Уште една моделска изведба што се повикува на традицијата на Renault во мотоспортот. Првпат во гамата на кросоверот Captur е достапна изведба R.S. Line, којашто со стилот го следи духот на вистинските RS-модели, но е достапна со стандардните мотори.

Моделската изведба R.S. Line пристига како новина во гамата на Renault Captur. Нагласокот е ставен на динамиката во изгледот и на спортскиот стил во внатрешноста. Спортската изведба доби преден браник со спојлер во стил на F1 и со маска со саќеста решетка, со сив дифузор назад, дополнително затемнети задни стакла, двојна хромирана издувна цевка и алу-тркала од 18 инчи со дизајн Le Castellet. Секако не недостига беџ R.S. Line на багажникот.

По средината на седиштата минуваат шест црвени линии, а како класика, седиштата се штепувани со конец во црвена боја. Во истиот стил продолжува воланот со перфорирана кожа и со црвено-сиво штепување. Француските стилисти додале и плочки на праговите и црвена лента во отворите за воздух. По целиот кокпит минува и украсна лајсна со изглед на карбон.

Стандардна опрема се дигитални инструменти од 10 инчи, паркинг сензори напред и назад, плус камера, безжичен полнач за телефон и електрохроматски внатрешен ретровизор. Captur R.S. Line е достапен со моторите TCe 140 и E-Tech Plug-in 160.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos