Големото освежување во понудата на Toyota на македонскиот пазар, навистина е големо. Петметарскиот Highlander воведува сосем ново поглавје во понудата од модели на Toyota, со техника од RAV4, но со уште повеќе простор, со уште побогата опрема, стандардно со погон на сите тркала, и секако, хибрид.

Од денес во салонот на Тојота Авто Центар е изложен Highlander, моделско име што досега не беше присутно во понудата на Toyota во Европа, но затоа има дводецениска традиција во САД. Петметарскиот СУВ е позициониран над RAV4, еден од најуспешните модели во својот сегмент, на македонскиот, европскиот и на светскиот пазар. Платформата е идентична со RAV4, Camry и Lexus ES, што значи дека и во новиот топ-СУВ ќе може исто да се ужива во возењето.

Во споредба со добро познатиот RAV4, новиот модел е подолг за близу 37 сантиметри (4966 mm), поширок е за 7,5 сантиметри (1930 mm) и повисок е за 7 сантиметри (1755 mm). Разликата во меѓуоскиното растојание исто укажува на просторноста со којашто пречекува седумседот: 285 сантиметри, што е за 16 сантиметри повеќе отколку во RAV. Поради подолгата, но уште поважно, пошироката каросерија, тежината исто така е зголемена на 2.015 kg (1.795 kg, RAV4). Higlander има и 350 килограми поголема резерва за влечење приколка, односно највисоката дозволена тежина изнесува точно 2,0 тони. Со седум патници, назад уште останува простор за багаж со зафатнина од 241 литри. Ако целиот простор зад предните седишта се користи за „карго“, тогаш стојат на располагање 1.909 литри или за 219 литри повеќе отколку во RAV.

Погонската спрега се состои од познатиот 2,5-литарски бензинец што работи во штедлив еткинсонов принцип, со моќност од 190 КС, потоа од електромотор напред, со моќност од 134 kW (182 КС) и 270 Nm вртежен момент, плус електромотор назад, со 40 kW (54 КС) и 121 Nm. Системската моќност изнесува 182 kW, односно 248 КС. Спринтот до сто трае 8,3 секунди, крајната брзина вообичаено е ограничена на 180 km/h. Според реалната норма, просечната потрошувачка на хибридот изнесува 6,6 литри на сто километри (5,6 l, RAV4). Во резервоарот собира десет литри повеќе, односно вкупно 65 литри, што значи дека со еден резервоар може да се извозат близу 1.000 километри.

https://www.instagram.com/p/CMM6zjILruv/

Ценовникот почнува од 55.990 евра за изведбата со ниво на опременост Executive. Повеќе детали за обемот на опременост очекуваме најдоцна до следната седмица, но во основа Highlander располага со уште побогато и полуксузно ниво на опрема во споредба со исто именуваните нивоа на опрeма кај RAV4. Само како навестување за опременоста, уште во стандардното ниво следат алу-тркала од 20 инчи, затемнети задни стакла, диодна техника за сите функции на светлата и систем за самостојно запирање при опасност.

Осмиот модел со хибриден погон во понудата на Toyota внесува голема свежина со калифорнискиот стил (Во Њупорт Бич се наоѓа едно од двете студија за дизајн на Toyota во САД), но прикажува и сосем нова просторна димензија, верно на американското мото „Big is Beautiful“. Дури и во палетата на бои има неколку новини. Првиот салонски примерок, патем, лакиран е во боја што се води како Moodust, односно месечева прашина. Мошне е извесно дека тоа ќе биде и најпопуларната боја кај петметарскиот СУВ.

>>> Македонската Toyota го најавува новиот СУВ-модел Highlander