Топ-изведбата на шпанскиот кросовер Cupra Formentor цели многу високо и погодува – со фамозниот петцилиндарец на Audi. Спортската марка што се издвои од Seat ќе го изработи автомобилот во само седум илјади примероци.

Моторот од Audi RS3 ќе работи во специјалната топ-изведба на Cupra Formentor. Моделот со дополнителна ознака VZ5 ќе се произведе во серија од седум илјади примероци, испораката е планирано да стартува кон крајот на годината. Цената секако дека ќе порасне уште малку над актуелната топ-изведба со дволитарски турбо-бензинец со 310 КС. Верзијата со екстра цилиндар на германскиот пазар ќе стартува малку под 60.000 евра. Тоа се’ уште е под цената на Audi RS Q3.

Во Audi не сакаа својот обожуван петцилиндарец да му го отстапат на Golf R, но затоа им се допадна моторот да се вградува во спортската марка на Seat, во Cupra. Моделот со ознака VZ5 располага со 2,5-литарски TSI со 390 КС и 480 њутнметри. Тоа се десет КС помалку од моќноста што уникатниот петцилиндарец ја постигнува во RS-изведбите во гамата компактни модели на Audi, односно во RS3, RS Q3 и во TT RS.

New item by Automedia MK / Google Photos

Пред пресадувањето во Formentor, моторот доживеа неколку преправки во системот за ладење. Моќта се пренесува на сите тркала, за преносот е задолжен седумстепен DSG. Поради пониската тежина, меѓу другото, шпанскиот кросовер-болид спринтува до темпо сто за три десетинки покусо од RS Q3, односно за 4,2 секунди. Крајната брзина вообичаено е ограничена на 250 km/h. Високата моќност оди заедно со прогресивно управување и приспособливо подвозје.

Ознаката VZ5 потекнува од „veloz“, шпанскиот збор за брзина, за петката е јасно

Секако дека VZ5 како специјален модел има и посебни стилски белези. Меѓу главните знаци на распознавање се косо поставените издувни цевки, по две на секоја страна. Издувот е впечатлив и по бојата, со цевки со финиш во бакарна боја, заштитен знак на Cupra. Задниот браник исто е преработен и поседува нов дифузор изработен од карбон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Напред се забележуваат темните украсни делови околу маската и во браникот. Во долниот отвор за воздух е вградена решетка со спортски груб растер, заедно со поголем сплитер од карбон. Третманот на Formentor во Formentor VZ5 го заокружуваат подвозјето спуштено за десет милиметри, проширените крила и специјалните тркала од 20 инчи. Тајга-сивата боја од премиерата е ексклузивна за VZ5.

Спортски школкасти седишта секако дека не смее да отсусгвуваат. Ентериерот по желба може да биде изведен во црн микрофибер и кафена напа кожа. Украсните штепови се во бакарна боја.

New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест: Seat Leon 1.5 eTSI FR