Автомобилот на Škoda за Индија е ист како секој друг модел на Чесите, но е „за Индија“ поради потеклото. Дури 95% од деловите се произведени кај добавувачите во земјата. Компактниот СУВ-модел во основата е сличен со Kamiq, со неколку зафати заради приспособување на моделот за големиот пазар.
Главните зафати врз основата од Škoda Kamiq се во дизајнот, за изгледот на компактниот СУВ да се доведе во согласност со вкусот на индиските возачи. Тоа подразбира авантуристички изглед и цврста појава, нагласено со боите што во Индија се многу поживи и посмели од тие што сме навикнати да ги гледаме во Европа. Двете екскузивни бои за Kushaq се торнадо-црвена и медено-портокалова, достапни само за Индија. Во понуда се и бела, сребрена и сива боја.
Škoda Kushaq е долг 4.221 mm, широк 1.760 mm и висок 1.612 mm, меѓусокиното растојание изнесува 2.651 милиметри. Со овие димензии, индискиот СУВ одговара и за градскиот метеж и за патиштата ширум големата земја, што честопати се нерамни и запуштени. Во прилог на тоа оди и клиренсот од 188 милиметри. Тркалата стандардно имаат пречник од 16 инчи, може да се доплати за алу-тркала од 17 инчи.
Друга локална посебност на Kushaq е клима-уредот што е стандард уште во основниот модел. Во повисоките нивоа се вградува автоматска клима. Багажникот располага со зафатнина од 385 литри. Во кабината стојат на располагање бројони прегради, кои заедно нудат простор од 26,2 литри. Тоа што ќе им значи најмногу на индиските клиенти е малото вдлабнување во таблата во коешто возачите можат да го чуваат својот среќен талисман.
Škoda Kushaq е прв автомобил во Индија што располага со ЕЅР во сериската опрема
СУВ-моделот од чешката марка нема да биде најдостапниот автомобил во понуда, но затоа клиентите ќе ја ценат противвредноста на возилото. Диодни светла се стандард почнувајќи од второто ниво, заедно со диодна техника за задните светла. Škoda Kushaq е прв автомобил во Индија што располага со контрола на стабилност како сериска опрема. Тоа го нагласува вниманието во безбедноста.
За погонот може да се избира меѓу 1.0 TSI со 115 КС или за 1.5 TSI со 150 КС. Опција е менувач со двојна спојка, шестстепен кај послабата и седумстепен кај посилната изведба.
Škoda во 2018 година ја презеде улогата да ги предводи активностите на концернот Volkswagen во Индија. Во следната година беше отворен центар за технологија во Пун, а потоа и центар за дизајн. Чешката марка го најави моделот преку студијата Vision In.