Големиот сон на шефот на спортската марка Cupra наскоро преоѓа во реалност. Електричниот СУВ врз основа на концептот Tavascan ќе доживее сериско производство во 2024 година.

Нашиот сон станува стварност: Cupra Tavascan ќе биде реалност. Конструиран врз платформата MEB на групацијата Volkswagen, тој ќе биде дизајниран и развиен во Барцелона, а ќе стартува со продажба во Европа и на прекуокеанските пазари во 2024 година“, изјави шефот на шпанската марка Вејн Грифитс.

Cupra го прикажа Tavascan како концепт на електричен автомобил на салонот во Франкфурт во 2019 година. Целта беше сцената да стане свесна дека спортскиот ген, што е основа на марката Cupra, се постигнува и со електричен погон. По помалку од две години, марката веќе потврдува дека Tavascan ќе влезе во сериско производство во 2024 година. Тоа ќе биде вториот целосно електричен модел на Cupra, по Born чијашто премиера се очекува кон крајот на годинава.

Основа на возилото е платформата MEB, каква што користат VW ID.4 и Skoda Enyaq. Грифитс открива дека тимот за развој во Марторел веќе работи на подготовка на моделот за сериско производство.

Сцената реагираше одушевено од изгледот на Cupra Tavascan Concept, кој освои и прво место во категоријата на концептни автомобили во рамките на меѓународниот избор „Automotive Brand Contest“.

Годинава се предвидува Cupra да одигра важна улога во финансиските резултати на шпанската компанија, преку двојно зголемување на продажбата. Лани возилата на Cupra донеле 900 милиони евра во касата на Seat. Гамата на Cupra ќе донесе зголемување во вкупната продажба на Seat за 5 до 10 проценти.

Директорот Вејн Грифитс најави и старт за спортската марка на нови пазари. Австралија е на ред в година, од каде што Cupra понатаму ќе го проширува своето присуство во целиот регион на Азија и Пацификот.

Cupra Tavascan Concept · Основни технички податоци

По еден електромотор напред и назад, погон на сите тркала

225 kW (306 КС)

Капацитет на батерија 77 kWh

Досег со полна батерија до 450 km