Hyundai повторно притиска силно на гасот. Откако Корејците одговорија на предизвикот од Volkswagen ID.3 & Co со електричниот Ioniq 5, сега вниманието се насочува кон градските СУВ-модели, кон T-Cross, Vitara и др. Цената на Hyundai Bayon се очекува да стартува далеку под 20.000 евра, продажбата стартува напролет.

Hyundai веќе има по еден СУВ-модел во секој сегмент. Во градската класа се нуди светскиот модел Venue, кој уште пред неколку месеци имаше и македонска премиера, меѓутоа тој не се нуди на целата територија на Европа. Затоа, Hyundai сега ја дополнува понудата под успешната Kona со втор модел покрај Venue, со Bayon. Кросоверот со впечатлив изглед е именуван по францускиот град Бајон, прочуено светско место за љубителите на авантуристичките спортови.

Hyundai Bayon практично е технички близнак на Kia Stonic, осмислен како стилски кросовер, со димензии слични со Kona, но без опција за погон на сите тркала. Конструиран врз платформата од Hyundai i20, „малечкиот“ СУВ и не е толку мал: Должината е 4.180 милиметри, ширината е 1.775 и висината му е 1.490 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.580 mm, багажникот располага со зафатнина од 411 литри.

Пред возачот се наоѓаат дигитални инструменти со пречник од 10,25 инчи, а во средината на кокпитот во повисоките нивоа на опрема работи дисплеј од 8 инчи. Поддршка за Android Auto и Apple Carplay важи како стандард, а доколку е вграден и големиот средишен дисплеј на допир од 8 инчи, тогаш поврзувањето со паметен телефон е безжично. Според Hyundai, единствено Bayon го нуди тоа во класата.

Растојанието од подлогата изнесува 183 mm, во комбинација со тркала од 17 инчи. Опременоста со системи за асистенција и безбедност е на високо ниво, вклучувајќи самостојно запирање при пешак или велосипедист на патот пред возилото.

Моторите се познати од Kia Stonic. Понудата почнува со 1,2-литарски атмосферец со 84 КС, над него следи 1,0-литарски трицилиндарец со турбо-натполнење и моќност од 100 или 120 КС. Послабата варијанта може по желба да се комбинира со 48-волтен благ хибриден систем (заедно со 7-степен менувач со двојна спојка), додека стартер-генераторот кој е основата на тој хибриден систем, стандардно се користи во варијантата со 120 КС.