Toyota bZ4X Concept доживеа деби на салонот Ауто Шангај (до 28-ми април), како прв електричен модел на јапонскиот хибрид-специјалист врз самостојна платформа. СУВ-моделот со погон на сите тркала го означува преоѓањето на Toyota во понудувач на сите видови на мобилност.
Буквите bZ во ознаката се однесуваат на „beyond Zero“ и за непостоењето каква било штетна емисија при користењето на возилото. Ознаката воедно укажува на користа од електричниот погон за животната средина, а со тоа и за секоја единка и за целото општество.
Студијата е развиена заеднички со Subaru. Се очекува сериското производство да започне во средината на следната година. Големо внимание е посветено на удобниот престој на патниците во возилото и на неговото вмрежување. Главниот инженер Коџи Тојошима: „Нашите клиенти го ценат заедничкото време со семејството и пријателите. Кога ќе сакате да го користите тоа време, Toyota bZ4X Concept ќе послужи како ротирачка платформа“.
На местото каде што возилата со обичен погон имаат маска, bZ4X има најразлични сензори, светла и аеро-елементи, кои создаваат впечатлив изглед, оддавајќи моќност и претставителност. Возилото користи посебно развиена приспособлива платформа за електрични возила e-TNGA. Спортскиот теренец со големина слична со RAV4 се одликува со долго меѓуоскино растојание и куси каросериски превиси. Електричниот погон дозволува многу просторна кабина.
Ниската арматурна табла ја подобрува прегледноста и уште повеќе го засилува чувството за просторност. Дигиталниот дисплеј над воланот ги прикажува сите информации во видното поле на возачот. Констукторите се погрижиле возачот да добие чувство како директно да е поврзан со патот.
Во поглед на погонот, тоа не е нов терен за Toyota, којашто подолго од 20 години работи на подрачјето на електрификацијата на погонската спрега и преоѓањето на погон само на струја е поставено како идна цел уште при стартот со продажбата на првата генерација на Toyota Prius. Јапонските специјалисти нагласуваат дека целата погонска спрега од електромоторот, контролната електроника и менаџирањето со батеријата се одликува со врвна ефикасност и со конкурентен досег.
Соларен модул на покривот се грижи за батеријата да се поднаполни со енергијата на сонцето
Користејќи ги искуствата во хибридните и приклучните хибридни модели на Toyota, инженерите развија поефикасна и поголема високонапонска батерија, којашто овозможува долг досег и при голем студ.
Погонот на сите тркала се постигнува со по еден електромотор на секоја оска. Тука дополнително се користи и искуството на Subaru во погонот на сите тркала, а секако на тоа се надоврзува експертизата на Toyota.
Управувачот по електронски пат е поврзан со електромоторот на управувачката летва. До воланот не допираат ударите и вибрациите од подлогата, а јапонските инженери ветуваат дека се подобрува и реакцијата во зависност од брзината и од аголот на тркалата. Соодветно и формата на воланот е сменета драстично. Со оваа форма нема потреба да се префаќа воланот при паркирае или маневрирање во тесно.
Toyota bZ4X Concept е прв модел во новото семејство модели bZ. До 2025 година, јапонскиот концерн ќе понуди вкупно 15 модели со погон на струја, од кои седум ќе бидат од семејството bZ.
Според предвидувањата на стратезите на Toyota, во 2025 година повеќе од 70% од продажбата на автомобили од марката во Европа ќе ја сочинуваат хибриди, околу 10% ќе бидат приклучни хибриди, додека преостанатите 10% ќе ги сочинуваат батериски и водородни електрични автомобили.