Електричниот Kia EV6 носи уште една револуција. Сите идни возила на марката ќе се раководат според изгледот на електро-кросоверот, новиот дизајн е именуван „Opposites United“. Комплетно новата електрична платформа E-GMP му обезбедува на кросоверот простор како во луксузна класа.

Како дел од долгата најава за новиот модел, Kia денес ги објави првите фотографии од EV6, прв електричен модел што е развиван само за погон на струја. Kia моментно има два електрични модели – Soul и Niro – но, тие се нудат и во изведби со обичен мотор, односно со хибриден погон. За разлика од нив, EV6 нема да постои во друга верзија освен електрична.

На премиерата на електричниот кросовер претходеа новото лого и новиот слоган „Movement that Inspires“, со коишто корејската марка ја покажува својата подготвеност за иднината и воедно се профилира како компанија за мобилност – освен производство на возила, Kia ќе нуди и услуги на мобилност, од краткотраен наем на возило „на улица“ до претплата на автомобил.

https://photos.app.goo.gl/CzrM7qVeoy1ga1TF9

Изгледот на Kia EV6 следи сосем нова шема, односно ја поставува основата на новата дизајнерска филозофија „Opposites United“. Инспирацијата доаѓа од контрастите што се среќаваат во природата и во човештвото. Новата визуелна препознатливост буди позитивни чувства и природна енергија, со спој на контрасти, на остри стилски елементи и скулптурирани форми.

Дизајнерот Карим Хабиб, за своето ново дело ќе каже: „EV6, првиот засебен електричен автомобил на Kia, претставува приказ на прогресивен дизајн што е посветен на човекот и на електрична моќ. Убедени сме дека EV6 е неодолив и важен модел за новиот пазар на електрични возила.“

Новата филозофија на дизајнот се базира врз пет клучни столбови: ‘Bold for Nature’, ‘Joy for Reason’, ‘Power to Progress’, ‘Technology for Life’, и ‘Tension for Serenity’.

Дневните светла со впечатлив изглед му даваат дотерана и современа појава на EV6. Тие се дел од „дигиталното тигарско лице“, како дизајнерски напредок што познатиот „тигарски нос“ на сегашните модели го пренесува во ерата на електромобилноста. Светилките се вклучуваат едноподруго. Долниот отвор за воздух прави каросеријата да изгледа уште поширока, во исто време нагласувајќи дека станува збор за висока технологија. Врвна работа на аеродинамичарите се крие под возилото.

https://photos.app.goo.gl/ummYU6YrsV3Mz6Ga7

Страничната силуета прикажува контраст на остри линии со детали на висока технологија, за на тој начин да се постигне возбуда во дизајнот. Ветробранот е силно закосен и оддава динамика. Сите линии и површини како да кулминираат во опашот, кој ѝ дава волумен на формата. Има многубројни свежи детали, еден од нив е т.н. карактерна линија што минува под вратите и назад се искачува за да дојде во иста линија со светлата. Тоа ја продолжува силуетата на Kia EV6.

Изгледот е резултат од соработката меѓу сите три дизајнерски студија на Kia, во Намјанг (Кореја, Франкфурт (Германија) и Ирвајн (Калифорнија, САД).

Одличен впечаток оставаат фотографиите од внатрешноста. Како што објаснуваат дизајнерите, тој се должи на новата платформа E-GMP, со којашто се добива многу повеќе слободен простор. Кокпитот повеќе изгледа како домашна и позната територија, место да оддава футуристичка нота. Секако дека напредната технологија е присутна во полн обем. Вниманието во тој поглед прво го привлекува долгиот и заоблен дисплеј со висока резолуција. Едноставната форма на заоблениот дисплеј со елегантната арматурна табла се грижи за чувство на просторност. Бројот на физички прекинувачи и команди е сведен на најмалата можна мера.

https://photos.app.goo.gl/uKkFPDcjKqdv7BGY8

Копчињата за вентилацијата и климатизацијата во средишната конзола располагаат со повратна вибрација при ракување. Веднаш под овие команди, конзолата се вовлекува под арматурната табла, за да се нагласи чувството на просторност.

Kia во оваа фаза од премиерата на значајниот електричен модел посочува уште на седиштата, кои се тенки, лесни и модерни, обложени со визуелно интересни и издржливи материјали.

Комплетната премиера ќе се одржи уште во текот на месецов, на онлајн-настан што ќе биде пренесуван масивно преку сите дигитални канали на Kia.

https://photos.app.goo.gl/VTFJJTPmvXTCEk5BA

https://photos.app.goo.gl/CgQvwbUvq7e9MBsAA

https://photos.app.goo.gl/kS3o3HjXmtbpV15Q7

https://photos.app.goo.gl/QYrTVjXJPz8U4Wfg6

>>> Kia го најавува конкурентот на Tesla Model Y за 15-ти март