Возачките и возачите денес сакаат да штедат и да уживаат максимално во возењето. Suzuki во последниве години многупати се покажа како трендсетер, прво со благиот хибрид, а сега и со негово комбинирање со автоматски менувач. Бестселерот Vitara со новиот менувач ќе може и да влече приколка до 1,5 тон.

Suzuki Vitara и Suzuki S-Cross 1.4 Hybrid од март ќе почнат да пристигаат во изведба со шестстепен автоматски менувач. Благиот хибриден погон веќе одамна е прераснат во стандард во понудата на јапонската марка. Модел со обичен погон, без да има електромотор што е ангажиран во погонската спрега, веќе не постои во Suzuki. Сé е благ хибрид, иако марката не го нагласува тоа толку бучно, како некои марки кои штотуку го „научија“ благиот хибриден погон.

Погонската спрега се состои од 1,4-литарски Boosterjet, што значи од бензинец со турбонаполнење и директно впрскување, со моќност од 129 КС, и стартер-генератор. Последниов се напојува со енергија од мала, но делотворна 48-волтна батерија под совозачкото седиште. При поаѓање и при забрзување, стартер-генераторот дејствува како електромотор со моќнсот до 14 КС, помагајќи му на моторот и овозможувајќи на тој начин сосем пристојна заштеда во горивото. Електромоторот и моторот можат заедно да постигнат вртежен момент од најмногу 235 њутнметри. Тоа е повеќе од доволно за динамично и релаксирано возење.

Со влегувањето во моделската 2021 година, сите моделски изведби во гамата на Suzuki Vitara и S-Cross ќе можат да влечат приколка тешка до 1.500 килограми, што е 300 kg повеќе од претходно. Зголемената тежина на влечење важи и за изведбите со шестстепен мануелен и со шестстепен автоматски менувач.

Според Suzuki, комбинацијата од носивост од 1,5 тон и автоматски менувач е единствена во класата на Vitara и S-Cross

Автоматскиот менувач е достапен во комбинација со двете повисоки нивоа на опрема на Vitara. Компактниот СУВ доаѓа богато опремен уште во основната изведба, вклучувајќи приспособлив темпомат, автоматска клима, дигитално радио, сензор за дожд и диодни светла.

Во средното ниво, Suzuki стандардно вградува уште камера за рикверц, алу-тркала од 17 инчи, грејачи во седиштата, затемнети задни стакла и дисплеј од 7 инчи, со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto.

Безбедносната опрема традиционално е силна страна на Suzuki. Стандард во секоја Vitara се систем за самостојно запирање при пешак или велосипедист на патот, систем за следење лента, камера за знаци и радарски темпомат. Во средното ниво на опрема на Vitara се вградуваат уште систем за предупредување при возило во мртов агол, предупредување за возило од попречен правец при излегување во рикверц и помош при возење по стрмна удолнина.

Истото важи и за кросоверот S-Cross, кој е изработен според повисока спецификација и позициониран е како nicheмодел. Соодветно на тоа, во топ-нивото на опрема, Suzuki кај овој модел вградува уште џиновски стаклен покрив – секако со можност за отворање, со кожени седишта и со навигација.

Сите изведби се достапни и со погон на сите тркала. Тоа исто така останува како специјалност на Suzuki. Чекаме следно увозникот да објави пристигање на новите модели, заедно со цените, кои Vitara и S-Cross прават Best-Buy на пазарот. Понудата на македонскиот пазар почнува од 17.990 евра за Vitara Hybrid GL.

>>> Како Suzuki Vitara ја укина индустријализацијата на секојдневието

suzuki vitara hybrid N