа значи дека возилото дури и не мора секој ден да се приклучува на полнач.

Максималната моќност на електромоторот изнесува 135 КС, вртежниот момент достигнува 260 Nm. Крајната брзина е ограничена на 130 km/h, забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 13,1 секунди. Во штедлив режим, моќноста се намалува на 82 КС / 60 kW и 190 Nm вртежен момент, додека во морнален мод се вози со максимално 109 КС / 80 kW и 210 Nm вртежен момент.

Во возилото е вграден сопствен полнач од 7,4 kW. Опција е поставување ѕиден полнач во круг на фирмата или слично, со моќност од 11 kW. Доколку стои на располагање полнач од 100 kW со еднонасеочна струја, тогаш батеријата од 50 kW се полни до 80% за 32 минути (48 min за 75 kW).

>>> Toyota го пушта водородниот мотор на трки