Долго време се шпекулира дека Suzuki подготвува изведба од Jimny со продолжено меѓуоскино растојание и со пет врати. Паралелно постојат гласини дека Jimny може да се појави и во пикап-изведба. Дури се спомнува и вградување на верзија на 1,5-литарскиот бензинец со благ хибриден погон.

Многу претпоставки, голема неизвесност околу тоа што Suzuki ќе го пушти во сериско производство, откако беа забележани тест-возила од Jimny како возат по патиштата во Европа, меѓу другото и во Австрија.

Кусо потсетување за спектаклот што малечкиот теренец со големи достигнувања ги постигна во актуелната генерација. По дебито во 2018 година, пазарот буквално полуде по малечкиот, но сосем способен теренец. Дизајнерите направија неодолив спој на ретро елементи на класичен теренец и изглед на модерен автомобил. За Suzuki Jimny се плаќаа и двојно повисоки суми за да се дојде до примерок и да се избегне неколкумесечното чекање на моделот. Побарувачката за моделот беше многу повисока од тоа што Suzuki го имаше испланирано да го произведува.

На македонскиот пазар, увозникот на Suzuki само лани испорача околу 25 примероци, во годината пред кризата беа продадени двојно повеќе возила. Моделот и натаму е достапен кај нас во нормална верзија. Во Европа моделот моментно се продава само во комерцијалната верзија, без задна клупа и со брзинско ограничување.

Шпекулациите за верзија со пет врати кружат долго, а истите се засилија откако Suzuki почна да произведува дополнителни количини од Jimny во своите фабрики во Индија, кај својата посестринска компанија Maruti Suzuki. Верзија со пет врати и со екстра простор сигурно ќе биде хит во пазарите што ги опслужува индиската фабрика.

На шпионските фотографии на Jimny се забележува дека каросеријата е значително подолга, но недостигаат задните врати. Прашање е дали станува збор за ран прототип, што понатаму ќе претрпи дополнителни каросериски преправки. Постои и можност Suzuki да понуди доставна верзија со подолг товарен простор, а верно на традицијата, може да се очекува и пикап или некаква варијанта со отстранлив цврст покрив.

Во последно време почнаа да кружат гласини дека под хаубата ќе проработи верзија на 1,5-литарскиот бензинец во комбинација со стартер-генератор, односно во верзија на благ хибрид, со којашто потрошувачката на мини теренецот ќе се доведе на исто ниво со штедливците на Suzuki, односно со Ignis, Swift, Vitara и S-Cross, кои без исклучок, уште од лани возат само во верзија како благ хибрид.

>>> Suzuki Jimny во пикап-изведба, дело на еден и единствен човек