Моделот што некогаш беше ѕвезда во понудата на Peugeot денес само ја следи конкуренцијата во компакт класата. Seat Leon и Kia Ceed се многу поубедливи пред купувачите, додека традиционалните „хај-селери“ Golf и Focus се далеку напред. Peugeot 308 во новиот обид доаѓа со хибриди, но дизелот останува.

Новиот Peugeot 308 е долг 4,37 метри, што е за 11 сантиметри повеќе во споредба со претходникот. Во дизајнот исто нема изненадувања, Французите и во новиот 308 ја применуваат истата шема од којашто пазарот кога тогаш ќе почне да се заситува.

Поглавјето за погонот не носи новини. Главнината од продажбата ќе отпаѓа на 1,5-литарскиот дизел со 130 КС и 300 њунтметри, кој може да се комбинира и со осумстепен автоматик. Постојат две верзии со приклучен хибриден погон, со моќност од 180 и 225 КС, но нивната цена веќе задира во ценовниот сегмент во којшто купувачите повеќе избираат модел од друга марка. Во двата модели со приклучен хибриден погон работи 1,6-литарски турбо-бензинец со 150, односно со 180 КС, во комбинација со електромотор од 110 КС што ја задвижува предната оска. Батеријата има капацитет од 12,4 kWh, што дозволува досег до 60 километри. Резервоарот во овие верзии е сведен на само 40 литри.

Скромна е понудата од бензински мотори. Таа се сведува на 1,2-литарскиот трицилиндарец, со моќност од 110 или 130 КС. Може да се очекува верзија PSE со приклучен хибриден погон и електромотор назад, меѓутоа таа повеќе служи за имиџ. Електрична верзија e-308 исто би требало да се придружи во гамата.

Меѓуоскиното растојание е зголемено за 5,5 сантиметри, багажникот порасна на 412 литри, односно 1.323 литри со соборена клупа. Кокпитот со мал волан и високо поставени инструменти е стандард во Peugeot.

>>> Жил Видал си замина од Peugeot, ќе дизајнира за Renault